Владата на Република Македонија деновиве ја усвои Стратегијата за развој на културата 2018-2022 година и Акцискиот план, и со тоа практично го отвори процесот на темелни реформи, преструктуирање и обнова на културниот систем во земјава. При нивното донесување беше забележано дека со Стратегијата се цели кон оживотворување на визијата за градење едно општество за сите, децентрализација и деметрополизација на културата и пристап до неа за сите граѓани подеднакво.
Во дополна ќе биде речено и тоа дека Министерството за култура во изминатите месеци спроведе повеќе институционални акции, со кои го спречиува пропаѓањето на културниот систем во повеќе сегменти и непродуктивното трошење на парите на граѓаните. Поконкретно дека се сменети четири закони, со кои се цели кон запирање на пропаѓањето на културното наследство, оневозможување на клиентелистичките привилегии и стопирање да се одлеваат пари за проектот „Скопје 2014“. Дека е подготвен буџет и дека се спроведуваат активности со кои се враќаат долговите за да не се плаќаат огромни камати, се санираат објектите на културата и се овозможуваат проекти на голем број актери во културата.
И уште дека годинава ќе се отворат повеќе процеси за преструктуирање на системот, во кои се очекува учество и придонесот на јавноста и сите заинтересирани.
Во однос, пак, на конкретните зафати за реформи во културниот сектор ќе бидат издвоени и неколку од клучните сегменти од акцискиот план кои се во напредни фази на подготовка. Првично е спомната децентрализација на културата со поддршка на сите иницијативи на општините да основаат нови културни установи или да го зголемат бројот на институции под нивна надлежност. Тука е и заштитата на културното наследство и музеите која по долгогодишна негрижа станува врвен програмски приоритет. Згора на тоа и подршката на граѓанскиот и на независниот културен сектор, интердисциплинарните уметности, културните и креативните индустрии, реформата на Министерството за култура и другите институции на културата, реформата и на системот за финансирање... Во овој низ се и преиспитувањето на законското решение за финансирање на Агенцијата за филм со цел да се дојде до праведно решение за сите засегнати страни и спроведување на ревизија на досегашните финансирани проекти и исполнувањето на договорените обврски, реформите во библиотечната дејност и така со ред.
Но, не многу по усвојувањето на Стратегијата за развој на културата 2018-2022 година и Акцискиот план, ги бележиме и првичните реакции на луѓето од културата во земјава.
Билјана Тануровска Ќулавковски, менаџер во културата, истакнува дека активно учествувала во подготовката на Стратегијата и дека предлагала како треба да се дејствува генерално во развојот на културата и уметноста и посебно на полето на она што се нарекува современ танц и перформанс. За жал, како што вели, ниту еден од тие сеопфатни предлози не се вткаени во финалниот документ. Одговорот бил „дека тоа понатака ќе следува, затоа што ова бил некој побрз пат за донесување на Стратегијата“.
„Сметам дека Стратегија не треба да се донесува во така краток период иако мора да се признае дека ова е еден сериозен документ. Сепак сериозноста на оваа стратегија за мене ќе се покаже по нејзиното имплементирање. Она што ние досега го имаме како искуство се некои стратегии коишто се добри документи, средно-добри документи и т.н. меѓутоа нивната имплементација, за жал, според сведочењата не беше остварена. Затоа се надевам дека оценката за овој сеопфатен документ, без разлика на сите различни гледишта или стоишта што треба да ги содржи, би била позитивна во однос на тоа како ќе се имплементира во следниот период“, вели таа.
Тануровска Ќулавковски дополнува дека според неа Стратегијатата е и „ревионистичка“ и дека се базира на преиспитување. Според неа и нејзиното искуство треба да биде Стратегија која ќе цели да оцени што се слабостите на изминатиот 10-годишен период од развојот на културата и да оди кон некои порадикални постапки, односно „храбро да се нурне напред што не е случајот со овој документ“.
„Треба да целиме кон нешто што навистина ќе не направи инакви, современи и се надевам дека во пропратните или анекс документи тоа ќе постои инаку ќе се претвориме во сфера којашто само ревидира, ревизионира, преиспитува а не оди напред“, вели таа.
Сања Арсовска, актерка и претседател на синдикалната организација на Драмски театар Скопје, при Синдикатот за култура на Република Македонија, истакнува дека театарските уметници изразуваат незадоволство и разочарување што немале соодветен претставник во работната група за театарска дејност и дека нивните забелешки и предлози кои на јавните расправи претставниците на Министерството биле расположени да ги земат предвид, потем не биле прифатени.
„Им уочивме дека нивните предлози за стратешки приоритети нема да ги решат проблемите во театарот, туку дека ќе ги продлабочат, дека децентрализацијата на театрите во вакви општествени услови може само да ја уништи нашата уметност, а не да ја спаси. Во таа насока баравме во Стратегијата, по примерот на останатите дејности да биде вметнат и посебен Закон за театар со цел ние како тетарски уметници да бидеме заштитени, но ни тоа не го добивме“, вели таа.
Арсовска дополнува дека деновиве се мобилизираат во сите театри и дека бараат механизам преку кој ќе го изразат нивното незадоволство за Стратегијата. Тие бараат и одговор на прашањето: Кој стои зад Стратегијата за театарска дејност? Прашање кое неколкупати го упатиле, но на кое досега не добиле одговор.
Уметницата и професор на Европскиот универзитет Јана Манева Чупоска од своја страна забележува дека Стратегијата сама по себе е доста писмено напишана, дека ја подготвиле луѓе пред се од независниот сектор што се чувствува по самиот дух, самата реторика, размислувањето што е културна политика и како таа треба да се имплементира. Сепак, дополнува дека има еден сериозен јаз во делот што значи институционална политика, а што независен сектор или вонинституционална програма.
„Мојот став е дека независниот сектор е многу потребен во делот на соработката со Министерството за култура, меѓутоа толку е тоа инсистирачки нагласено што подразбира дека повторно се мешаат функционирањата на систем на работа во култура во независниот сектор, како тој работи и кој се тие правила, и институционалните одговорности – конкретно Министерството за култура“, вели таа.
Манева Чупоска вели дека според неа тоа е така поради тоа што и самиот Министерот доаѓа од независниот сектор и тој со себе разбирливо го понел тоа искуство.
„Тука е за жал и неговото потфрлување затоа што се соочи со сите правила и одговорности што институциите ги носат сами по себе“, посочува таа.
Конечно, таа ќе рече дека има и неколку забелешки и предлози. Смета дека одредени работи треба да се додадат во Стратегијата, дека некои нешта се претходно направени и дека документот не треба да подразбира целосно бришење на работи кои претходно се веќе воспоставени. Дека може да се говори „дали се доволно квалитетни или не, но дека не треба секогаш да се почнува од нула“.