Косово одбележува 10 години независност

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Сиромашно, но гордо, Косово одбележува 10 години независност

На 17 февруари 2008 година, Косово еднострано прогласи независност од Србија. Оттогаш, новата земја се бореше да изгради силни институции, додека слабата економија предизвика десетици илјади луѓе да бараат работа во странство. Пред прославата на 10-годишнината, многу Косовари ги истакнуваат силните страни на земјата: издржливост, решителност и енергична млада популација.

Клучен момент за една млада спортистка, но и за нејзината млада земја. Во 2016 година, Мајлинда Келменди беше херојски пречекана на Косово, кога го донесе својот златен медал во џудо од Олимписките игри во Рио де Жанеиро.

Тоа беше прва олимписка победа за земјата која се роди пред помалку од една деценија.

„Јас сум најдобриот пример дека без оглед на животот во Косово, ако сте решителни, ако сте трудољубиви и ако сте подготвени нешто да направите, ништо не може да ве спречи“, рече таа.

Косово, најновата земја во Европа, ќе ја прослави десетгодишнината од својата независност - постигната по години на борба.

Во доцните деведесетти, етнички албански групи започнаа вооружен бунт, кој беше проследен со брутална акција од југословенските сили.

Воздушната кампања на НАТО им стави крај на борбите, а Косово беше ставено под заштита на Обединетите нации.

По конечното распаѓање на Југославија, отцепувањето на Косово од Србија дојде на 17 февруари 2008 година.

„Го прогласувам Косово за независна и демократска земја“, изјави тогашниот премиер Хашим Тачи.

Од 2008 година досега, Косово го признаа 115 држави - иако не и Србија и нејзиниот сојузник, Русија.

Но, дома, Косоварите сé уште се борат да изградат силни институции и здрава економија.

Тие се попречени од раширената корупција и недостатокот на странски инвестиции.

„Сега одиме за Скендерај. Денеска е понеделник, па има пазар. Ќе видиме како работите ќе одат денеска – ќе има работа или не“, вели дваесет и петгодишниот Валон Куќица кој е еден од многуте млади Косовари кои се борат да преживеат.

И покрај дипломата по економија и постдипломските студии, тој продава овошје и зеленчук.

„Имам многу соработници и соученици кои имаат проблем да го најдат патот во оваа земја. Нема поддршка од државата. Но, не мислам дека треба да се откажеме, треба да создадеме сопствени иницијативи“, вели тој.

Со просечна возраст од само 26 години, Косово демографски е најмладата земја во Европа, но и една од најсиромашните.

Тоа значи дека десетици илјади млади луѓе одат во странство да најдат работа.

Но, некои млади Косовари, како Саранда Богујевци, остануваат за да и помогнат на земјата. 33-годишната Богујевици беше тинејџерка кога беше застрелана од српските сили кои убија 14 нејзини роднини.

Лани, таа се кандидираше за парламентот и победи.

„Сите ние, не само политичарите, туку и граѓаните имаат одговорност да работат на изградба на државата. Нашата земја е мала, но со голем потенцијал. Имаме прекрасна и интелигентна младина. Ние треба да создадеме можности за нив и да ја градиме нашата земја“.

Економските и политичките предизвици обесхрабруваат.

Но, во пресрет на десеттиот роденден, Косово е подготвено да прослави, а многумина остануваат со надеж за можностите што ги дава независноста.