Евентуалното решение за името ги вознемири социјалните мрежи

По средбата Димитров - Коѕијас се вознемирија духовите на социјалните мрежи па може да се прочитаат мошне остри дури и заканувачки постови.

Последната средба Димитров - Косијас во Грција и потоа нивната средба со медијаторот Нимиц и најавената средба меѓу премиерите Заев и Ципрас за некој ден во Софија се чини повторно ги вознемирија духовите на нашите граѓани, барем на дел од оние што ја следат РСЕ и нашата ФБ страница.

Изјавата на Нимиц дека министрите завршиле добра работа пред средбата на премиерите во Софија и информацијата за тоа што пишуваат грчките весници во врска со преговорите за името ги активирала компјутерите и тастатурите, па може да се прочитаат мошне остри дури и заканувачки постови. Васил Ѓоргиев напишал: „Предавниците Димитров и Заев му завршија добра работа. Сега е време народот да ја преземе работата во свои раце“, а Динка Јованова ги колне да биле „проклети заедно со СДС“, како што постирала.

Зоран Пецов констатира: „Што ќе се договорите, 20 години се договарате, кој ќе плати за сите грешки ваши Америка - Грција и Европа...“ па иронично додава: „Договорете се и за Каталонија, за Косово, за вашите американски проблеми“. Јусуф Јашари смета дека „изгледа работите финишираат позитивно и се спрема договор во Софија од премиерите Заев и Ципрас!“, а на Ерол Курбардовиќ се чини сè му е преку глава: „Ма што давите народ, ајде средете веќе...“.

Изјавата на националниот координатор за членство во НАТО, Стево Пендаровски, дека ако Македонија не добие покана за членство во евроатлантската организација во земјава потешко ќе доаѓаат странски инвестиции и тоа би било лошо за развојот на македонската економија, го предизвикала Ѕвонко Станоевски да ја споредува Македонија со Кина: „И Кина не е ни во НАТО ни во ЕУ и не ни сака да биде. Па што ѝ фали...“

Од домашните теми за кои информира Радио Слободна Европа, на пример, за опасноста од милионите тони натрупан отровен отпад по депониите низ Македонија нема ниту еден коментар, ама за тоа дека коалицијата „За подобра Македонија“ што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ веќе се чини нефункционална, Тони Русовски постирал: „Нема провизии и мрсни тендери и нема коалиција, за џабе не ја викаа ТЕНДЕР КОАЛИЦИЈА“. Бобан Вукелиќ забележува: „Лузерска коалиција замина на буништето на историјата“.