Со медиумска писменост против лажните вести

Многу е тешко граѓаните да ја препознаат лажната вест, од онаа која ја носи вистината, велат медиумските експерти. Тие сугерираат целосно вклучување на државата, медиумите и невладиниот сектор во борбата против феноменот кој ја искривува реалната слика за светот во кој живееме.

Не е лесно да се препознае лажната вест, но со поголема едуцираност кај граѓаните може да се постигнат резултати и да се направи чекор напред во борбата против дезинформациите, порачува Ерик Брнс, медиумски стратег и комуниколог од Соединетите Држави во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Додава дека денеска станува сè потешко да се идентификува која вест е точна, а која лажна.

„Тоа е многу комплицирано прашање. Кога работев во една организација за медиумски прашања во Соединетите Држави, чија цел беше да се справи со лажните информации од проблематичните медиуми како на пример „Фокс Њуз“ која долго време го прави тоа, го правевме тоа на начин што ако имаше некоја приказна која е лажна на „Фокс Њуз“ и ако имавме доказ дека има лага во приказната, подготвувавме извештај во кој кажувавме дека има лага докажувајќи зошто и кои се аргументите и тоа го објавувавме во другите медиуми. Но, сега имаме комплетно поразлична категорија. Сега се соочуваме со целосно констатирани наративи од типот „Папата Франциско го поддржува Доналд Трамп“ и тоа бара друго ниво на разбирање, едукација и ресурси за да бидете подготвен да го победите и тоа да се рашири ефективно“, вели Брнс.

И Жанета Трајкоска од Институтот за комуникациски студии вели дека денешните квази вести ја имаат истата форма како и вистинските информации, но суштинската разлика е тоа што тие не ја носат вистината.

„Граѓаните имаат навистина тешка задача и многу тешко можат да го направат тоа доколку немаат основни алатки ресурси и знаења да препознаат одредена лажна вест. Навистина денешните дезинформации личат на вистинските, ја имаат истата форма, но тие не ја носат вистината. Прво правило за мене е првично на ништо да не веруваш, туку да го провериш два до три пати“, вели Трајкоска.

Оваа појава која беше препознатлива во периодот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, се уште ја има, иако е со намален интензитет, вели Трајкоска. Апелира дека за да се победи овој исклучително штетен феномен на 21 век, потребно е целосна поврзаност на сите чинители во креирањето и продукцијата на вести, а тоа ги вклучува државата од една страна, медиумите, од друга, потоа образованието на сите нивоа и невладиниот и граѓанскиот сектор.

„На овој начин со создавање на ваков тип на коалиција може да придонесеме за да се подигне нивото на образованост за медиумска писменост. Нема лесно решение за да се бориме или да ги елиминираме лажните вести, но мора тоа да се направи на темелен начин. Тоа значи дека професионалните медиуми немаат веќе само обврска да продуцираат информации туку и да ја користат веќе подзаборавената своја обврска и да ја едуцираат својата публика. Тоа значи дека ќе си го градат сопствениот интегритет, но и довербата кон тој медиум од страна на неговата публика“, вели Трајкоска, додавајќи дека и министерството за образование ќе мора посериозно да ја вметне медиумската писменост во образовниот процес.

Нашите соговорници велат дека владините институции мора да создадат услови за да може да се зборува и едуцира за медиумската писменост. Примерите со изборот на американскиот претседател Трамп, Брегзит, случајот со Кембриџ Аналитика и сл. се доказ за сериозните влијанија кои лажните вести ги предизвикуваат, не само на локално, туку и на глобално ниво, насекаде низ светот.