Рудиќ со „EXIT“ како „нова синтакса на просторот“

Четириесет и пет фотографии, печатени на рачно изработена хартија, ја чинат изложбата „EXIT“ на мајсторот на фотографија Боро Рудиќ, што од 22 мај ќе се одржи во Салонот „Империјал 1“ на Културно-информативен центар Скопје. Поставката на уметникот кој „останува во фотографијата, но истовремено е со еден чекор надвор од неа, во сликарството“ е преточена и во богато опремена монографија со ист наслов.

По нешто повеќе од три години од „Настанување - исчезнување“ во Музејот на град Скопје, мајсторот на фотографија и долгогодишен член на фотоклубот „Елема“ и претседател на Фото сојузот на Македонија – Боро Рудиќ, еве го со нова самостојна изложба. Овојпат поставката е насловена „EXIT“ и ќе се одржи во периодот од 22 до 29 мај во Салонот „Империјал 1“ на Културно-информативен центар.

На изложбата ќе бидат претставени 45 фотографии печатени на рачно изработена хартија што ја прави „посебно интересна, како од ликовен, така и од естетски аспект“, а ќе биде промовирана и богато опремена монографијата со истиот наслов во која проектот е претставен на цели 96 страници.

Проф. д-р Јасна Котеска, во својот текст за изложбата и за монографијата, меѓу другото пишува: Територијата на Рудиќ е врзана со вектори на напуштањето, затоа книгата се вика „EXIT“. Но, тоа не е напуштање на територијата. Напуштањето е само влез во нова територија. Затоа на неговата фотографија има многу знаци, емисии на сигнали, пруги, патеки, чекори, улици, влезови, огради, сето тоа се сигнали наменети за трагачите. Целта на овие сигнали е да бидат aux aguets, надгледување, тие се наменети за доброто око, кај Рудиќ камерата не гледа во паника. Рудиќ ги фаќа наборите на пределот, линијата на карпата, како откривање нова синтакса на просторот. Фотографиите од „EXIT“ не ја портретираат културата, туку извесна спектрална димензија на реалноста, како жолтото небо или жолтото поле кај Ван Гог или како тревата кај Мунк. Тоа не значи дека Рудиќ оди во друга уметност, во сликарството. Тој останува во фотографијата, но истовремено е со еден чекор надвор од неа, во сликарството е.

Авторот, говорејќи за „EXIT“, знае да каже дека коренот на идејата за изложбата е во неговото незадоволство со градот. Тој смета оти градот е отуѓен, меланхоличен и дека ние живееме во мегалополиси кои колку и да се поголеми толку е поголема отуѓеноста меѓу луѓето. Но, тој не сакал градот да го претстави во грди слики туку онаков каков што го гледа – отуѓен, меланхоличен... Притоа на ум ја имал мислата дека притоа човек треба да бара нешто ново. Да бара некои нови форми на живот. Затоа сите фотографии ги поделил во четири циклуси. М3 – како влез во градот, потоа MESSAGES или пораки на градот, EXIT – како заминување, бегство од градот и FINISH – како насетување на нешто што допрва треба да дојде.

Или, како што вели, „јас во FINISH не давам одговори, туку сугерирам оти има нешто друго кон кое треба да тежнееме“. Една друга приказна која не мора да се однесува само на градот туку и воопшто на животот. Едноставно човекот не треба да се плаши од промените и секогаш треба да бара нешто подобро.

Рудиќ појаснува дека за својот нов концепт се служел со рачно изработена хартија ( Љупчо Паневски, Охрид) која во основа „не е предвидено да се користи за изработка на фотографии“.

Појаснува оти неговите први обиди во овој процес на изработка на фотографиите датираат од пред неколку години, но дека тогаш изработените дела завршиле во корпа за ѓубре. Едно време заборавил на сето тоа, за да по година-две наново и се врати на идејата, но повторно ниту од технички, ниту од естетски причини не го добивал пожелуваниот ефект.

И сè така до оној момент додека не му станало јасно оти „се наметнува како фотограф“. Дека фотографите се генерално луѓе кои сакаат да ја реализираат идејата онака како што ја имаат во главата. Да добијат „таков колорит, таква динамика, толку црно, толку бело“. По многу обиди, му станало јасно оти мора да го почитува карактерот на таквата хартија. Дека таа има своја естетика, своја ликовност и дека самиот мора да му се прилагоди. Од тој момент сè се сменило и тој знаел какви фотографии ќе прави и како визуелно и естетски ќе се претстави пред публиката.

„И сега кога тие фотографии ќе ги погледнете на изложбата ќе имате впечаток дека се некои пастели, некои акварели, сето тоа е работено во доста висок фотографски клуч каде што доминираат светлите тонови. Интензитетот, бојата, динамиката, сè е тоа толку стишено и смерено – исто како кај акварелот, пастелот. И, тоа е тоа што веројатно ја поттикнало Јасна Котевска да каже дека со едната нога сум во фотографијата, а со другата во сликарството, а всушност јас останувам во фотографијата“, вели Рудиќ.

Од друга страна, фотографот истакнува дека од поодамна заклучил оти во овој тип на претставувања човек внесува многу енергија и дека затоа проектот неизоставно мора да биде заокружен со печатено издание. Со книга. Со монографија.

„Тоа останува. Вообичаено ние фотографиите ќе си ги собереме делата под мишка и ќе си ги однесеме. Нешто ќе продадеме, нешто ќе поделиме, а нешто ќе ни остане по подруми, оставено да собира прашина. Монографијата останува во некоја полица и секој може во било кое време да ја разгледа. Затоа ни тогаш, ни сега не жалев енергија да направам монографија по сите светски стандарди. Се потрудив, а морам да признам дека ми помогнаа и многу пријатели, како Игор Настески на пример, кој го направи дизајнот, и јас лично сум презадоволен од тоа како изгледа книгата. Монографијата е со тврд повез, печатена е на хартија увезена од Италија во 280 примероци, секој примерок има сув жиг и мислам дека соодветствува со целата естетика на проектот“, вели тој.

Роден во Кочани, 1954 година, Боро Рудиќ дипломирал на Електротехничкиот факултет во Скопје. Во својата повеќедециниска работа, освен на уметничка, работел и на пропагандна фотографија, како и на фото-дизајн. Имал бројни соработки со најзначајните македонски рекламни агенции, како автор на фотографии во повеќе монографии и книги, и како директор на фотографија на триесетина музички и рекламни спотови. Како дел од тимот, за еден од проектите награден е со Gold Media Lions во Кан 2009, како и со сребренa статуета на Euro Effie Awards 2014 во Брисел.

На уметничко поле, носител е на највисокото фотографско звање, Мајстор на фотографија на Фото сојузот на Македонија.

Во рамките на Фото сојузот на Македонија и FIAP, бил член на жири-комисии и селектор на повеќе значајни домашни и меѓународни фотографски изложби.

Имал бројни самостојни изложби, од кој може да се издвојат оние во: Истанбул, Солун, Бурса, Нирнберг, Софија, Белград, Крањ...

Групно изложувал на повеќе од 250 изложби, и има добиено повеќе од 60 награди. Живее и работи во Скопје.

Интересно е и тоа што изложбата „EXIT“ својата претпремиера ја имаше во галеријата Графички колектив, во Белград, Србија, и според авторот одлично поминала кај публиката и во тамошните медиуми.