Дигиталната трансформација за поевтин роаминг

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Дигитален самит за Западен Балкан

Македонија е домаќин на првиот Дигитален самит за Западен Балкан 2018 кој се одржува во Скопје. Претставници на владите од регионот, на ЕУ, на невладините организации и бизнис секторот дебатираат за потребата и предностите на дигиталната трансформација на опшествата во современиот живот.

Земјите од Западниот Балкан се обединети во дигиталната трансформација чија цел е просперитетна европска иднина за регионот, беше речено на првиот Дигитален самит за Западен Балкан, чиј домаќин е Македонија.

Зборувајќи за придобивките на дигиталната трасформација и револуција за животот на граѓаните, еврокомесарката за дигитална економија и општество Марија Габриел истакна дека засилено се работи на изработка на Дигиталната агенда за Западен Балкан, која е дел од стратегијата на ЕУ за проширување за Западен Балкан 2025. Предупреди дека овој процес нема да биде лесен, и дека клучни точки кон остварување на истата ќе биде обезбедување на средства, подготвеност на јавната администрација, интернет инфраструктурата, но и зголемување на довербата на граѓаните во дигиталниот свет. Еврокомесарката истакна дека намалувањето на цените на роамингот ќе биде една од заложбите при дигиталната трансформација.

„Роамингот не е само неопходност, туку и важен стимул кој е од корист и за бизнисите и за граѓаните. Ја поздравувам иницијативата за намалување на цените. Ова е сложена тема за која на ЕУ и требаа речиси 10 години да ја оствари. Но, мораме да овозможиме пад на цените за роамингот на Самитот во Софија во маj”, рече Габриел во своето обраќање.

Премиерот Зоран Заев рече дека Владата ќе обезбеди повеќе буџетски средства за остварување на оваа цел, истовремено покажувајќи поготвеност Владата да учествува во покривање на загубата на мобилните оператори која би била направена преку евентуално намалување на цените на услугите.

„Заедно со министерот за финансии, веќе предвидуваме нови средства постојано давајќи поддршка за дигиталната агенда во Македонија и верувам дека како ќе имаме сè поголеми успеси ќе бидеме повеќе охрабрени да алоцираме во буџетот поголеми средства од досега предвидените“, изјави Заев.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски истакна дека постои политичка волја кај сите земји од Западниот Балкан и дека за првпат дигиталната трансформација се наоѓа толку високо на политичките агенди, што го искоментира како знак дека и политичарите се промениле.

„Дигиталната трансформација не е лесна, таа всушност претставува многу комплексен и многу скап потфат. Потребни се инвестиции и во инфраструктура, но и во човечките ресурси. Но, позитивно е тоа што се менува и политичката свест и имаме политичка волја“, рече Манчевски, додавајќи дека ова е историска шанса Западниот Балкан да биде добар пример за разлика од, како што рече, примерите коишто ги поставуваше во минатото.

Германскиот министер за економија и енергија Томас Бареис, ја истакна потребата стартапите, малите и средните претпријатија да ја сфатат можноста која им ја дава дигиталната револуција и да ја искористат.

Од дводневниот самит се очекува да произлезе заедничкото барање до Европската комисија за меѓусебно признавање на дигиталните сертификати, односно дигиталните потписи и печати. На самитот присуствуваат претставници на ЕУ, на владите од Западен Балкан, бизнисите, регионалните организации, граѓанското општество, академската заедница.