Социјалните претпријатија - можност за интеграција на маргинализираните групи

Илустрација

Организација од Тетово се обидува да им најде работа на необразованите Ромки за да ги искористат вештините што ги имаат на пазарот на труд, како на пример перење постелните за хотели.

Социјалното претприемништво или претпријaтија сe можност преку која пред сè невладиниот сектор се обидува да создаде услови да се вработат луѓето кои се без образование и спаѓаат во маргинализираните групи. Незир Хусеини од Асоцијацијата за демократски развој на Ромите Сонце од Тетово вели дека таква прилика има за повозрасните жени без едукација, но со определени вештини кои ги имаат.

„Сакаме да работиме со перење на чаршафи и постелнини и сите пропратни услуги кои се даваат кон хотелите и рестораните. Нашите Ромки, жени, не можат многу да бидат конкурентни бидејќи образованието им е многу ниско, а за таква работа да се работи во таа насока не треба некое големо образование, бидејќи знаеме сите жени тоа го работат секојдневно во домашни услови, каде што перат чаршафи, пеглаат, чистат и така натаму“, вели Хусеини.

Големо е значењето за општествената вклученост на жените во заедницата во која живеат, смета тој.

„Ние со оваа мерка планираме тие жени да ги враќаме во општеството, да можат и тие да учествуваат, да работат и да придонесат за своите семејства и во иднина да имаат една стандардна и константна егзистенција. Планираме со овој проект да вработиме жени со возраст од 35 до 45 години каде во иднина, ако има побарувачка на пазарот, повеќе да вработиме. Сега ние бараме поддршка, веќе сме во истражување на некој донатор кој може да го финансира ова. Истото го имаме презентирано и пред општината“, изјави програмскиот директор на „Сонце“.

Виктор Мирчевски од организацијата Конект, која работи на социјалното претприемништво вели дека светските практики покажуваат значаен удел на социјалната економија во финансиите на една држава.

„На ниво на Европската унија, социјалната економија е навистина развиена. Дури 10 проценти од БДП во ЕУ доаѓа од социјалните претпријатија. При отворањето на нови субјекти, секое четврто претпријатие е социјално. Истражувањата таму покажаа дека тие беа доста инертни на финансиските кризи“, изјави Мирчевски.

Иако во Македонија сè уште не е прецизно дефиниран како сектор, работите одат кон таа насока, смета Мирчевски.

„Приказната во Македонија сè повеќе се развива. Сè повеќе субјекти се заинтересирани да отворат или пак имаат идеја за социјално претпријатие. Таа приказна е многу сврзана со граѓанскиот сектор, затоа што здруженијата на граѓани и фондации, во суштина ги имаат сите карактеристики на социјалните претпријатија“, потенцира тој.

Еден од најпознатите примери низ светот за социјално претпримеништво е на познатиот готвач Џејми Оливер. Тој во своите ресторани вработува млади необразовани од 16 до 26 години, па со соодветни обуки се реинтергрираат во општеството и почнуваат да егзистираат како готвачи.