Бројката на вработени во јавната администрација ќе остане непозната до крајoт на март, за кога се очекува годишниот извештај на Mинистерството за информатичко општество и администрација, изјави ресорниот министер Дамјан Манчевски на денешната прес конференција, посветена на „Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018-2022 година“ и Акцискиот план за спроведување на стратегијата.
Манчевски уверува дека сега постои цврста политичка волја за реформа на гломазната и партизирана администрација. Со измени во неколку закони во оваа област, вклучително и Законот за административни службеници, вработените по Рамковниот договор кои не одат на работа, а земаат плата, ќе бидат прераспределени во целиот јавен сектор, односно на места кои се соодветни на нивното образование, вели Манчевски. Демантира дека привремените вработувања автоматски преминуваат во трајни.
„Сосема е погрешен впечатокот дека тие луѓе што влегле под привремен договор веднаш ќе им биде трансфериран во траен. Таква работа не постои. Нема никаква шанса. Кога ќе се распише оглас што е трајно решение сите имаат подеднаков пристап. Никој нема гаранција дека ќе биде вработен токму на тоа место“, вели Манчевски.
Новата стратегија ќе понуди категорија на „високи државни службеници“ и дефинирање на нов закон за плати во јавниот сектор. Целта е утврдување на правичен систем на плати кој ќе биде заснован врз принципот еднаква плата за еднаква работа. Голем број институции според ресорниот министер, немаат капацитет за исполнување на тековните обврски и токму недостигот на луѓе со повисоки професионални квалификации го посочува како голем недостаток.
„Ние имаме превработеност на најниските нивоа. Не се работи за луѓе со вискока стручна подготовка. Имаме празни менаџерски позиции. И во нашето министерство имаме седум сектори од кои шест немаат раководител на сектор. Системот не функционира. Слична е состојбата во другите министерства. Пополнетоста на раководните позиции е едвај околу 40 проценти. Ние немаме систем со којшто треба да работиме. И затоа ќе кажам дека еве превработена е администрацијата и нема веќе никој да се вработи“, изјави Манчевски.
Новата стратегија за реформа на јавната администрација нуди и нов систем за отвореност и достапност на информации за кои министерот вели дека ќе биде предизвик за голем дел од институциите на кои им недостасува кадровска и техничка подготвеност.
Инаку, оваа реформата во јавната администрација во поширока смисла значи реформа во четири приоритетни области и тоа креирање на политики и координација, јавна служба и управување со човечки ресурси, одговорност, отчетност и транспарентност, јавни услуги и ИКТ поддршка на администрацијата, како и во управувањето со јавните финансии. Неодамна беше формиран и Совет за јавна администрација, на чело со премиерот Зоран Заев, кој треба да го надгледува спроведувањето на Стратегијата. Експерти за РСЕ коментираа дека ваквиот чекор е добар сигнал, но не и гаранција дека реформите ќе се реализираат.
Реформите во администрацијата е една од трите области кои еврокомесарот за проширување Јоханес Хан ги спомена како итни за Македонија да добие позитивна препорака за членство во ЕУ. Претходните оценки беа дека администрацијата во последните 10 години стана сервис за партиски вработувања, поради што се претвори во неефикасна и нестручна.
Неофицијално, во Македонија има околу 130 илјади вработени во јавната администрација, а министерот Манчевски најави дека ќе останат без плата раководителите и институциите кои во информатичкиот систем нема да пријават колку точно вработени имаат во јавниот сектор.