Достапни линкови

Косово: Трета изборна победа на Тачи


Владејачката Демократска партија на Косово на премиерот Хашим Тачи прогласи победа на вчерашните предвремени парламентарни избори. Првичните резултати покажуваат дека таа освоила над 30 проценти пред нејзиниот главен ривал Демократската лига на Косово која доби 26 отсто од гласовите.

Хашим Тачи најверојатно ќе треба да формира влада со помалите партии и со етничките Срби со цел да обезбеди уште еден мандат на власт. Токму неговата зависност од другите, според аналитичарите, би можело да претставува пречка за ефикасноста на владата.
Нашата земја е подготвена повторно да оствари големи сонови. Ќе одиме напред и ќе му покажеме на светот дека косовската независност беше само почеток, а не крај.
Хашим Тачи, премиер на Косово.


Одѕивот на изборите е 43 отсто, што е помалку од претходните два избирачки процеса и што ја рефлектира големата разочараност на жителите на Косово од слабиот напредок на земјата по нејзината независност во 2008 година.

„Косово мора да биде гордо вечерва. Косово победи. Од утре ќе почнеме да работиме на нашата нова мисија“, им порача Тачи на своите сопартијци и приврзаници во Приштина, додавајќи:

„Нашата земја е подготвена повторно да оствари големи сонови. Ќе одиме напред и ќе му покажеме на светот дека косовската независност беше само почеток, а не крај“, рече Тачи.
Косово победи. Од утре ќе почнеме да работиме на нашата нова мисија.
Хашим Тачи, премиер на Косово.

Петнаесет години откако со војна се одвои од Србија, Косово останува една од најсиромашните земји во Европа. Над една третина од нејзиното население е без работа, а корупцијата е многу раширена.

Идната влада ќе биде и под непосреден притисок од Западот поради истрагата за воени злосторства на дел од поранешите соборци на 46-годишниот премиер Тачи.

Специјална оперативна група на Европската унија се очекува за неколку недели да ги соопшти наодите од истрагата за трговија со човечки органи од српски затвореници за време на конфликтот во 1998 и 1999 година.


Истрагата следуваше по извештајот до Советот на Европа од известувачот Дик Марти кој прстот го насочи кон поранешните соборци на Тачи, меѓу нив вториот човек во Демократската партија Кадри Весели.
Единствена работа што ја сакам од нив е да не крадат и да не вработуваат само нивни тетки.
Валбона Бајрактари, невработена жителка на Косово.


Тачи ги отфрла ваквите наводи како навредливи и како обид да се оцрни борбата на Албанците за слобода. Косовската независност е призната од над 100 земји во светот, но не и од Србија и нејзиниот голем поддржувач Русија која го блокира приемот на Косово во Обединетите нации.

Сепак, за прв пат од независноста на Косово, Србија официјално ги повика косовските Срби да гласаат, потег кој најверојатно ќе му помогне на Белград за приближување до Европската унија.

И покрај слабиот одѕив во српските општини ним им се гарантирани 10 од 120 места во парламентот. Овие избори се многу важни за Приштина бидејќи со учеството на Србите на нив покажа дека тие конечно се согласуваат да бидат интегрирани во косовското општество.

Како и да е, економијата во земјата и натаму е на многу ниско ниво и главно се потпира врз парите што дома ги испраќаат Албанците кои работат во странство.


Два месеци пред изборите, владата на Тачи ги зголеми платите во јавниот сектор, пензиите и социјалните примања за 25 отсто, мерка која добро им дојде на околу 250 илјади учители, доктори, пензионери, полицајци.

Тачи вети дека ќе го прави истото секоја година доколку победи на овие избори. Сепак, падот на одѕивот на гласачите е извесен сигнал дека граѓаните се незадоволни од власта.

Зошто е така, можеби најдобро се гледа од изјавата на невработената Валбона Бајрактари која за агенцијата Ројтерс вели:

„Единствена работа што ја сакам од нив е да не крадат и да не вработуваат само нивни тетки“, вели таа.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG