И денешниот обид да почне судењето за предметот „Титаник“ заврши без успех. Рочиштето се одложи за 9-ти мај поради немање одлука за изземање на судиите за овој случај. На денешното рочиште дојдоа сите обвинети, меѓу кои и Гордана Јанкулоска, која не се појави на претходното судење поради боледување.
Претходното рочиште беше одложено токму поради отсуството на обвинетата Јанкулоска, но и поради фактот дека до судот не пристигна одговор на барањето на адвокатот Еленко Миланов за изземање на Судискиот совет. Адвокатот Миланов побара да бидат изземени судиите Осман Шабани и Огнен Ставрев од овој предмет, бидејќи, како што рече, специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, изјавила во интервју дека дел од судиите биле прислушувани или ги имало во бомбите.
Се очекува решението на Врховниот суд да биде испратено до Кривичниот. Инаку, за предметите „ТНТ“ и „Насилство“, повисоките судови веќе донесоа одлука дека нема основа за изземање на судиите.
Во случајот „Титаник“ обвинет е поранешниот врв на ВМРО-ДПМНЕ, почнувајќи од експремиерот Никола Груевски, потоа, Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
Тие се обвинети од СЈО за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.
„Имено, во 2012 година, осомничените кои имале својства на министер за внатрешни работи, министер за транспорт и врски и секретар на Владата на Р.Македонија, сите членови на извршен комитет на партија, заедно со други, засега непознати лица, искористувајќи го своето реално влијание и службена положба, а заради понатамошно опстојување на власт на партијата, и на локално и на државно ниво и особено заради нивни непосредни привилегии од практикување на власта, создале група, која имала за цел вршење на кривични дела против изборите и гласањето, а за кои кривични дела може да се изрече казна затвор од три години или потешка казна,” рече обвинителката Фатиме Фетаи кога пред јавноста го презентираше овој случај.