Ревизија на предметите за легализација на дивоградби во Битола

Битола

Советниците од ВМРО-ДПМНЕ во Општина Битола обвинуваат дека локалната власт го кочи процесот за легализација на дивоградби. Градоначалничката Наташа Петровска, пак, вели дека наследила хаос и оти мора да се направи ревизија на дел од предметите зашто различни сектори во општината носеле различни одлуки за ист објект.

Советниците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија општинската власт во Битола дека во изминатите месеци бил закочен процесот на легализација на дивоизградените објекти, а од Општината одговорија дека врз поднесените предмети извршиле ревизија, зашто за исти случаи биле утврдени контрадикторни одлуки на различни општински служби од претходната локална власт.

„За легализацијата на бесправно изградените објекти до нас како советници доаѓаат повеќе поплаки од граѓаните на општина Битола кои имаат почнато процедура за легализација, што е во рамки на овластувањата на Општина Битола и на градоначалникот. Па, нè интересира колкав процент се решени предмети, која е динамиката и кои се плановите за следниот период. Со самото тоа што законот го овозможува, не е во ред некој свесно тоа да го кочи“, рече Борче Димитровски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

Градоначалничката Наташа Петровска одговори дека процесот не бил закочен, туку дека сите предмети се разгледувале внимателно, зашто за ист случај за легализација на дивоградба, една општинска служба го завршувала процесот и се чекал уште потписот на градоначалникот, а друга служба констатирала дека објектот бил бесправно изграден подоцна од законскиот термин, поточно по 2011 година, па не ги исполнувал условите да биде легализиран.

„Сте имале во општинската администрација решенија сосема контрадикторни. Издадено решение за легализација во ист случај за ист објект, а воедно издадено решение за дивоградба од друго одделение од општинската администрација. Тоа покажува какви биле состојбите и колку внимателно треба да пристапите. Дали таа злоупотреба на нечии луѓе и работни места требаше со мојот потпис да ја верификувам“, праша Петровска.

Таа побара од градежната инспекција да ѝ достави список на сите предмети за кои е издадено решение за воочена дивоградба после 2011 година. За секое решение за легализација за кое немаше преклопување и контрадикторни одлуки, постапката на легализација се спроведува до крај, вели таа..

„Тоа беше процес кој можеше да се случи и тоа беа единствните причини што легализациите не одеа со динамика каква што очекуваа граѓаните. Но, тоа беше проблем кој јас го наследив и морав да го решам во еден законски системски пристап“, рече Петровска.