Сите синдикати на различен првомајски протест. Во Скопје се организираат дури пет протести по повод Меѓународниот ден на трудот, иако солидарноста треба да биде една од основните одлики на синдикализмот. Сите велат дека работничките права се кршат на секој чекор, работници гинат, не се плаќа прекувремената работа. Бараат поголеми работнички права, повисоки плати, подобри услови за работа...
Конфедерацијата на слободни синдикати изрази загриженост за економските и социјални показатели, но нема да протестира.
По повеќегодишна пауза, по промената на раководството, ССМ организира Првомајски марш од пред нивното седиште до владата. Во нивниот проглас е наведено дека „патиштата се различни, целта е една“. За разлика од претходниот претседател на ССМ, Живко Митревски, кој велеше дека „колоритот специфичен за други времиња“ не давал резултат, очигледно новото синдикално раководство е на поинаков став.
„Достоинствена плата, покачување на личниот доход, ценење на работничкиот труд, регрес во јавниот и во приватниот сектор, стоп за мобингот што се врши врз вработените. Да слушнат пратениците кои ги носат тие закони кога се вршат измените, да слушнат министрите и премиерот“, рече неодамна претседателот на ССМ, Дарко Димовски.
Првомајски протест од пред зградата на МРТВ до владата организира и Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија(КСОМ).
Повелбата за солидарност, пак, маршира од плоштадот Карпошово Востание, кај споменикот на Филип Втори до Собранието и владата. Членови на Повелбата за солидарност се Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници(ССНМ), Синдикатот на управата и правосудството(УПОЗ), кој е дел од ССМ, синдикатот на дипломатската служба, синдикатот на култура и Независниот академски синдикат. Во нивниот проглас исто така се наведува дека „Патиштата се различни, целта е иста“.
Протестот на политичката партија Левица е пред споменикот на УРС-овите синдикати кај Југодрво, а Левичарското движење Солидарност пред Стопанската комора на Македонија. Нивната порака е дека „времето кога економските моќници ги кројат социјалните и економски политики е завршено“.
Здравко Савески од Левица вели дека би сакал да има еден поголем протест, наместо неколку помали, но оти сепак е поважно да се изрази незадоволството од состојбите и од пасивноста и на новата влада во однос на заштитата на работничките права. Потсетува дека и во предизборната програма и во владината програма имаше најави за подобрување на состојбите и не се согласува дека владата досега немала време да ги направи.
„Во мерките кои ги имаат напишано има и мерки за кои нема потреба од никаква претходна подготовка за имплементација. На пример, договорите на определено време кои во моментов траат неверојатни пет години може за максимум еден месец да биде сменето и да биде вратена должината на максимум шест месеци како што беше порано. Но, едноставно тие покажуваат ноншалантност, незаинтересираност, дури и за она што тие го ветиле“, вели Савески.
СДСМ во предизборната програма ветуваше дека ќе стави крај на злоупотребата на договорите за вработување на определено време и оти ќе ги ограничи на шест месеци. Според нивните ветувања, во новиот Закон за работни односи ќе се воведе регистар на прекувремени работни часови и оти колективните договори ќе станат задолжителни за сите фирми со над 20 вработени. Исто така беше најавено скратување на работното време за работниците кои се две години пред пензија од 8 на 6 часа дневно.