Интерпелацијата на Владата нема да ги попречи реформските закони

Архива: Собраниска седница.

Можно е до крајот на неделава Собранието да ги донесе реформските закони, коментираат аналитичари. Тие велат дека барањето за интерпелација на Владата од страна на ВМРО-ДПМНЕ е легитимно укажување на некои слабости и според нив, таа нема да ги попречи реформските закони.

Постои консензус за донесувањето на реформските закони во Собранието, на тоа укажува и дискусијата меѓу партиите која трае подолг период, со што може да се заклучи дека тие можат да добијат поддршка и од опозицијата, вели професор Никола Дујовски од Универзитетот Св. Климент Охридски.

Во Собранието на Македонија за денеска беа закажани четири пленарни седници и седници на повеќе комисии за дел од реформските закони од правосудството, но тие се одложени за четврток на 12 април.

На дневен ред на седниците се измените и дополнувањата на Законот за заштита на сведоци, реформскиот Закон за судовите и дополнувањата на Законот за јавното обвинителство и Законот за кривична постапка во второ читање.

„Таму каде што се потрeбни промени со двотретинско мнозинство, мислам дека власта е многу блиску до договор со опозицијата и очекувам тоа да се случи“, вели Дујовски.

Политичкиот аналитичар и поранешен пратеник Насер Зибери вели дека законите, кои претставуваат пакет на реформи во правосудниот систем, е можно да бидат донесени во рокот до најавената посета на Македонија на 18 април на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и шефицата за надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини.

„За повеќето од овие закони мнозинството и опозицијата имаат долго преговарано и мислам дека ги имаат услогласено сите отворени прашања“, вели Зибери.

Утре се очекува да се одржи и седница за гласање доверба на Владата, откако деновиве опозицијата го достави барањето во Собранието. Ова, според ВМРО-ДПМНЕ, беше еден од мотивите за враќање на опозицијата во Парламентот.

Дујовски смета дека барањето за интерпелација на Владата од страна на ВМРО-ДПМНЕ, нема да го попречи донесувањето на реформските закони, бидејќи како што вели, тоа не се поврзани процеси. Тој очекува следниот ден (четврток) без многу дискусија да бидат изгласани реформските закони.

„ВМРО-ДПМНЕ на овој начин се враќа во Собранието. Легитимно е да се укаже на некои слабости, кои тие ценат дека се слабости кај владејачкото мнозинство, но исто така е факт дека нема соодветна поддршка за разрешување на Владата. Обратно, очекувам најголем дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржат овие реформски закони, затоа што беа подготвени и во консултација со нив“, вели Дујовски.

Зибери исто така смета дека интерпелацијата на Владата не може да го попречи донесувањето на реформските закони.

„Бидејќи, од денот на отворањето на расправата, до 24 часот, треба Собранието да се изјасни за ова прашање, така што таа точка ќе биде затворена“, вели Зибери.

Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан се очекува да ја посетат Македонија на 18 април, како што на почетокот на април најави премиерот Зоран Заeв, еден ден по објавувањето на Извештајот за напредокот на земјите од страна на Европската комисија.