Ќе се дигитализира „Наш Весник“ во Куманово

Марјан Петковски, директор на библиотеката „Тане Георгиевски“ во Куманово.

Библиотеката во Куманово ќе го дигитализира најдолготрајниот локален весник „ Наш Весник“. Пристап до весникот ќе имаат сите граѓани, не само членовите на библиотеката.

Наскоро во кумановската библиотека „Тане Георгиевски“ ќе започне дигитализација на најдолготрајниот локален весник „Наш Весник“, за да неговите страници стари и четири децении бидат спасени од оштетување и уништување, вели директорот Марјан Петковски. Оваа библиотека со само десетина редовно вработени, во просторни услови од пред повеќе од половина век, секоја година бележи позитивни резултати во работењето, се зголемува не само книжниот фонд, туку и бројот на читателите. Петковски се надева дека надлежните во државава ќе покажат слух за подобрување на условите за работа на библиотеката.

Инаку, за дигитализација првин на „Наш Весник“, а потоа и на некои други раритетни весници опремата чинела само 700 евра.

„Првично ќе се дигитализира „Наш Весник“ како наш кумановски бренд кој континуирано излегувал повеќе од 40 години. Од причина да се заштити и да се овековечи овој период на „Наш Весник“. Весникот најповеќе се користи за истражувачка дејност, за оние кои што се занимаваат со истражување на некое поинакво време. По дигитализација на овој весник ќе се дигитализираат и весниците „Рад“, „НИН“,„Борба“,„Политикин Забавник“, тие што се раритет на нашите простори“, појаснува Петковски.

Тој додава дека пристап до дигиталната форма ќе имаат граѓани, кои не мора да се членови на библиотеката.

„Пристап ќе имаат сите граѓани, имаме услуги за членови и услуги за корисници. Ќе може и да се испечатат барани страници или податоци“, вели тој.

Според Петковски библиотеката има потреба од зголемување на бројот на вработените.

„Трета година веќе ревизија на книжен фонд не можеме да го запазуваме законскиот рок. Еден вработен врши ревизија на книжен фонд на околу двесте илјади библиотечни единици, да се пребројат, да се заведат, електронски да се забележат. Се надевам дека во догледно време ќе имаме разбирање од надлежните за зголемување на бројот на вработените. На пример, втора година како набавивме возило за подвижна библиотека, но се уште нема кој да ја извршува таа работа, за да бидат опфатени руралните подрачја, руралните училишта,а со тоа и самото членство ќе се зголеми“, вели Петковски.

Тој вели дека библиотеката работи на мал простор кога била сместена во станбено-деловен објект, уште пред повеќе од половина век, кога бројот на жителите на Куманово бил многу помал.

„Ете, читалната има само 23 места, а во времето на испитните рокови потребата е речиси двојно поголема“, додава тој.

И покрај проблемите со кои се соочува библиотеката Петковски не го крие задоволството за успесите.

„Официјалните податоци на НУБ „Свети Климент Охридски“ преку која имаме отстапено станици за работа во КОРИ системот, покажуваат дека сме најдобра библиотека во нашата држава. Тоа подразбира самата обработка на книжниот фонд, број на внесени библиотечни единици, број на набавени книги, на зајмувања, резервации, продолжувања. Во сите тие сегменти сме први во нашата држава во 2017-та година. Ова го истакнувам затоа што имаме само десет вработени, во однос на други кои имаат вработено по 30 или 50, а сепак сме со најдобри резултати“, вели тој.

Петковски додава дека и бројот на нови членови минатата година се зголемил за 400 во однос на претходната година, со што вкупниот број на запишани членови сега е околу четири илјади, а активни членови се околу пет илјади. Со бројот на корисници се некаде над десет илјади.