На Македонија местото ѝ е во Европската унија, но проблемите со коишто се соочува, како што се лошите реформи во образованието, невработеноста, корупцијата и многу други, сепак ќе мора самата да си ги решава, велат дел од средношколците од Куманово кои одбележувајќи го Денот на Европа, седма година по ред ја продолжуваат традицијата со учество во квизот насловен „ЕУ и нејзина интеграција“.
Имајќи ја предвид моменталната состојба, ЕУ е единствена организација која може да ја стабилизира состојбата во Македонија.Анкетиран средношколец.
„Секако дека не е важно дали Македонија ќе биде дел од Европската унија или не, проблемите ќе си ги има. Доколку е дел од ЕУ ќе биде повеќе почитувана.“
„Имајќи ја предвид моменталната состојба, ЕУ е единствена организација која може да ја стабилизира состојбата во Македонија. Тоа значи ќе ја намалува корупцијата, ќе им овозможи на граѓаните да ги остваруваат своите права, да се намали невработеноста, да им обезбеди на граѓаните да живеат во слободна и безбедна зона и да биде држава во која ќе владее правдата“, велат средношколците.
За средношколците што протестираа против новите законски реформи на Министерството за образование и наука, средношколците се со различно мислење. Некои од нив сметаат дека местото на учениците, особено на матурантите, на крајот на учебната година треба да им е во училишните клупи, а не на протестите и бојкот на наставата, додека други пак, им ја даваат целосната поддршка.
„Не се во право, бидејќи овие школски денови се последни и треба да останеме на училиште до крајот.“
„Ние ги анализиравме реформите кои потекнуваат од МОН, тие не го подигнуваат нивото на образование, не поттикнуваат квалитетна настава како што мислат тие. Ги поддржуваме протестите“, велат анкетираните.
Светлана Илиевска Алексовска, професорка во средното техничко училиште „Наце Буѓони“ во Куманово, вели дека нивното училиште по повод Денот на Европа организира натпревари на средношколци кои посетуваат настава на македонски и на албански јазик.
„Целта ни е да ги мотивираме учениците да стекнат повеќе знаење за вредностите на ЕУ според кои таа го гради својот интегритет. Тие се мотивирани не само за знаењето, туку се стремиме и да ја поттикнеме комуникацијата помеѓу средношколците од сите училишта, исто така и од различни етнички заедници, повеќе да се дружат. А натпреварот може лесно да стане процес на понатамошна соработка соработка“, вели Илиевска Алексовска и додава дека нивните настојувања што повеќе учениците да осознаат и за ЕУ и за сопствената држава некогаш се поуспешни, некогаш помалку успешни. И тоа зависи од самите ученици.