Законот за јазици - избрзано решение или реална потреба?

Собрансиска седница за законот за јазиците.

Законот за употреба на јазиците требаше да се донесе многу порано и не е вистина дека истиот е донесен без дебата, тврди лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села. Експертите, пак, сметаат дека носењето на законот е тест за капацитетот на владејачката коалиција.

За претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, Законот за употреба на јазиците не само што не е донесен набрзина и без дебата, туку и задоцнето. Во неделното интервју на Радио Слободна Европа тој вели дека законот е реформски приоритет и елементарно право на граѓаните Албанци, а како неодговорни ги толкува изјавите на дел од европските дипломати кои посочија дека со законот не треба да се брза, затоа што не тој не е дел од итните реформски приоритети.

Села вели дека однесувањето на опозицијата во врска со ова прашање е политички театар пред граѓаните и глумење патриотизам.

„Зборуваме дека законот е донесен без дебата што не е вистина, можноста ја имале сите за дебата, а забораваме дека во 2008 година беа донесени над 100 закони меѓу кои и законот за употреба на јазиците од страна на истите политички актери кои се спротиставија на донесувањето и кои бараа јавна дебата. Ова беше непотребна реакција од нивна страна, ова е само играње политики и патриотизам пред народот, бидејќи истите политички актери кога се формираше ново мнозинство го прифатија законот и не се согласија само за СЈО. Значи се работи само за театар и ништо друго“, вели Села во интервјуто.

Според аналитичарите пак носењето на законот е избрзано и резултат на коалициски договор меѓу СДСМ и ДУИ.

„Мислам дека тајмингот е одбран од причина што Република Македонија се подготвува за тешки одлуки коишто ја очекуваат во следниот период па оттука и Законот за јазиците е своевиден тест за тоа каков е капацитетот на коалиционите партнери за донесување на крупни одлуки. Видовме дека опозицијата жестоко се спротистави, а бевме сведоци и на кратка дебата околу потребата а носењето на законот за употреба на јазиците“, вели професор Митко Гаџовски.

Дали законот ќе ја зацврсти врската меѓу коалициските партнери, ќе се види допрва, вели Гаџовски.

„Можно е да не помине се така како што замислуваат СДСМ и ДУИ. Се уште законот не е потпишан од претседателот, а доколку и биде има следна инстанца каде што ВРМО-ДПМНЕ најави дека ќе го оспори, а тоа е Уставниот суд“, изјави Гаџовски, според кој приказната за овој закон нема да има свој епилог во скоро време.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Инает наместо дијалог