На секоја влада и одговараат послушни кадри, а не такви кои ќе се спротиставуваат на нејзините политики, анализираат дел од експертите по последните кадровски решенија на актуелната власт. Назначувањето на Лазар Еленовски за специјален претставник во НАТО, а Глигор Ташковиќ за член на Фондот за иновации и технолошки развој, предизвикаа низа негативни реакции на социјалните мрежи, па оттука дел од аналитичарите советуваат дека власта мора да внимава на кадровската политика.
Професор Темелко Ристески вели дека некои кадровски решенија се најверојатно со цел да се задоволат одредени политички интереси.
„Политиката е сложена шаховска игра во која добро треба да се внимава на потезите, за да не се направи некој погрешен потег, кој подоцна би можел негативно да се одрази, па и да доведе до губење на играта. Владата треба да внимава и да размисли како во иднина би можел одреден потег да се одрази“, изјави Ристески.
Последните кадровски решенија за некои аналитичари не се изненадување, оти, според нив, секоја власт сака партиски послушници.
„Политичките партии во Македонија сакаат послушни луѓе. Не сакаат интелектуалци кои би го промениле ова јадро или трендот на случувања. Другиот проблем е тоа што во владата имаме една ДУИ која не е реформирана. Не можете да очекувате од една партија која до вчера беше со ВМРО-ДПМНЕ денеска да е реформска, а се работи за истите кадри кои беа во владата на ВМРО-ДПМНЕ“, изјави професор Арсим Синани од Штуловиот универзитет.
Дека секоја власт бара луѓе кои и одговараат и ќе работата според нејзини инструкции, се согласува и професорот Ристески. Сепак порачува дека таквата појава не е добра и не дава добри резултати.
„Тоа не е добро. Треба да се бираат чесни и стручни луѓе, кои ќе работат посветено, кои ќе работат одговорно и според правилата на својата професија, и во секој случај треба малку повеќе да се внимава во изборот на кадрите за вршење на одредени функции во органите на власта и во европските институции“, истакнува Ристески.
Именувањето на луѓе кои се познати по тоа што се раководат од личните интереси и во таа насока лесно менуваат партиски бои, според Синани, е тактичка грешка на актуелната влада
„Голема грешка е бидејќи граѓаните гласаа за промени, а ние не ги гледаме луѓето кои ги направија тие проблеми на функции, а се со цел да се промени стилот на владеењето што го имавме. Мислам дека тоа е голема грешка и големо разочарување на јавноста и нејзините очекувања од оваа влада, која може да се нарече секако, само не реформска“, вели Синани.
Владата останува на веќе познатиот став дека пресудни за новите именувања било искуството на личностите и очекувањата дека ќе постигнат значителни резултати во дадената област. Владиниот портпарол Миле Бошњаковски само го повтори тоа што неодамна го кажа за изборот на Еленовски, а тоа е дека Владата се надева дека Еленовски врз основа на искуството ќе придонесе за интегративниот процес на Македонија во НАТО.
Покрај Еленовски кој е назначен за специјален претставник во НАТО во владата се врати и поранешниот министер за странски инвестиции Глигор Ташковиќ кој е избран за член на Комитетот за одобрување на инвестиции во Фондот за иновации и технолошки развој. Овој комитет на Фондот за иновации и технолоши развој е собено атрактивен откако Владата најави дека преку овој Фонд ќе оди одобрувањето на пари за проекти за мали и средни бизниси за кои е одвоена сума поголема од 10 милиони евра.