Неделен печат – Реформи и спорна аболиција

Архивска фотографија: Поранешниот премиер Никола Груевски во Кривичниот суд во Скопје на судењето за случајот Титаник

Неделникот Капитал пишува за неопходните реформи кои ги препорачува Светската банка. Фокус, пак, пишува дека поради пасивноста на надлежните, поранешниот премиер Никола Груевски и неговите соработници може од обвинети криминалци да се претворат во жртви.

Капитал - Итни реформи во образованието, здравството, социјалната заштита и земјоделството

„Итни реформи во образованието, здравството, социјалната заштита и земјоделството“ – ова го дијагностицира Светска банка за македонската економија а го објавува неделникот Капитал како кавер стори, или главна тема во својот најнов број. Имено, експерти на Светска банка го финализирале деталниот извештај за македонската економија наречен Систематската дијагностика за Македонија што идентификува сет од реформски области за да се забрза прогресот во намалување на сиромаштијата и заедничкиот просперитет на одржлив начин. Тимот на Светска банка ја правеше Систематската дијагностика за земјата неколку месеци преку консултации со сите чинители во земјата, а финалниот извештај се очекува да биде објавен наскоро, наведува неделникот. Капитал, исто така, пренесува дека во главните пораки на студијата наречена „Македонија: Зграпчување на посветла иднина за сите“ се констатира дека земјата постигнала стабилен раст и создаде работни места, намалувајќи ја сиромаштијата и нееднаквоста на приходите. Во Систематската дијагностика е наведена препораката за развивање на инклузивно општество преку: поттикнување на подинамичен и поконкурентен приватен сектор, развој на човечкиот капитал и искористување на сите можности за социјална инклузија, како и одржување на економскиот раст преку подобрено управување и фискална одржливост.

Фокус - Од обвинети криминалци, Груевски и Фамилијата може да станат жртви со тапија

„Од обвинети криминалци, Груевски и Фамилијата може да станат жртви со тапија“, пишува Фокус критички осврнувајќи се на пасивноста на надлежните кои „наместо да се реши правната дилема и конечно да се стави црно на бело дали аболицијата е ништовна или не – спијат, а адвокатите се закануваат дека битката ќе ја водат дури до Судот за човекови права во Стразбур“. Авторката во текстот во Фокус е поттикната на ваква констатација бидејќи, како што вели, „иако на почетокот обвинетите од претходното раководство на ВМРО-ДПМНЕ јавно изјавуваа дека не им е потребна аболицијата на претседателот Иванов, а потоа тивко со неа се бранеа пред СЈО, сега на сиот глас врескаат дека се аболирани и дека судењата против нив мора да запрат“.

Веројатно од истите причини друга анализа во неделникот е насловена: „Правдата и слободата нам ни се поважни отколку на Заев“. Зошто? „Ако макар еден од двата столба на борбата против груевизмот – слободата и правдата, новата власт го занемари, тогаш поддршката на граѓаните кои застанаа зад неа сериозно ќе биде доведена во прашање“, пишува неделникот и поентира: „Тоа е помалиот проблем, поголемиот е што режимот може да се реставрира или злото да се повтори“, со претскажувачки тон завршува Фокус.