Достапни линкови

Во село Пчиња пијат вода со бактерии


Mомчило Илиевски од кумановското село Пчиња.
Mомчило Илиевски од кумановското село Пчиња.

Водата во бунарите е неисправна, а за изградба на водовод добиваат само ветувања. Со вакви проблеми се соочуваат жители на село Пчиња во Куманово. Од Центарот за јавно здравје велат дека во водата има бактерии и апелираат надлежните да обезбедат исправна вода на населението.

Жителите од кумановското село Пчиња, кое е во близина на депонијата Краста, децении наназад бараат од надлежните во локалната самоуправа, па и во државава да им се помогне во надминување на нивниот проблем со водоснабдувањето. Според нив, речиси и да немало периоди од годината кога водата од нивните бунари била бактериолошки исправна, а за изградба на водовод по сите жалби, алармирања и протести добивале само ветувања и објаснувања. Без вода не можат, па затоа се принудени да ја пијат и да ја употребуваат во домаќинство водата од бунарите.

„Децата носат вода во шишиња. Од дома носат. Тука се е загадено, оваа вода не е ниту за миење садови. Баравме секаде, но никој не дојде ниту да види за што се работи. Најглавна е водата за живот, не може човекот ниту да се измие, ниту да пие. Кога немам друга морам да пијам“, вели Момчило Илиевски од село Пчиња.

Неговиот соселанец Горан Бојковски вели дека состојбата со водоснабдувањето не е добра за сите во селото.

„Лоша работа, одиме во сè полошо. Секое дете носи вода во шише, од пола литар или помалку зависно од возраста, од дома носат вода, ама и таа не е исправна“, вели тој.

Центарот за јавно здравје во Куманово ја контролира водата не само од градската водоводна мрежа, туку и локалните води во руралните средини и во јавни чешми во населените места на североисточниот регион. Додека водата во водоводите главно е здравствено исправна, освен во оние во кои нема соодветно техничко одржување, во некои селски населби тоа не е случај, а најзагрозени се кумановските Пчиња и Биљановце. Во квалитетот на водата нема значителни промени во однос на претходните години, вели доктор Мимоза Величковска од Центарот за јавно здравје во Куманово.

„Имаме извесен процент на бактериолошки неисправна вода и во однос на хемискиот состав. Во хемискиот состав доминираат отстапувања во однос на содржината на нитратите што е очекувано за рурално подрачје, водата има контакт со земјоделски површини, исцедни води по дождови и снегови. Додека во микробиолошкиот квалитет што претставува еден акутен ризик на населението е тоа што во овие води е присутна бактеријата ешерихија коли“, вели доктор Величковска.

Загрижувачко меѓутоа е тоа што и во примероците земени од водите кои се користат во училиштата оваа бактерија е присутна, вели доктор Величковска.

Особено затоа што таа вода ја користат деца и адолесценти, кои се многу почувствителни на здравјето и тоа е алармантно за локалната самоуправа за преземање активности и мерки за тоа подрачје“, вели таа.

Доктор Величковска додава дека за заштита на здравјето на луѓето кога е во прашање водата, состојбата не е далеку од алармантна и неопходно е заеднички да се вклучат сите надлежни институции не само во општината, туку и во државата, за на населението да му се обезбеди микробиолошки и хемиски здравствено исправна вода, за пиење и за употреба во домаќинствата.

„Во рамките на европската рамковна политика за здравје и благосостојба на населението се насочуваат активностите кои треба да ги преземат повеќе сектори“, смета доктор Величковска.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG