Турција донира опрема за медицинското училиште во Куманово

Претставници на медицинското училиште од Куманово и од општина Тузла во Истанбул, Турција на средба со градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Кумановските и средношколците медицинари од турскиот град Тузла втора година разменуваат искуства и пријателство. Од турското училиште најавуваат и донација за опремување на медицинските кабинети во Куманово.

Втора година средношколците од здравствената насока од кумановското СОУ „Наце Буѓони“ соработуваат со нивните врсници од Тузла, една од општините во Истанбул, Турција. Освен создавање пријателства, заеднички прошетки и размена на искуства во однос на образовниот процес, од турското училиште е најавена и донација за опремување на медицинските кабинети.

„Она што е особено битно за мене е да достигнеме ниво на професионална соработка, не само меѓу професорите и институциите, туку првенствено на ниво на соработка на заеднички искуства и конкретно нашите и нивните ученици да ја почувствуваат таа соработка. Исто така најавена е и донација за збогатување на опременоста на кабинетите во нашето училиште за намена на здравствената насока“, изјави Максим Димитриевски, градоначалник на Општината Куманово.

Драган Јаневски директор на СОУ „Наце Буѓони“ вели дека на почетокот на наредната учебна година договорена е размена, односно првин нашите ученици и професори ќе престојуваат во Тузла, а потоа ќе бидат домаќини на тамошните. И Јаневски како и неговиот колега Сељатин Дурсун, од Тузла сметаат дека нема големи разлики меѓу образованието на идниот помошен медицински персонал во двете училишта.

Разликата е во опременоста. Нивните училишта се подобро опремени од нашите, но се надеваме дека по некое време ќе го достигнеме нивното ниво. Собираме искуства и донации и начин на работа“, вели Јаневски.

Според Јаневски училиштето од Тузла на нашето училиште засега ќе му донира надгледни средства за кабинетите.

Дурсун го потенцира пријателството меѓу учениците.

„Се надевам дека ќе имаме добра соработка. И ние имаме што да научиме од нив и тие од нас. Ова е главната цел, да имаме размена на ученици, на наставници и искуствата да ги споделиме“, вели Дурсун.

Според Дурсун турските ученици три дена во неделата се на практична настава, а два дена на училиште по осум школски часови. Од она што тој го забележалво кумановското училиште разликата е само во часовите и практичниот дел.