Само еден збор, „дозволувам“ или „се согласувам“, го отвораат прозорецот преку кој вашите лични информации стануваат достапни за провајдерот преку кој користите одредена апликација на вашиот паметен телефон. Скандалот со злоупотребата на личните податоци на околу 50 милиони фејсбук корисници од страна на компанијата Кембриџ Аналитика ги отвори сомневањата дека и македонските граѓани можат да бидат предмет на слични злоупотреби за маркетинг или за политички цели. Токму затоа, упатените препорачуваат граѓаните да бидат повнимателни при секое „симнување“ на апликација на телефон, или пак со секое учество на квиз или на некоја игра на Фејсбук кога од нив се бараат одредени лични податоци.
„365 дена во годината сите ние како конзументи на социјалните медиуми сме таргет на компаниите. Исто така 365 дена сме таргет и на политичките партии, но особено за време на изборните кампањи. Тогаш е видливо за сите коишто работат во маркетинг индустријата дека цената на кликот или на рекламата многу се зголемува поради големиот наплив од политичарите да бидат присутни. Убаво е да се биде присутен на социјалните медиуми и како политичар и како партија и како комерцијален субјект, меѓутоа мора да се почитуваат одредени правила, почнувајќи од првото дека доаѓате во средина која не е ваша, си има свои правила и не можете да бидете вие тие кои ќе излегувате буквално од секое ќоше“, објаснува Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми.
Алатките со помош на кои информациите и одредени услуги ги добиваме многу брзо, подразбираат давање на дел од нашата приватност, но тоа не значи дека тие треба да бидат злоупотребени, посочува Кордалов. Заштитата треба да ја обезбедат глобалните регулатори преку построга контрола во согласност со националното законодавство.
„Она што кај нас во националното законодавство треба да се направи е да ги рефлектира веб страните, платформите, апликациите коишто се со потекло од нашата земја и коишто дејствуваат локално. Регулативата е добра и она што треба да се подобрува е примената, меѓутоа за да се имаме добра примена треба да се вложува во кадар којшто ги разбира овие работи и се има соочено со овие проблеми. Освен усогласување на законодавствата, би сугерирал да се земаат профили на луѓе кои имаат одредено искуство во вакви регулатори тела во Европа и САД со цел да се подобри заштитата на интернет просторот“, вели Кордалов.
Македонските граѓани се свесни дека нивните лични податоци можат да бидат злоупотребени за политички или за маркетинг цели. Но и покрај тоа барем засега, повеќето од нив не размислуваат за напуштање на социјалните мрежи.
„Не отворам нешто со сомнителна содржина, не прифаќам непознати лица за пријатели, бидејќи многу пати ми бил хакиран профилот, ми биле злоупотребени податоци, затоа внимавам на тоа, не сум размислувала да го укинам, ама сум претпазлива.“
„Нема да го исклучам фејбук профилот, но секој треба да се пази.“
„Секој има страв од злоупотреба на податоците, секој си е на свој ризик.“
„Знам дека податоците можат да се злоупотребат и затоа немам многу лични податоци оставени на Фејсбук“, велат дел од младите кои ги прашавме дали размислуваат за укинување на својот профил на социјалните мрежи и дали свесно оставаат свои лични податоци при користењето на овие мрежи.
Но. каква е постапката според која вашите податоци стануваат предмет на обработка или нечија друга сопственост? Дали е Фејсбук само една алатка во пазарот на податоци, каде податоци се купуваат и продаваат секој ден?
Упатените објаснуваат дека секогаш кога еден корисник ќе прифати некоја апликација преку Фејсбук му се појавува еден прозорец со кој се бара дозвола за пристап до неговите податоци. Станува збор за податоци кои се јавни на секој профил, како на пример име и презиме, фотографии, лајкови и слично, но апликацијата добивала и пристап до информации кои корисникот ги чува како тајни.
„Голем дел од нашите граѓани не го познаваат доволно добро англискиот јазик, а уште помал дел го познаваат правниот жаргон или имаат познавања од областа на правото и човековите права што би им овозможиле да направат целосна анализа на тоа со што се се согласуваат во моментот кога го кликаат тоа копче на интернет. Кликањето на такво копче е практично еквивалент на ставање на потпис на валиден договор на исто ниво како кога би дале потпис за трансакција во банка, или кога би потпишале на нотар и слично“, објаснува програмскиот директор на Метаморфозис, Филип Стојановски.
Во најголем број случаи, граѓаните не се свесни какви сè права им даваат на оние кои потоа ги контролираат нивните приватни податоци, а поголем проблем настанува кога оние кои ги контролираат тие податоци ќе ги дадат на друг, доброволно или некој ќе им ги украде преку хакирање и слично. Затоа исклучително важно е кој, каде и како ги чува нашите податоци, односно дали тие податоци се чуваат во земји коишто имаат компатибилен правен систем со македонскиот правен систем.
„Затоа е на пример многу важно да знаеме дали Мајкрософт и неговиот пакет Офис 365 гарантира дека неговите сервери се наоѓаат во Ирска, којашто е дел од ЕУ и каде што тој мора да ги почитува истите закони за заштита на приватноста како македонскиот, зошто македонскиот е усогласен со ЕУ регулативата и во тој случај Дирекцијата за заштита на личните податоци може да интервенира директно во рамки на европскиот систем и со својот пандан доколку има евентуална злоупотреба на податоците, да ги оствари правата на граѓанинот, Но ако граѓанинот користи фирма којашто својот сервер го складирала во Панама којашто е надвор од европските стандарди тогаш може да биде потешко да се интервенира во ситуации на злоупотреба“, вели Стојановски.
Поранешни вработени во Фејсбук откриваат дека оваа мрежа во одреден период им дозволила пристап на програмерите и до податоци на пријатели на корисниците, дури и ако тие ја немаат инсталирано конкретната апликација, ниту пак дозволиле да ги користи нивите податоци, што пак им овозможило на програмерите за кусо време да создадат огромни бази на податоци. Ова ги отвора прашањата за тоа колкава дупка има системот за безбедност кој треба да ја заштити приватноста на корисниците? Постојат и тврдења дека Фејсбук крадел лични податоци на неговите корисници дури и преку игрите.
Во случајот со Кемриџ Аналитика, компанијата е обвинета дека преку личните податоци на околу 50 милиони Фејсбук корисници влијаела на политичката кампања во корист на актуелниот американски претседател Доналд Трамп. Сите податоци што се внесуваат во таквите системи се предмет на обработка на алгоритми коишто одредуваат одредени особини на секој корисник и прават профили коишто потоа се користат за сервирање на одредени содржини или огласи. Еве пример како тоа го правела Кембриџ Аналитика.
„Ако алгоритмот направил проценка дека станува збор за гласач којшто поддржува носење и користење на оружје, тогаш се праќале пораки од типот на тоа дали знаете дека тој и тој кандидат ќе го забрани користењето и носењето оружје во вашата земја и слични примери и на таков начин влијаеле на проценката на потенцијалниот гласач за кој ќе годаде својот глас, односно работеле во корист на едниот кандидат“, вели Кордалов.
Првичната идеја на социјалните мрежи за зближување или поврзување на луѓето на далечина, денеска се чини дека е засенета од информатичка технологија која дозволува злоупотреби и продавање на дел од приватните информации на корисниците, смета професор Викторија Кафеџиска од Европскиот универзитет.
„Видовме дека научниците одат дури и дотаму што практично преку вашите постови ве детектираат на извесен начин дали сте вие политички наклонет или не кон одредена идеја, па тогаш дури и ве таргетираат со огласи и слични содржини. Информатичарите можеби ќе пронајдат алатки за блокирање или не, но главната улога ја имаат граѓаните, односно тоа што тие можат да објавуваат или да не објавуваат“, вели професор Кафеџиска.
Социјалните мрежи се реалност на денешницата
Македонија има повеќе од 1 милион и 100 илјади корисници на Фејсбук. Експертите не веруваат дека скандалот со Кембриџ Аналитика ќе влијае на откажување на фејсбук профилите тука, но дека и тоа како ќе влијае на страв и поголема претпазливост од страна на корисниците.
„Јас не мислам дека во Македонија брзо ќе се затворат многу фејсбук профили, бидејќи едноставно станува збор за навика па и зависност од тие социјални мрежи, особено кај младите луѓе“, вели професорката Кафеџиска.
Нашите соговорници велат дека она што може да помогне се кампањите, обуките и подигањето на јавната свест околу можните злоупотреби на личните податоци и начините на кои можат да се заштитат од таквите последици.
„Најдобриот начин за едукација се овој тип на активности, поттикнување на темата во рамки на медиумите, разговарање за неа, споделување на ставови и искуства затоа што тоа е најдобриот начин за што поголем број луѓе да слушнат кои се предностите, но и ризиците со коишто можеме да се соочиме. Не мислам дека е потребен фокус само на негативностите кои можат да се случат од користење на апликациите, напротив треба да зборуваме и за предностите или кои се корисните апликации односно кои веб страни или платформи можат да ни помогнат во секојдневниот живот“, изјави Кордалов.
Во Македонија законитоста на преземените активности при обработка и заштита на личните податоци е во надлежност на Дирекцијата за заштита на личните податоци. Во годишниот извештај на овој самостоен државен орган пишува дека во 2017 година, Дирекцијата извршила 297 инспекциски надзори, од кои 155 редовни, а 132 вонредни.
Дирекцијата постапила и по основ на поднесени претставки од физички и правни лица. Добила 376 претставки, од кои дури 258 се поврзани со социјалните мрежи, од нив најголемиот дел или се однесуваат на лажни профили, потоа хакирани профили или објавување на туѓи слики на профили на социјални медиуми. Најмногу од претставките се однесуваат на Фејсбукот, а потоа следат Инстаграм, Скајп, Твитер итн. Анализата на состојбите со големиот број на претставки поврзани со социјалните медиуми покажува дека главната причина за ваквите состојби е во немањето доволна свест кај оние кои имаaт профил на социјалните мрежи и дека доследно не се применуваат политиките за приватност, односно граѓаните сè уште бегло ги применуваат правилата за користење на своите профили на социјалните мрежи.
„Оттука ќе биде потребно во иднина да се размислува во оваа насока, односно да се работи на подигање на свеста кај луѓето кои сакаат да имаат профил на социјалните медиуми и тоа за начинот на прибирање, однесување и зачувување на податоците содржани на профилите на социјалните медиуми“, се вели во Годишниот извештај на Дирекцијата.
Доколку се утврди повреда во областа на заштитата на личните податоци, Дирекцијата поведува прекршочна постапка пред Прекршочната комисија. Од четирите барања на Дирекцијата во текот на минатата година, за три е изречена глоба за правното и одговорното лице.
Податоците на Фејсбук се само прашање на цена
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Податоците од Фејсбук се само прашање на цена. Постои пазар за податоци. Податоците се купуваат и продаваат секој ден, изјави Стив Бенон, поранешен главен стратег во Белата куќа, оценувајќи дека се политички мотивирани обвинувањата оти Кембриџ Аналитика нелегално ги користела податоците на корисниците на Фејсбук за влијание на претседателските избори во САД.
Љупчо Наќев
Како и да е, многу корисници на Фејсбук низ светот, по оваа афера, почнаа да размислуваат за укинување на своите профили. Фејсбук и фирмата Кембриџ Аналитикa се сочуваат со тужба во Соединетите Држави, во врска со користењето податоци од околу 50 милиони корисници на оваа социјална мрежа, без нивно знаење, а за политички цели. Младите се свесни за злоупотребата на нивните податоци преку социјалните мрежи, но, велат дека тешко може да се замисли животот без нив. Маринел Вилијамс, американска студентка е свесна за можна злоупотреба и на нејзините податоци, но, вели тешко е да се замисли денешницата без социјалните мрежи.
„Не сакам никој да ги има сите мои информации. Тоа ќе се рефлектира и врз сите мои пријатели. Но, со пријателите разговарав и за тоа колку би било тешко да се замисли светот без да бидете поврзани преку Фејсбук, Инстаграм или нешто друго“, вели таа.
И Џакопо Готлиб од Италија вели дека е загрижен од користењето на неговите податоци и овозможувањето некому да профитира од тоа, но не е изненаден.
„Мислам дека треба да има едукација во училиштата во врска со новите технологии, па луѓето да бидат свесни за импактот врз нивните животи уште од детството“, вели тој.
Леа Блоемке од Германија вели дека размислувала да се повлече од Фејсбук, но оти и е неопходен за комуникација со пријатели во странство.
„Па, така, нема да го избришам, дури и ако е тоа глупаво. Знам дека можеби тоа не е добра идеја, но тоа е реалноста“, вели таа.
Томас Хелбинг вели дека не е проблемот само со Фејсбук.
„Фејсбук не е единствениот кој ви ги краде податоците. Дури и кога седите во ова кафе, користите бесплатен вифи и некој може да ви ги собере податоците. Луѓето овде можеби и не се свесни за тоа, бидејќи не ги читаат условите за користење“, вели тој.
Сериозен проблем се јавува кога собраните податоци ќе бидат користени и во политички цели. Шефот на Фејсбук, Марк Цукерберг, призна дека неговата фирма направила грешки во врска со нарушувањето на приватноста на корисниците и најави надминување на проблемите. Ами Залман, од Универзитетот Џорџтаун смета дека е тешко да се процени политичкиот ефект од собирањето податоци на корисниците на социјалните мрежи.
„Бидејќи ги користеле податоците заради рекламирање? Тоа е она што го прават и како заработуваат пари. Па, без некаква иницијатива од Вашингтон или од граѓаните, од јавноста, тие нема да се реформираат“, вели тој.
Поради скандалот со злоупотребата на личните податоци за политички цели, и некои крупни маркетинг компании размислуваат да се повлечат од рекламирањето на Фејсбук, и покрај големите придобивки.
Откако социјалната мрежа Фејсбук објави извинување во американските и британските весници поради скандалот со британската консултантска фирма, веб страницата „Арс Техника“ информира дека корисниците проверувале кои податоци се преземаат за нив од страна на Фејсбук и утврдиле дека имињата на контакти, телефонски броеви и СМС пораки биле собирани во текот на две или повеќе години од уредите со Андроид. Фејсбук изјави дека информациите се чуваат на безбедни сервери и оти податоците се земани со знаење на корисниците, кои се согласиле да се пристапи до нивните податоци. Портпаролката на Фејсбук изјави дека информациите не се споделуваат со пријатели или со надворешни апликации и се користат со цел да се подобри комуникацијата на луѓето на Фејсбук. Таа сепак не одговори зошто е потребно да се собираат податоци за телефонски контакти и СМС пораки.