Разговорите на шефовите на македонската и на грчката дипломатија Никола Димитров и Никос Коѕијас и медијаторот Метју Нимиц продолжуваат денеска во Виена, а почнаа синоќа со неформална работна вечера. Се очекува двајцата министри да ги претстават нацрт- спогодбите на двете земји, а потоа медијаторот Нимиц да понуди сопствен документ за надминување на разликата.
За време на минатонеделната посета на Коѕијас во Скопје, двајцата министри се изјаснија дека е потребно решение кое ќе биде достоинствено и чесно за сите и не само што ќе ги решава проблемите од минатото, туку ќе придонесе и за подобра иднина. Димитров истакна дека слеано име не е најдостоинствено решение, особено не непреведено. Македонската страна смета дека прашањето треба да се реши преку меѓународен договор, а не со промена на највисокиот правен акт на државата.
Позицијата на Грција е сложено име со географска одредница, за севкупна употреба и промена на македонскиот Устав. Грчкиот министер во однос на тоа зошто Грција инсистира на промена на Уставот на Македонија, рече дека на тоа ги натерало искуството од ЕУ, кога се покажало дека одлуките на некои уставни судови биле над европското и меѓународното право.
Премиерот Зоран Заев останува на ставот дека двете страни треба да се одлучни и да прават чекори кои водат поблиску до решението на единственото отворено прашање меѓу двете земји, а неговиот грчки колега изјави дека неговата земја сака решение што ќе издржи низ времето, а не решение што ризикува многу брзо да се урне и затоа, меѓу другото, како предуслов стои барањето за промената на Уставот на соседната земја.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ излезе со став дека решението за кое преговара македонската влада треба да ги запазува државните и националните интереси, што било истакнато и на последната средба меѓу претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и грчкиот министер.
Димитров најави дека после преговорите во Виена ќе побара лидерска средба во државата, што пак се толкува дека на маса ќе има конкретна материја за разгледување поврзана со спорот за името.
Неодамна и американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел, при неговата посета на Скопје изјави дека САД ги поддржуваат напорите на Скопје и на Атина да најдат решение за спорпт за разликите за името. Тој истакна дека Македонија направила големи чекори во ангажирањето во преговорите и оти ова е одлична можност за доаѓање до решение.