Руската пропаганда посилна од калашников

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

ЕУ против руската пропаганда на Западен Балкан

Институтот „Конрад Аденауер“ предупредува дека ЕУ мора да се соочи со руското мешање во Западен Балкан со тоа што ќе преземе активни мерки, меѓу кои и инвестирање во медиумската сфера која Москва ја користи за ширење антизападна пропаганда, која, како што се оценува, е посилна од руски калашников.

ЕУ мора да се соочи со руското мешање во Западен Балкан чија цел е нејзина дискредитација пред балканските народи, предупредуваат д-р Софи Ајзентро и Стефани де Леон, од германскиот институт „Конрад Аденауер“, во нивниот најнов извештај за руската пропаганда на Балканот. Поради тоа авторите на извештајот советуваат Брисел да преземе активни мерки меѓу кои е и инвестирањето во медиумската сфера во регионот, бидејќи, како што коментираат експертите, пропагандата е посилна од калашников.

Според „Конрад Аденауер“, финансиската инјекција за медиумскиот сектор треба да се реализира во четири клучни области:

1. Поддршка за проверка на фактите

ЕУ треба да им помогне на оние што се цел на руската пропаганда да станат свесни за информациската војна што се води. Ова значи да се посочат лажните вести што ги пласира Русија и на населението да му се посочат темите и областите кои Москва ги употребува во своја корист. Последните години Советот на Европа основаше неколку работни групи и интернет страници за медиумско образование во регионот и за откривање и посочување лажни вести и руски дезинформациски кампањи на Балканот.

Меѓутоа, посочува германскиот институт, некои од нив се само на англиски, руски и германски јазик, и поради тоа се тешко достапни за целото балканско население. Затоа ЕУ треба да се заложи за трајно финансирање на тие групи и нивните инструменти да ги направи достапни за народите кои се руска цел, како и да спонзорира проекти за следење на руската пропаганда на социјалните мрежи во реално време. Како конкретен ример, во Западен Балкан може да се воведе инструментот кој го воведоа Германија и САД, а кој ги следи активностите на проруски Твитер профили.

„Како дел од поддршката на истражувачкото новинарство во Западен Балкан, Европската комисија треба да понуди и посебни средства за новинарите кои се посветени на проверка на фактите како и оние кои истражуваат за дејствувањето на т.н. руски „ботови“, односно компјутерските софтверски роботи на социјалните медиуми“, стои во извештајот на „Конрад Аденауер“.

2. Препознавање и откривање лажни вести

Во ноември 2017 година, Европската комисија вети дека ќе потроши повеќе пари на подобрување на медиумската писменост во регионот. Проектот треба да ги вклучи сите земји од Западен Балкан и да бара вклучување на училиштата во регионот, уште од најраните фази во образованието. Ако знаат како да ја анализираат и проценат содржината и изворите на информацијата, тогаш младите ќе можат да ја разберат улогата на медиумите во едно општество, да размислуваат критички за медиумските пораки и да разликуваат факт од фикција. Ова најдобро ќе ги подготви младите луѓе за свет во кој се соочуваат со информативни операции кои стануваат се пософистицирани и се повеќе подмолни.

Еден од најактивните политичари на Балканот кога е во прашање руската пропаганда, Ненад Чанак, за РСЕ вели дека Европа вложува малку во оваа сфера, за разлика од Русија која лани за пропаганда во Европа, а особено на Балканот, издвоила 1.800.000 евра.

„Не сфаќајќи го тоа толку сериозно, ЕУ определи само 400.000 евра како контра-мерка за руската пропаганда. Затоа сега тоа прашање се актуелизира, бидејќи се сфати дека тоа е нерамноправна борба, а руската пропаганда е се поприсутна и поагресивна“, вели Чанак.

3. Поддршка на слободата на медиумите

Состојбата на независни медиуми и квалитетното новинарство во регионот зависи, меѓу другото, и од малигното влијание на Русија во Западен Балкан, наведува германскиот институт.

Европската комисија лани издвои дополнителни 7,5 милиони евра за поддршка на медиумската слобода и професионалното новинарство во Западен Балкан преку различни локални иницијативи. Ова е клучен чекор во вистинска насока, а е и императив дека ЕУ и натаму остро ги критикува националните лидери кои се обидуваат да ја поткопаат слобода на печатот или се обидуваат да ги контролираат медиумите. Покрај тоа, ЕУ треба бескомпромисно да инсистира на слободата на медиумите како не-преговарачки предуслов за членство.

4. Поголема достапност до прозападните медиуми

„Руската новинска агенција Спутник дозволува бесплатно да се преземаат и реобјавуваат нејзините содржини, со што тие лесно се шират. Тоа треба да го направат и прозападните медиуми или пак Европската комисија да ги субвенционира медиумите од Западен Балкан за да можат тие да си дозволат да преземаат про-западни содржини од медиуми кои бараат регулирање на авторското право на своите содржини“, стои во извештајот.

Друга причина за популарноста на руските медиумски извори во Западен Балкан е нивната способност во своите текстови да се повикаат на локалните проблеми и ставови, а своите пораки да ги прилагодат на локалните потреби. За да имаат поголема публика, советуваат од „Конрад Аденауер“, прозападните извори на вести, едноставно, треба да учат од Москва.