Се очекува ли притисок од бегалци врз македонската граница?

Бегалскиот бран нема да мирува, но според упатените, не се очекува повторување на бегалската криза од 2015 година. Надлежните очекуваат зголемен притисок на граничните премини и апелираат на потребата од постоење на траен систем за заштита.

Прашање на време е кога стотици илјади луѓе кои во моментот се присилно раселени низ Сирија, ќе одлучат да ја напуштат својата земја, велат од хуманитарната организација Легис. Сепак, истакнуваат дека од нивните теренски проверки, барем засега, не забележеле поголем интензитет на движење на граничните премини.

„На терен ние сме присутни и во двата кампа, но и на пограничната линија. Интензитетот не се зголемува многу, не очекуваме последните случувања во Сирија да привлечат поголема концентрација на бегалци на границата. Интензитетот е непроменет. Но, она што треба да го знаат политичарите во земјава е дека Македонија херметички ја затвори својата граница, имаме жица, имаме закон кој не одобрува да добијат азил во земјата, така што Македонија успеа да си се „заштити“ од бегалците кои принудени да бегаат од своите огништа“, вели Мерсиха Смаиловиќ, претседателка на Легис.

Од МВР информираат дека протокот на патници на граничните премини во Македонија од страна на државјани на Сирија е со нормален интензитет, односно не е забележано зголемување на бројот на лица од Сирија како резултат на саботните воздушни напади во Сирија. Исто така не е забележано зголемување на бројот на лица-мигранти од Сирија кои се обидуваат нелегално да влезат на територијата на Македонија од Грција.

Од Легис не очекуваат да се повтори бегалската криза од 2015 година. Македонија и натаму останува транзитна земја преку која бегалците само поминуваат за да стигнат до конечната цел, некоја од западноевропските земји. Она што е забележано е дека во последно време сè повеќе бегалци ја користат подолгата и потешка рута која води преку Грција, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска до Словенија, и тоа поради послабата концентрација на полиција на граничните премини.

Во моментот во двата бегалски кампа во Гевгелија и Табановце бројот на бегалци не е поголем од 30. Оваа бројка секој ден се менува, зашто штом бидат исполнети условите, секој од бегалците бара начин да го напушти кампот и да замине кон својата цел, велат од Легис.

Во текот на вчерашниот ден, пак, полицијата открила петмина мигранти на граничниот премин Табановце, во вагон од товарен воз кој сообраќал на релација Грција-Унгарија. Лицата се пренесени во транзитниот камп Табановце за понатамошна постапка, соопштуваат од МВР.

Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска деновиве изјави дека настаните во Сирија се очекува да донесат нови бегалци и во Македонија, истакнувајќи ја потребата за постоење на траен систем за соочување со вакви ситуации, со цел земјата да биде дел од системот за колективна заштита.

„Јасно е дека притисокот врз границата постои. Не е видлив како во 2015, но фактот дека пред некое време имавме околу 100 мигранти кои нелегално се обидуваа да ја поминат границата и за среќа беа фатени покажува дека Македонија и регионот треба да се навикне дека ова ќе трае и дека мора да имаме систем којшто ќе биде постојано, а не по потреба активен“, изјави Шеќеринска.

Во меѓувреме, и рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, го предупреди Западот против воената акција во Сирија велејќи дека тоа ќе доведе до нов бран бегалци во Европа. Во последниот извештај на УНХЦР пак се наведува дека е намален бројот на бегалци и мигранти кои пристигнале во Европа минатата година, но и дека биле забележани изменети рути на движење. Ова намалување продолжило во првите три месеца од 2018 година, со пад од 74 проценти споредено со минатата година.