Зеленото светло од ЕУ - вест на неделата

Извештајот за напредокот кон ЕУ, посетата на Могерини и Хан и нивните пораки, како и Дигиталниот самит се темите за кои пишуваат медиумите.

Веста на денот, веројатно и на неделата, зазеде прво место во речиси сите онлајн изданија на дневниот печат. Нова Македонија наслови: „Зелено светло за Македонија од Брисел – ЕК препорача почнување на преговорите за членство во Унијата. Одлучувачки ќе бидат задржувањето и продлабочувањето на сегашниот реформски чекори за итните реформски приоритети“.

Исто така, речиси сите електронски изданија на весниците ги објавија и зборовите на Могерини: „Можете да славите, и потоа да се вратите на работа“, ја цитира Нова Македонија високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини од заедничката прес-конференција со премиерот Заев.

Вечер ја објави реакцијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ: „Позитивен извештај од ЕК не е новина“, а во друг наслов го цитира потпретседателот на партијата, Александар Николовски: „Петките со кои Заев сака да се пофали во јавноста, всушност се двојки. Корупцијата останува распространета во многу области... Политичкото мешање останува ризик“. Вечер го објавува и коментарот на германскиот весник Билд со наслов: „ЕУ ги сака Албанија и Македонија – застрашувачки наивно и нема врска со реалноста“.

Нова Македонија ја објави реакцијата на грчкото МНР по извештајот за Македонија: „Реформите и името се предуслови за интеграција на Скопје во ЕУ“. Во соопштението Атина потсетува дека одлуките не ги носи Комисијата туку Советот на ЕУ, каде што Грција јасно ги формулирала своите позиции. Слободен печат на насловната објави: „Атина не ни ја есапи петката од Брисел – потсетува дека за преговори се одлучува во Советот на ЕУ“. Вечер, пак, го цитира министерот Коѕијас од интервјуто за едно грчко радио: „ПЈРМ во јуни нема да влезе во НАТО, нема доволно време“.

Нова Македонија, Независен и Слободен печат објавија дека „Могерини и Заев се домаќини на неформална вечера со премиерите од Западен Балкан“, кои се учесници на Дигиталниот самит чиј домаќин овој пат е Македонија. Според владината прес-служба, тие разговарале за состојбата во регионот и за процесите на интеграција на Западен Балкан во ЕУ. Од фотографијата на ФБ профилот на премиерот Заев, што го објавија Независен и Слободен печат, јавноста дознава дека тој со своите гости од балканските држави со автобус заминале во Александар Палас каде што се одржува Самитот.

Од домашните теми, Независен објавува информација дека со најновите одлуки на Владата, „И во јавните претпријатија ќе се внимава кој што јаде и пие“ и го наведува примерот на МЕПСО чии членови на управниот одбор во 2017 год. за репрезентација потрошиле околу 30.000 евра, а Државниот завод за ревизија во извештајот навел дека за овие трошоци не се приложени докази за нивно одобрување. Независен исто така информира дека под лупа на државните ревизори се и „СДСМ, ДУИ и ДПА – вистинитоста на партиските сметки под прашалник“.

Вечер излезе со наслов од кој навистина се крева коса на глава: „Секоја година по 200 милиони евра или повеќе – Заработка до небо: Еве зошто ќе ги затвораат кладилниците“. И, во овој преглед, како пример за тоа што значи силен синдикат: „Работниците во ’Шкода‘ ќе земаат плата од 2.000 евра и бонус од 2.600 евра – Синдикатот издејствува најголеми зголемувања на платите од трансферот кон групацијата ’Фолксваген‘“.