Шестиот фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ во знакот на Светислав Басара

Светислав Басара

Големиот српски писател Светислав Басара е добитник на наградата „Прозарт“ на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ што од 27 до 29 мај, во организација на издавачката куќа „Икона“ ќе се одржи во Скопје. Тој ќе биде во друштво на петмина врвни автори од Балканот - Роберт Перишиќ од Хрватска, Ајфер Тунч од Турција, Јуриј Худолин од Словенија, Лејла Каламујиќ од Босна и Херцеговина и нашата Фросина Пармаковска.

Светислав Басара, големиот српски писател, е годинешен добитник на „Прозарт“ – наградата што Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ од Скопје ја доделува за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот. Авторот на „Фама за велосипедистите“, кој според многу ранг-листи на критиката се смета за еден од најдобрите српски романи на 20 век, беше едногласно избран од одборот за доделување на наградата во кој се: Ермис Лафазановски, претседател, Александар Прокопиев и Дејан Трајкоски, членови.

Прозното творештво на Басара е извонредно богато и разновидно: освен неговите култни романи, тој досега напишал книги со раскази, есеи и колумни, кои критиката одлично ги оценила. Блескавиот авторски почеток на Басара се најави уште со неговите први прозни дела - „Кинеското писмо“ и „Peking by Night“, кои веднаш го издвоија како најубедлив претставник на постмодернизмот. По овие дела, Басара речиси без прекин создаваше романи кои беа откритие и за српската и за балканската книжевност. Да наведеме само неколку - „Дневниците на Марта Коен“, „Подемот и падот на Паркинсоновата болест“, книги омилени не само меѓу критичарската рецепција, туку и кај многубројните читатели од Балканот и од Европа.

Денес, без сомнение делото на Басара е меѓу најугледните во балканскиот книжевен контекст. Неговиот луциден прозен исказ, стилското мајсторство и актуелноста на општочовечките, но и на современите теми и дилеми што ги обработува во своите книги го издвојуваат како извонредно интересен и вредносно супериорен балкански прозаист – се вели во одлуката на Одборот.

Наградата ќе му биде врачена на затворањето на Фестивалот, на 29 мај, во 19.30 часот, во Националната галерија на Македонија, во објектот Даут-пашин амам.

Роден 1953 година во Бајина Башта, Светислав Басара е романсиер, раскажувач, есеист и драмски писател. Автор е на повеќе од триесет романи, збирки раскази, драми и есеи. Добитник е на многу српски и меѓународни книжевни награди. По петтооктомвриските промени во Србија беше амбасадор на СРЈ и на државната заедница на Србија и Црна Гора во Кипар. За романот „Подемот и падот на Паркинсоновата болест” 2007 ја доби НИН-овата награда. Неговите книги се преведени на десетина јазици. Живее и твори во Белград.

На тридневниот фестивал Басара ќе биде во друштво на петмина врвни автори од Балканот. Тоа се: Роберт Перишиќ од Хрватска, Ајфер Тунч од Турција, Јуриј Худолин од Словенија, Лејла Каламујиќ од Босна и Херцеговина и нашата Фросина Пармаковска.

Роберт Перишиќ има објавено седум книги. Со двете збирки кратки раскази (1999, 2002) се прослави во Хрватска и во соседните земји. Неговиот роман „Нашиот човек во Ирак“ (2007) ја освои наградата на весникот „Јутарњи лист“, најтиражниот дневник во Хрватска по што следуваа и има многу преводи. Од друга страна, американското издание со фалби од Џонатан Франзен, собра фантастични рецензии од „Њујоркер“, книжевниот додаток на „Тајмс“.

Турчинката Ајфер Тунч е родена во Адапазар. Нејзиното прво дело е издадено додека сѐ уште студирала на Универзитетот за политички науки во Истанбул. Во 1989 година ја освоила престижната државна награда „Јунус Нади“ за кратки раскази. По ангажманот во издавачката куќа „Јапи Креди“, помеѓу 1999 и 2004 година, се посветува само на пишувањето. Добитник на наградата „Балканика“ во 2003 година.

Роден во Љубљана, Јуриј Худолин е слободен писател, уредник, сценарист, новинар и преведувач. Од хрватски, српски и од босански јазик има преведено повеќе од 30 книги, а освен тоа е застапен во меѓународни списанија и антологии. Неговите колумни се печатени во значајни словенечки весници и списанија, а е сценарист на 14 играни и документарни филмови. Преводи на неговите книги се објавени на повеќе светски јазици.

Лејла Каламујиќ дипломирала на Катедрата за филозофија и социологија во родното Сараево. Таа е автор на две збирки раскази: „Анатомија на насмевката“ и „Викајте ме Естебан“. Каламујиќ е исто така и автор на современата социјална драма „Човекојатка или како го убив моето семејство“. Нејзината втора книга „Викајте ме Естебан“ ја освои наградата „Едо Будиша“ за најдобра книга со кратки раскази, а беше во потесниот круг за Европската награда за литература во 2015.

Фросина Пармаковска, пак, магистрирала на Институтот за македонска литература. Нејзиниот втор роман, „Вишнова хроника“, влезе во финалето за наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“, а со третиот „Одбројување“ го освои ова значајно литературно признание.

Инаку, во рамките на шестото издание на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“, по петти пат, ќе биде реализирана и програмата „Скопје фелоушип“, во која гости ќе бидат Јаника Ритер, уредничка на еден од најпознатите светски издавачи – германскиот „Зуркамп“, Џон О’Брајан – основач на најважната издавачка куќа од САД со фокус на преводна литература од Европа и од Балканот, и Назлиџан Катабаш, литературна агентка од престижната турска агенција „Калем“.

Програмата „Скопје фелоушип“ е посветенa на странските издавачи, директори и програмски менаџери на фестивали, литературни агенти и скаути. Фестивалот, меѓу првите во регионот, воспостави програма посветена на овој профил на гости и продолжува со несмален интензитет.

Гостите од „Скопје фелоушип“ за време на фестивалот ќе се сретнат со членови на Македонската асоцијација на издавачи и со повеќемина домашни писатели.

„Благодарение на програмата „Скопје фелоушип“ досега во Скопје дојдоа великани од светот на издаваштвото. За првпат во историјата Македонија ја посети литературен скаут и многумина дознаа дека такво нешто, всушност, во светот постои. Добро е што поради воспоставените контакти повеќе дела од наши автори се веќе преведени на странски јазици, некои имаат литературен агент, а преговори за нови преводи се на пат. Се надевам дека во идните години спонзорите ќе имаат повеќе разбирање и ќе можеме да го зголемиме бројот на гости во рамки на оваа програма, со што ќе ја засилиме и промоцијата на македонската литература во странство“, вели Дејан Трајкоски.

Конечно, тркалезната маса на „ПРО-ЗА Балкан“ оваа година е на тема „Балканските класици во европската литература: (не) визибилност во 21 век“. Со тоа фестивалот практично се приклучува кон славењето на Европската година на културното наследство.