Ќе се унифицира урбаната опрема која се поставува пред кафулињата на Широк Сокак, во иднина ќе се води грижа клима уредите да не се ставаат на фасадите од објектите кои излегуваат на оваа амбиентална улица, дрвената дограма да не се заменува со пвц, а и угостителите се обидуваат да постават единствена цена на кафето. Досега и во изгледот и во услугата на Широк Сокак постоеше разноликост, ова е прв обид да се воведе некаков ред во најпознатата битолска улица која е дел од заштитеното со закон староградско јадро.
Советот на Општина Битола веќе донесе одлука за унифицирање на урбаната опрема која се поставува пред кафулињата на оваа амбиентална улица.
„Може да поставуваат урбана опрема на просторот пред деловните простории за вршење на дејност и тоа метална ограда со стакло само по ширината на објектите. Мора да се постави дрвена платформа, подлога, со минимална висина од 15 сантиметри. Се забранува прицврстување на металната ограда со стакло на јавните површини и на самите објекти на амбиенталната улица и старата чаршија. Висината на металната ограда со стакло треба да биде 180 сантиметри, а металниот дел треба да биде обоен зелено маслинеста и валкано бела“, вели советникот Менде Илиевски.
На овој начин ќе се избегне уништување на плочките на улицата и на фасадите од објектите. За урбаната опрема пред угостителските објекти да не го попречува движењето на пешаците и евентуално на возила на Противпожарната служба или Итната помош, според пропишаните услови, слободни треба да останат по 3 метри од двете страни од средишната линија на Широк Сокак, односно вкупно 6 метри, наместо досегашните 4,5 метри колку што остануваат слободни на оваа пешачка зона.
На многу објекти на Широк Сокак се прикачени клима уреди, за што веќе имаше контрола од надлежните служби и најава дека за скоро време ќе се воведе ред и во тој дел. Угостителите практикуваат дрвената дограма да ја заменуваат со пластична.
„Неодамна стара куќа на Широк Сокак ја замени влезната дрвена порта со модерна ПВЦ. Знаеме дека тоа го наметнуваат модерните трендови и дејности што се обавуваат на Широк Сокак. Но, добро е да се најде урамнотеженост меѓу старото и новото, па токму старите украси да не се отстрануваат“, вели дизајнерот Љубица Василевска.
Во градот поскапе и кафето. Утринското кафе до 11 часот изнесува 40 денари, а во останатиот дел од денот 50 денари. Вака се договорија членовите на Здружението за угостителство и туризам „Еснаф“. Угостители од Битола велат дека кафето поскапе поради поскапувањето на самото кафе, а посочуваат дека се поскапени и останатите пијалаци.
Воедно новите цени на кафето во Битола се применуваат со цел да се избегне нелојалната конкуренција која постои со години и поради упадите на угостители кои доаѓаат од други градови во Битола, отвораат угостителски објекти за шест месеци најмногу до една година и ги затвораат, а во меѓувреме ја спушаат цената на услугата наметнувајќи самоволно свои цени.
„Ако сме град на кафето и сите трчаат на Широк Сокак да фатат место за да пијат кафе, тогаш да не се жалиме што поскапи. Има и други алтернативи, за оние за кои тоа е скапо, можат да пијат кафе во чаршијата, поевтино е“, вели битолчанката Менка Јосифовска.