Реконструкцијата на владата не се прави поради незадоволство на граѓаните од одредени состојби, туку поради партиски договарања, коментираат домашните аналитичари по најавите за реконструкција во најскоро време. Професорката Мирјана Најчевска вели дека владеењето генерално, не се сфаќа како нешто за кое е потребно посебно знаење и умеење, туку како начин за поделба на колачот.
„Менувањето на исти луѓе во различни министерства е многу можно и очекувано затоа што не е поврзано нивното присуство на чело на тоа министерство со нивното специфично знаење, туку со соодветниот политички договор,“ вели професор Најчевска.
Таа додава дека сето тоа се одразува на квалитетот на работењето на соодветната институција и токму затоа состојбите тешко се менуваат.
„На чело на министерствата доаѓаат луѓе коишто немаат поим каде се и со што треба да се справуваат и како да раководат. Автоматски, тие луѓе не ни знаат да изберат соодветен тим и да ги искористат потенцијалите на структурата којашто им е дадена и работат вообичаено или под директна партиска директива или со многу тесен круг кој го избираат по основ на лојалност или сигурност, а не по основ на знаење и умеење,“ вели Најчевска.
И професорот Али Пајазити вели дека искуството од последните неколку години, истите луѓе да дефилираат по државните институции има негативно влијание врз перцепцијата во јавноста.
„Ова влијае негативно врз народот бидејќи тие тоа го гледаат како една интересна група којашто не дозволува да продре свежа крв и ново руво во тие институции, а со тоа и имиџот на конкретната институција да добие позитивен предзнак“, вели Пајазити и додава дека првите луѓе во министерствата се скоро секогаш со политичка позадина.
„Тие се таканаречените пулени на политичкото раководство кои не смее никој да ги чепне, бидејќи вложиле во „каузата“ , а поголемиот дел од нив не се некаков авторитет во својата професија. Значи други од позадина работат за нив, а тие се само лицата преку кои се задоволуваат апетитите на одредени партиски и моќни кругови,“ вели Пајазити.
Премиерот Зоран Заев минатиот месец изјави дека примарна цел на реконструкцијата на Владата е зголемување на парламентарното мнозинство, не прецизирајќи детали околку кадровските решенија. Рече дека при реконструкцијата на власта ќе се водат само од професионалниот аспект на личноста, од нејзиниот капацитет и впечатокот кој го остава во јавноста.
Во меѓувреме во медиумите се појавија информации дека Драги Рашковски ќе замине од позицијата генерален секретар на Влада, а дека него ќе го замени актуелниот министер за земјоделство Љупчо Николовски. Името на актуелната министерка за образование Рената Десковска се споменува како идна министерка за правда, а најавите се дека образование ќе го преземе кадар на ДУИ. Покрај Демократската партија на Турците и Беса најверојатно ќе стане дел од новиот владин кабинет, по што ќе следат смени во вториот и третиот ешалон. Она што е веќе сигурно е дека Алијансата на Албанците на Зијадин Села нема да биде дел од новата влада.