По минатонеделните состаноци на министрите за надворешни работи на Македонија и Грција Никола Димитров и Никос Коѕијас минатата недела во Солун, разговорите за името ќе продолжат викендов на 12 мај, на новата средба во Атина на која ќе им се приклучи и медијаторот за името Метју Нимиц. Исходот од таа средба грчките медиуми го толкуваат како клучен за тоа дали ќе има средба на премиерот Зоран Заев и неговиот грчки колега Алексис Ципрас на 16-ти мај на Самитот на ЕУ за Западен Балкан, што ќе се одржи во Софија.
Дали евентуалната средба меѓу двајцата премиери ќе значи крај на спорот на името, како што во интервју за МИА изјави премиерот Заев?
„Ако слушнат граѓаните дека се закажува средба помеѓу Заев и Ципрас, тоа значи конкретна практична потврда, дека преговорите се во вистинска насока и дека е можно да се дојде до решение, “ рече пред извесно време премиерот Заев, во интервју за МИА.
Уставните измени и опсегот на употребата се двете главни прашања што се останати во спорот за името, потврди Димитров по последната средба со својот грчки колега. Тој додаде дека се истражуваат опции и комбинации за надминување на спорните прашања. Коѕијас пак изјави дека има впечаток оти другата страна верува оти е дојдено крајно време прашањето да се реши и смета дека има извесен напредок во преговорите.
Сепак домашните експерти се малку повнимателни во однос на оптимистичките најави дека прашањето би можело да се затвори до јуни. Поранешниот амбасадор на Македонија во Грција, дипломатот Љупчо Арсовски вели дека оптимизмот на владата е пренагласен и дека најверојатно ќе се оди на некакво „условно“ решение.
„Сериозната воздржаност на Нимиц ми сигнализира дека се водат тешки преговори и таа воздржаност ми укажува дека е крајно неизвесно дали ќе се дојде сега до решение или ќе биде направено некакво „условно“ решение, за да во некој следен период дојде до тоа што македонската страна ќе се сложи, оти грчката страна бара нешто невозможно,“ вели Арсовски.
Арсовски истакнува дека меѓународното право треба да се почитува, но исто така смета дека грчката страна е како што вели, „преагресивна“ и нема да попушти во одбраната на своите црвени линии.
„Непристојните предлози на грчката страна и натаму се афирмираат, дури и со формулацијата дека и „космосот знае дека тие се во право“. И затоа мислам дека тие ќе одат до таа крајност што ќе ја обвинат само македонската страна дека е непопустлива и дека не сака да реализира ништо од она што е за грчката страна потребно и неопходно,“ вели Арсовски.
Преговорите за името се интензивираа последните неколку месеци. Димитров и Коѕијас во рок од еден месец се сретнаа четирипати. Грчкиот министер на крајот на март допатува во Скопје, по што двајцата министри заедно со посредникот на ОН, Метју Нимиц, разговараа во Виена. Подоцна следуваше посетата на Коѕијас во Охрид, а пред десетина дена министрите повторно имаа состанок со Нимиц во Виена.