Наместо дрвја зелени, згради високи

Градењето нов станбено - деловен објект и сечењето дрвја во населбата Аеродром во Скопје, поттикна негативни реакции во јавноста. Архитектите велат дека потребни се политики кои ќе ги почитуваат интересите на граѓаните. Тие велат дека состојбата со инфраструктурата и зеленилото е алармантна.

Наместо природно филтрирање на воздухот од дрвјата и планско градење во консултација со стручна јавност, како што беше во дел од предизборните ветувања на владата, истите грешки во континуитет наназад се повторуваат. Деновиве јавноста повторно е загрижена поради експанзија на градежни зафати и уништување на зеленилото. Дел од архитектите посочуваат дека е потребно зеленилото да се сочува како вредност во градот, бидејќи е гаранција за квалитетен живот и поздрава средина.

До нивниот коментар доаѓа особено по реакциите на жителите од Аеродром, поради сечењето на дрвја на место каде треба да се гради станбено-деловен објект „Порта Аеродром“.

Градоначалникот Златко Марин вели дека парцелата на која се наоѓале дрвјата била приватна и затоа општината нема надлежност. Но, дел од архитектите посочуваат дека законите може да се менуваат ако нечинат и дополнуваат дека има страшен недостиг на зеленило во градот.

„Таа интервенција треба да се испита дали станува збор за реализација на усвоен ДУП и спроведување на решение на градба итн, но дури и да ги има документите за таа акција потребно е да се преиспитаат и ако е можно да се ревидираат за дрвјата да се сочуваат. Ако се исечени заслужува дa се демонстрира глaсот на граѓаните како таков. Потребен е еден фронтален општ став дека зеленилото треба да се сочува како светост во градот“, вели архитектката Даница Павловска.

Освен реакции на граѓаните поттикнати од сечењето на дрвјата во јавноста, исто така има незадоволство и поради тоа што продолжуваат непланските градби и проекти без консултација на архитекти и стручната јавност. Исто така не се почитуваат одредбите кои се однесуваат на тоа на колку квадратни метри зелена површина може да се гради.

Поранешната претседателка на асоцијацијата на архитекти Сања Раѓеновиќ вели дека она што се случува на терен сега е пропишано со генералните урбанистички планови од кои некои се донесени и пред 15 години, како што е случај со општината Аеродром.

„Она што за време на кампањата за градоначалници се ветуваше и тогаш не звучеше многу реално. Со години се апелира дека грешките во урбанизмот се непоправливи и за да се поправат потребни се радикални решенија и чинат време и пари“, вели Рагеновиќ.

Таа вели дека она што се случува во населбата Аеродром е законски, но оти друго прашање е колку постојните планови и законите се квалитетни.

За да се изменат деталните урбанистички планови и да бидат поповолни таа посочува дека треба да се променат други правилници, како што е правилникот за урбанистичко планирање. Но укажува дека во правилниците исто така се вели дека секој нареден план не смее да ја намалува површината за градење.

Во меѓувреме, архитектите се согласуваат дека во Скопје состојбата е алармантна и со зеленилото и со инфраструктурата и оти сите градби се случуваат на постоечка инфраструктура за водовод, канализација и сообраќај и оти тоа ќе биде проблем за градот во иднина. Тие посочуваат дека на исти сообраќајници направени пред повеќе години сега се приклучени многу повеќе објекти и жители, а нови улици не се прават.

Активистот Никола Писарев, кој во изминатите години беше претставник на здруженија кои реагираа против неплански градби, вели дека лошите слики од Скопје и општините се исти во континуитет.

„Во принцип не гледам голема промена. Големата промена не може да ја видиме, зашто улиците се валкани и натаму се уништува јавното зеленило. Најголем проблем е што имот на државата, градот и општините се продава на инвеститори и се гради, значи она што е земјиште на градот треба да се стави во трајна заштита, да не може да се гради и да не може да се приватизира да се гради, туку да остане јавен простор и зеленило“, изјави Писарев.

Тој вели дека е потребна стратегија и трајна промена на Деталните урбанистички планови. Писарев укажува дека Деталниот урбанистички план на општината Аеродром истекува во идната година и дополнува дека треба општината веќе да размислува да отвори дискусија да се направи ново озеленување и осмислување на јавниот простор.

И додека во некои општини продолжува градежната експанзија, од друга страна градоначалникот на Општината Центар, Саша Богдановиќ, најави стопирање на реализацијата на околу 31 урбанистички план во општина Центар. Најголем дел од плановите се однесуваат за скопско Дебар Маало, каде што со години има критики за многу новоизградени објекти.Во јавноста оваа одлука на градоначалникот се толкува како позитивен пример, но дел од архитектите сега реагираат дека за овие одлуки може да има и финансиски последици. Според нивните согледувања, треба да се најдат форми со кои новите политики ќе бидат балансирани и добро анализирани и ќе ги штитат и граѓаните, но и пошироките интереси.