Пред изборните случувања имав можност повторно да го прегледам филмот на Столе Попов „Среќна нова 49“ прикажан во 1986 година. Она што ме фасцинираше е ликот на младиот брат Коста Ковачевски, игран од актерот Светозар Цветковиќ, при што континуирано забележував сличности во проблемите и одлуките што ги носи младиот Коста со она денешно време. Коста на некој начин е олицетворение на безброј македонски генерации на млади. Разочаран од неправдата која што ја гледа околу себе, а и од притисоците на неговото семејство и општество за што „треба да прави“, се обидува да си ја скрои сопствената среќа, на легален но и нелегален начин, со една цел – да стане независен од она околу него. Па така во еден момент на филмот на својот брат кој му вели „Што правиш со животот, ајде среди више со тоа матурата па ќе најдеме некоја работа.“, Коста му вели „Знаеш што Бота? Не бива работа. Ќе фатам џенем, збирам камен за на запад. Овде нешто не ми е по ќеиф“. Си помислив, зарем е возможно филм од 1986 година, кој што го реплицира општественото случување од 1949 година да биде се уште релевантно за барем дел од денешната ситуација во која што се наоѓаат младите?
Првиот чекор кон решавање на проблем е согледувањето дека всушност постои проблем. Вообичаените теми кои што се обработени во предизборните циклуси во Република Македонија, без разлика дали локални или парламентарни, константно орбитираат околу неколку исти теми како што се корупцијата, меѓусебното префрлање на вината за неуспех во развојот, капитални проекти, економија, уште повеќе економија и развој, а од време навреме ќе се појави некоја тема без која што следните циклуси не може да поминат. Па така во последните неколку циклуси темата „млади“, која што ја сочинуваат проектите и активностите кои што ги ветуваат политичарите, станува редовно користен термин на предизборните програми на политичките партии и на дебатите (тогаш кога ги има) меѓу претставниците на истите. Токму и затоа Националниот младински совет на Македонија за последните два изборни циклуса за парламентарни избори (2014 и 2016) направи анализа на програмите на политичките партии, при што заклучи дека има нагорен тренд кога се работи за проекти ветени за млади во програмите на партиите. Сето тоа е резултат на активната работа на младинските организации, а не и последно активноста на младите луѓе во неформални здружувања кои што на јавноста непосредно им ги предочија проблемите со кои што се соочуваат младите. Па така, ако темите обработени во предизборните кампањи на политичките партии се некакво мерило за свесност за проблемите од страна на политичарите, тогаш можеме да заклучиме дека партиите конечно имаме некаков напредок.
Сепак, како што за танго вообичаено се потребни двајца, па така и за решавање на проблемите на младите е потребна и страна на младите. Без разлика што ветиле политичките актери, она што е најважно е што од истото ќе се оствари и дали навистина нивното решение ќе ги реши проблемите. За пример можеме да ги земеме сè уште не објавените податоци на Реактор – Истражување во акција и да заклучиме дека младите за скоро 10% проценти помалку од „возрасните“ изјавиле дека се „многу задоволни“ со нивното место на живеење (град или село), односно само 23.3% од изјавиле дека се многу задоволни додека пак 33.2% „стари“ на возраст од 30 до 66 изјавиле дека се многу задоволни. Кога станува збор за тоа колку можат да влијаат врз одлуките на локално ниво, повеќе од половина од младите изјавиле дека не можат да влијаат, а сепак на младите им е важно да влијаат на одлуките со оглед на тоа што 77% од нив изјавиле дека делумно или многу им е важно да влијаат на одлуките на локално ниво. Од прикажано произлегува дека иако можеби темите за проблемите за младите конечно се отворени, но сепак младите не почувствувале некаква промена во нивната вклученост на решавањето на нивните проблеми. Оттаму и насловот за нив се збори, но со нив речиси никогаш се решаваат нивните проблеми.
Недовербата во партнерот при танцувањето речиси секогаш завршува со нагазување на прсти и често промена на партнерот за танцување. Арно ама во едно општество не можете да си ги смените целните групи. За младите повторно да имаат доверба во системите и институциите кои што носат одлуки не е само доволно да имаме да се зборува за нив. Потребно е да се излезе од дневниот политички начин на разговор и да се „симне“ дебатата на ниво каде што младите ќе можат да си го искажат мислењето, ставовите и проблемите со кои што се соочуваат. Сè друго би претставувало извртување и игнорирање на можноста младите да си ги кажат вистинските предизвици со кои што се соочуваат во нашето општество. Резултати пак од игнорирањето и извртувањето ги гледаме речиси секој ден со оглед на фактот што 52% од младите себеси се гледаат преселени во странство во наредните 5 години, слично како Коста во филмот каде што вели „Фаќам џенем“.
Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.