Една заедничка средба во Скопје и одделни со партиските лидери во Атина пред речиси еден месец одржаа премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас за да ги информираат политичарите во своите земји за текот на разговорите за името.
Во Скопје по состанокот кој траеше пет часа, лидерите на партиите и претседателот Ѓорге Иванов изглегоа воздржани, а во Атина веднаш почнаа несогласувањата.
Во интервју за Радио Слободна Европа што ќе го емитуваме во целост в недела, Димитрис Мардас, пратеник во грчкиот парламент од владејачката СИРИЗА, сепак убедува дека во неговата земја ќе се стигне до заеднички став за решението на проблемот.
„Мислам дека на крајот од овие разговори нема да постојат какви било разлики, имајќи предвид дека сложеното име беше предлог во контекст на Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година“, одговара Мардас на прашањето кои се главните разлики меѓу СИРИЗА и опозициската Нова Демократија.
Неопходен консензус во Грција
Лидерот на главниот политички противник на коалицијата од која доаѓа Мардас, Кирјакос Мицотакис, пак, постојано ја критикува владата како ги води преговорите, одби да му даде поддршка на Ципрас за формирање поширок национален консензус, а видни членови на Нова демократија беа и на протестите против употребата на терминот Македонија во сложеното име.
Според професорот по меѓународни студии на правниот факултет во Солун, Милитиадис Сарианидис, и во Грција прашањата што се однесуваат на надворешната политика се користат и во домашната за да се манипулира со јавното мислење.
„Ние можеме и треба да формираме, креираме некаков вид на заедничка позиција, некаков вид на заедничка основа на грчките политичари, на грчките политички партии од една страна и од друга страна во вашата земја треба исто така да се создаде некаков вид на минимум договор на политичките партии во Скопје, бидејќи порано или подоцна ќе се соочите со проблемите во однос на какво било решение, добро или лошо“, вели Сарианидис.
Во Македонија умерени критики
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, вели дека не е информиран за процесот на разговорите и нагласува дека нема да поддржат промена на Уставот со цел промена на уставното име ниту, пак, недостоинствено решение за спорот со името.
Според политичкиот аналитичар Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања Скопје, тоа што и политичката и општествена јавност не бранува во текот на разговорите, туку го очекува исходот, е сигнал за некаков консензус дека прашањето треба да се реши. Но, за консензус за евентуалното решение, тој нагласува дека сè уште е рано да се зборува.
„Ако евентуално има некое решение кое би било прифатливо и коешто би било во согласност со претходните договори, јас не гледам зошто не би било прифатено, но сепак рано е уште да се коментира оти немаме никакви информации“, вели Божиновски.
Засега, пак, изгледа како да нема големи суштински разлики меѓу власта и опозицијата. Од одделните изјави на премиерот Заев и други владини претставници може да се заклучи дека црвената линија е име со географска одредница, без да се навлегува во идентитетските прашања, а ерга омнес според македонската влада не треба да значи и име за внатрешна употреба. Заев неколкупати повтори дека би се одело на референдум за ова прашање.