Младинско-пролетна ситуација

Блажен Малески

Пролетта на младински политики мораме да ја продолжиме заеднички, како општество кое се грижи за своите млади и кое реално ќе им ги отвори можностите и перспективите во сопствената земја, пишува Блажен Малески од Националниот младински совет на Македонија во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Изминаа нешто повеќе од еден месец од мојата последна младинска колумна, при што за тоа време речиси и да прелетаа деновите на месец мај, иако меѓу нив имаше денови кои имаат големо значење, ем за младите, ем за целокупното општество. Првиот ден на месец мај е потсетување за борбата за работничките права, додека пак деветтиот ден од месецот е посветен на победата против фашизмот (генерално во земјите од Источна Европа), а европската заедница истиот тој ден го слави денот на Европа. Месецот ќе се затвори со еден малку познат ден, барем за поновите генерации, а тоа е денот на младите во поранешна Југославија кој во тоа време се празнувал на најразлични начини.

Прелетувајќи низ деновите на овој месец, ми текна на една од песните на Јохан Волганг Гете, познатиот германски поет, кој во својот корпус на поеми има една песна која се однесува на месецот мај, едноставно наречена „песна за мај“. Генерално песната се осврнува на убавините на природата којашто неуморно цути од сите страни во текот на месецот. Самата песна, пак, ме асоцираше на фактот дека, случајно или не, младински политики исто така „цутат“ и се развиваат во овој период. Но, веројатно вистинското прашање е дали ќе имаме сили да ја продолжиме „пролетта“, да ги дочекаме плодовите и да изградиме овозможувачка околина којашто ќе им овозможи на младите можности за напредување?

Како позитивен пример на пролетта на младински политики, а симболички е поврзана со месецот во кој го празнуваме Денот на Европа, пред сѐ бидејќи се работи за политика којашто е имплементирана во државите од Европската унија, е гаранцијата за млади. Националниот младински совет на Македонија уште пред неколку години застапуваше за воведување на оваа политика. Гаранцијата за млади генерално претставува сет на мерки кои имаат за цел да гарантираат за квалитетни услуги кои им се нудат на младите во насока на вработување, континуирано образование, доедукација, пракса и тренинг. Ваквата политика има за цел целисходно да го следи развојот на младите во едно општество, особено на оние кои не се во образовен процес или работен однос, но и да го намали времето на транзиција од образование до работно место.

Токму на овие полиња, нашето општество забележува поразителни бројки кои велат дека 130.000 млади лица од нашата држава не се ниту во образовен процес, ниту во евиденцијата на Агенцијата за вработување, ниту пак во работен однос. Дополнително на тоа, младите во нашето општество просечно им треба две ипол години од моментот кога ќе завршат образование до наоѓањето на пристојно работно место. Република Македонија оваа година, како прва земја на Западен Балкан, започна со спроведување на гаранцијата. Мерката се спроведува во три пилот општини, по што од следната година би требала мерката да се имплементира на национално ниво. Досега 700 млади од трите пилот општини имаа можност да искористат дел од мерките предвидени во политиката.

Имплементирањето и покажувањето инцијатива за оваа политика е важен чекор напред. Не само бидејќи директно се обидува да ги зголеми можностите на младите, туку пред сѐ бидејќи покажува дека како општество имаме желба да ги решаваме проблемите. Прерано е да се зборува за успеси, но она што влева надеж е решителноста на сите чинители во општеството да соработуваат заеднички за подобрување и успевање на оваа политика.

Покрај ваквиот позитивен пример, веројатно имаме и многу негативни искуства. Тоа пред сѐ може да се види според „Youth Progress Index“ на Европскиот младински форум. Индексот вкрстува податоци за 52 различни аспекти важни за развојот на младите. На самиот индекс, Република Македонија е рангирана 49 од 102 земји анализирани, далеку зад западноевропските држави кои се и најчесто целта во процесот на отселување на младите. Специфичните аспекти за кои се собираат податоци укажува дека младите во нашето општество немаат соодветни услови за развој коишто нивните врсници во Европската унија ги имаат.

Оттаму и заклучокот дека пролетта на младински политики мораме да ја продолжиме заеднички, како општество кое се грижи за своите млади и кое реално ќе им ги отвори можностите и перспективите во сопствената земја. Во спротивно ќе се вратиме во зимскиот сон кој на никого не му годи, а особено не на младите.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.