Додека чекаат исправна вода, жителите на Пчиња пијат загадена

Mомчило Илиевски од кумановското село Пчиња го покажува бунарот од каде се снабдуваат со в

Општината бара начин да се обезбеди водоснабдување во село Пчиња. Градоначалникот Димитриевски вели дека проблеми со водоснабдувањето имаат и други рурални средини, но и делови од градот.

Жителите од кумановското село Пчиња низа години бараат од надлежните во локалната самоуправа да им обезбеди водоснабдување со хемиски и бактериолошки исправна вода, оти сите показатели укажуваат дека водата што ја користат за пиење и употреба во домаќинството е сериозно загадена. Многупати добиваа ветувања дека нивниот витален проблем ќе биде надминат, но дури сега, како што вели градоначалникот Максим Димитриевски, ќе се пристапи кон изнаоѓање начини за обезбедување здрава вода за ова население, кое, за жал, не е единствено.

„Општината распиша постапка со која ќе изврши дополнително испитување и бушотини на одредени локации во селото Пчиња, при што ќе се обидеме да изнајдеме нови извори, за да најдеме извори за водоснабдување на самото место. Го започнавме процесот и се надевам дека во најкус можен рок ќе можеме да дојдеме до резултати и дали Општината ќе пристапи со ваков вид на водоснабдување на селото, или пак, ќе мора алтернативно да ја дисперзира постоечката водоводна мрежа во градот“, вели Димитриевски.

Тој вели дека со ваков проблем се соочуваат жители не само од руралните подрачја, туку постојат и делови од градот во кои населението го има истиот проблем со водоснабдување.

Жителите од селото Пчиња со вода се снабдуваат од сопствени бунари и бушотини бидејќи немаат друг избор. Познато им е дека водата не е исправна, а досегашните барања до надлежните завршуваа безуспешно.

„Тука се е загадено. Оваа вода не е ниту за миење, ниту за миење садови. Иста е како и таа во реката Пчиња.“

„Лоша работа е. Одиме во се полоша состојба, ни ветуваа ќе има водовод, но нема никој никаде“, изјавија неодамна жителите од селото Пчиња, кои постојано напоменуваат дека најстрашно е за децата кои пијат флаширана вода, а тие што одат на школо носат во шишиња, но според нив и таа вода ја носат од дома.

Освен што жителите од ова, како и од останатите кумановски села имаат службени податоци за загаденоста на водата, кога ќе настане видлив проблем како што е појава на бактеријата ешерихија коли, тие и самите носат вода за испитување.

Доктор Мимоза Величковски од Центарот за јавно здравје исто така ги повикува надлежните да се зафатат со обезбедување здрава вода за пиење на населението. Отстапувања вели таа, има во присуство на нитратите како резултат на исцедните води во руралните подрачја при дождови и отопување на снегот, но микробиолошкиот квалитет на водата е акутен проблем на населението поради присуство на бактеријата ешерихија коли.

„Во сите примероци е докажано присуство на оваа бактерија. Особено загрижува тоа што оваа бактерија е присутна и во училишните објекти, а таа вода ја користи вулнерабилна, почувствителна популација. Тоа е алармантно и надлежните, локалната самоуправа треба да интервенира за надминување на овој проблем“, вели доктор Величковска.

Докторката смета дека за обезбедување здрава вода за населението треба да се вклучат и надлежните во државава, како и невладини и останати граѓански здруженија.