Младински културен центар, од 11 до 13 мај, наново ќе ги отвори портите за еден од „омилените урбани културни настани“ - Фестивалот на креативни индустрии „Скопје креатива“. И, чисто колку за потсетување на основните начела на манифестацијата што како организатор ја потпишува Конгресниот центар „Александар Македонски“, Фестивалот има за цел да поттикне развој на креативните индустрии, за што е потребна едукација на граѓаните и на младите за создавање нови производи. Преку развивањето вештини и интензивирање на соработката меѓу секторите култура и економија се тежнее да ќе биде исполнета крајната цел – креативниот потенцијал да биде ставен во функција на економскиот развој. Од таму спознанијата од досегашните изданија даваат за право да мислиме дека досега можевме да видиме различни форми на уметноста: рачно изработен накит, авангардни дизајнерски парчиња на млади дизајнери, рачно украсен и реставриран стар мебел, постери со графички решенија што пренесуваат моќни пораки и така со ред.
„Од самото прво издание на Скопје креатива во 2012 година многу јасно, едноставно и комуникативно беше зацртано дека Фестивалот ќе се развива во насока на фестивал-платформа кој ги подржува креативните индустрии во Македонија, значи земја без развиена и едвај развиена мека индустрија, меѓутоа со цел да се испита потенцијалот и развојот на тој потенцијал од страна на нашите дизајнери и уметници коишто имаат чувство за применети решенија“, вели Иванка Апостолова, уметнички директор на Фестивалот.
Таа и со дополна дека по годините кога акцентот бил ставан на изведувачките уметности, од 2015 кога зад манифестацијата застана Лазе Трипков и особено по нејзиното доаѓање во организацискиот тим фокусот генерално е насочен на примамливиот дизајн, на изработката на информатички софтвери, моден и мебел дизајн, проект дизајн итн.
Годинава случувањето ќе се одвива под мотото „7 Times 2 Creativity/7 пати до креативност“ и подразбира рекордни 44 настани, изложби, предавања, работилници за деца, за средношколци, за дизајнери, екслузивни гости од странство од различни креативни области и така со ред.
Телеграфски тоа би изгледало некако вака.
По кратката церемонијална говоранција во петок, во холот, Галеријата и во дел од просториите на катот на МКЦ следува отворањето на изложбите „7 пати до креативност“, или „во превод“ најнапред Прототипи со „Мамка“ проект дизајнот на ДОМИНИУМ, па мебел дизајните „Светлосна врска“ - на Зарапчиев, „Едноставни линии“ на Рафаиловски, „Мондријан од наше маало“ на Гаков... Згора и мебел дизајните од отпадно железо на Миневски, потем промоциите на „Македонскиот стрип во изданијата на новосадски - „Дневник“ на Стеванов и група автори, новата стрип ревија „Деветка“ на Стрип Квадрат, научно-фантастичниот стрип „Неонски ноќи“ на Благојевиќ и Дукоски, потем и на „Бирократски лавиринти“ - рачно изработената книга на Ивановски и Димитрова, илустрираната книга за деца „Еко книга“ на ВИЗАРТ, тактилната сликовница за најмладите „Леа Смеа“...
И, потоа како изложби во изложба „Симболично поврзување“ со скулптури на Петрушевска, „Фотокопирница на љубовта“ - мултимедијалното претставување на Арт Еквилибриум, „Тркалезни форми“, „Од традиција и фолклор до креативност и мултикултурализам, кукли во народни носии“ на Закева, Хисени и Трпчевска, „МемоАрх“ - интерактивната, едукативна изложба на Намичева... Тука се и модните изложби и инсталации како „Ф“ - безродовата колекција на ЛУДУС, „Во името на фалусот и срцето, јас сум човек“ - инсталацијата на Јовановска и Намичева, поставките на накит...
„7 пати до креативност“ произлегува од фактот дека е ова седмо издание на Фестивалот и бидејќи е „Скопје креатива“ и бидејќи ги опипуваме, ги истражуваме, ги повикуваме сите можности, сите медиуми поврзани со креативен израз, провоцирајќи кон нивни интерсекции затоа што денес нели времето е толку интедисциплинарно, па и комплексно и овозможува различни крос-секции од коишто произлегуваат некои сосема нови креативни решенија“, појаснува Апостолова.
Од друга страна, Фестивалот за креативни индустрии „Скопје креатива“ и оваа година ќе ја оправда улогата на проект што нуди поинаква приказна, а освен што ги поддржува и промовира македонските креативци, на секое издание носи звучни имиња од странство од областа на креативните индустрии. Така во МКЦ во случајов доаѓаат екслузивни гости од регионот од повеќе творечки области, кои е планирано да одржат работилници и предавања во рамки на програмата.
Од нив секако бележито име е Геерт Де Таје од Белгија. Станува збор за креативен и мултинасочен фотограф што снима за адверјтајзинг кампањи, портрети, пејсажи...Оваа разноликост е многу важна за работата на еден млад фотограф. Неговиот пристап кон фотографијата е паметен и специфичен: тој фотографира но и го реанранжира она што го гледа, реизмислувајќи ја реалноста и манипулирајќи со она што го наоѓа во даден момент. Ги комбинира различните беспрекорните техники со силата на вербата, иронија и емпатија. Вистината не е секогаш очигледна и неговата работа никогаш не ја брка да ја дофати.
„Како и многу други работи во животот, фотографијата е поврзана со атмосферата, емоцијата, посебните моменти. Она што ме фасцинира кога ги правам фотографиите е тоа како сум стигнал таму: патувањето, приказната позади, изборот што сум го направил одбирајќи локација, светло, луѓето со кои работам во тимот. Сето тоа доаѓа заедно во еден миг, посебен миг“, знае да каже белгискиот фотограф.
Работел за компании како „Сачи енд Сачи“, „Еар“, „Лео Бурнет“, „Хавас“, „Ериксон“, „Флексус“ и за брендови како „Тојота“, „Фолксфаген“, „Харли Дејвидсон“, „Киа“, МТВ“, „Керфур“ и други.
Тамара Николиќ Ѓериќ, од Хрватска завршила етнологија/културна антропологија и индологија. Од 2008 година работи како куратор во Етнографскиот музеј на Истра. Покрај музејските активности, таа го основа и се` уште го води првиот Фестивал на етнографски филм во Хрватска „Етнофилм“. Од 2014 година соработува како професионален програмски менаџер „Екомусеум Батана“ и асоцијацијата „Фаро11“ посветени на промоција на креативните индустрии во Истра.
Докторира на загребскиот универзитет на тема „Жените и индустријата - приватната и јавната сфера на жените во Ровињ“. Таа е авторка на стручни текстови што се занимаваат со музеологија, етнологија, антропологија, економија. Нејзиниот интерес е насочен на феминистичките студии, визуелната и економска антропологија, културен менаџмент и музеологија.
Сопружниците Билјана и Братислав Бранковиќ од Србија заедно студирале архитектура. Кога во 2007 година дипломирале дошле до иновативна идеја – да работат архитектура за деца која им овозможува игра и развивање на апстрактното и просторното размислување. Полека почнале да смислуваат голем број прототипи и алатки за работа со деца и набргу сфатиле дека имаат доволно материјали за да креираат производ. Првиот производ го произвеле во 2012 година, archipattern – сет од шаблони за цртање, а веќе пристигнувале и првите нарачки за сетот. Комерцијализацијата започнала од 2014 година, а побарувачката за овие креативни производи оттогаш значително се зголемила.
Во 2012 година ја основале „Процес“ - независна организација која се бави со едукација на деца и млади за просторот, архитектурата и одржливиот развој. Околу себе собираат професионалци од сферата на архитектурата, уметноста, педагогијата и културата.
Ралф Ѓони од Албанија е основач на компанијата „Футур“ со седиште во Тирана, која работи на пазарот на Албанија, Македонија, Косово и во Црна Гора. Дипломирал на Кралскиот колеџ во Лондон, а неговото искуство се протега низ Велика Британија, САД и во земјите од Балканот. Работел и во приватениот сектор, и за владата, две сфери што се силно поврзани. За време на неговата работа во Лондон за позната глобална ПР фирма претставувал неколку земји и работел со нивните влади за промоција на нивниот развој и агенди за инвестиции.
Иван Бркљаќ од Србија е фриленсер, претприемач и проектен менаџер на „Мокринска куќа“ - место за фриленсери, дигитални номади и сите оние што сакаат да работат надвор од големите градови. Концептот е замислен како престој во рурална средина, која притоа го овозможува целиот комфор на урабниот живот. Идејата е враќање кон природата и воспоставување баланс така што ќе се излезе од рутинскиот живот што ја зголемува продуктивноста повеќекратно. Имотот има 5 објекти и секој со своја намена, за јадење, спиење, одмор, работа, за презентации. Тука може да се остане од два дена до години. Најчести гости се луѓе од ИТ индустријата, како и дизајнери, но и поголеми компании, кои тука ги испраќаат своите креативци на неколку дена за да работат на нови идеи и кампањи.
Поле на интерес му е и екологијата, а како еколошки активист Иван Бркљаќ во 2016 година, згрозен од поплавите, покрена и модна линија на алки за рака „Арбо проект“ со чие купување луѓето може да учествуваат во засадување дрвја во најзагрозените подрачја, но осмисли и начин секој да знае каде е заседено неговото дрво.
Кон ова уште и информацијата дека Фестивалскиот форум за развој на креативните индустрии во Македонија е еден од најважните настани на претстојниот фестивал „Скопје креатива 2018“. Форумот ќе се одржи на 12 мај (сабота) од 13-14,30 часот во кино „Фросина“ во МКЦ, а модератор ќе биде Нина Николиќ, претприемач.