Борбата против загадениот воздух треба да се води постојано, а не само кога состојбата е алармантна. Владините мерки против загадувањето во првиот месец од годината беа активирани на двапати, по неколку денови. Недостигаат стратегиски и долгорочни решенија, велат екологистите. Но и граѓаните треба да сторат повеќе. Но по се изгледа битката се води само на социјалните мрежи, кога во денови на загаденост, сите постираат колку загаденоста е висока, а на последниот протест имаше само неколку десетина граѓани.
Аријанит Џафери од Еко Герила од Тетово, кој се вбројува во трите најзагадени градови во земјата, вели дека треба да се надминат уште многу предизвици за во градот да има чист воздух. Таму повеќе од една година фабриката Југохром не работи, отстранета е и дивата депонија на влезот од градот, но мерните инструменти и понатаму покажуваат висока загаденост на воздухот. И граѓаните и властите треба да вложат повеќе, вели Аријанит Џафери од Еко Герила.
„Граѓаните да се повнимателни во користењето на нивните возила, особено сега. Општината да ги измие улиците кои речиси никогаш не се чистат. Секојдневно гледаме исти фабрики за мебел, исти авто отпади, исти автомеханичари кои горат некои штетни материјали и чадот се гледа кога излегува од нивните фабрики. Ако инспекциските контроли се толку чести треба да ги казнат за да тие не го повторат тоа што го прават. Или новите градби кои ја блокираат циркулацијата на воздухот и тоа требаше да се решава како што треба, а не да се дава дозвола кому било, каде било и во кое било време“, потенцира Џафери.
Елена Николоска од Еко-свест вели дека и граѓаните можат да направат многу за почист воздух, треба само да излезат од зоната на комфорот. Таа вели дека се потребни мерки кои нема да бидат популарни, но само такви ќе дадат добри резултати на подолг рок.
„Потребни се почести контроли на инспекторатот за животна средина и на комуналните инспектори, да видиме казнување на индустриски капацитети коишто ќе бидат фатени дека не ги почитуваат дозволите коишто ги имаат добиено, да видиме казнување за граѓани и фирми коишто горат отпад и прават нешто што е надвор од нивната дозволена дејност. И конечно да видиме волја дека имаме желба да го решаваме загадувањето и да примениме мерки од коишто нема да бидат среќни и задоволни сите“, вели Николоска.
Бесплатен јавен превоз, ослободување од работа на бремени жени и болни луѓе, реорганизирање на работното време за оние кои работат на отворено, повеќе инспекциски контроли на градилиштата и на индустриските капацитети, се дел од мерките против аерозададувањето кои ги усвои новата влада, но тие се активираат само доколку два дена по ред на две мерни станици ќе се измерат концентрации од над 200 микрограми штетни честички во воздухот.
Во јануари, во Скопје, имаше денови кога беа измерени високи концентрации на загаденост кои достигнуваат и од 600, што е за 12 пати повеќе од дозволените 50 микрограми штетни честички.
Дел од постоечките мерките е и препорака со помал капацитет да работат индустриските објекти, а со намален капацитет работи и депонијата Дрисла.
„Ова се интервентни мерки кои ја ублажуваат моментната состојба и тие не се конечно решение за проблемот со аерозагадувањето. Конечно решение е подолг процес и постојат мерки и на среднорочен и на долгорочен план. Потребно е очигледно повеќе време додека дојдеме до фаза во која ќе имаме конечно решение на проблемот“, изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, давајќи отчет на сработеното во првите 100 дена од мандатот, рече дека приоритет му биле активностите за животната средина и подобрување на состојбата со загаденоста на воздухот. Тој рече дека е тројно зголемен буџетот за заштита на животната средина, ја спомена и акцијата за чистење на Скопје, акциите за зазеленување, субвенционирањето печки на пелети.
Од еколошките организации велат дека се потребни мерки кои ќе се применуваат постојано, а не само кога состојбата е алармантна. Велат дека мерките како намалување на прашината од градилишта и од сообраќајот треба да се прават и во периоди кога загаденоста не е голема.
Неколку невладини организации пред неполна година на новата власт и презентираа план за управување со загадувањето, со предлози за законски измени, идни акции, практични проекти. Дел од нивниот план беше земен в предвид од стран ана власта при крирање на мерките против загадувањето. Зад планот стоеше и Александра Бујароска од Фронт 21/42, правник специјализиран за еколошко право. Таа неодамна во неделното интервју на РСЕ, рече дека промени има, но не колку што очекувале екологистите.
„Можам да кажам дека посериозно почна да се решава проблемот, но сепак не со онаа брзина и со остварување на оние барања што ние ги имавме како граѓански сектор генерално, и не зборувам само за нашата организација, туку и за другите кои дадоа придонес за решавање на проблемот со загадувањето, ние очекувавме многу повеќе“, рече Бујароска.
А загадениот воздух си го зема и својот данок во здравје. Меѓународни институции во неколку наврати посочувале дека аерозагадувањето е причинител за повеќе болести и дека како последица на загадувањето годишно умираат повеќе од 1.300 луѓе.
Екипа на РСЕ ги посети жителите кои живеат во околина на депонијата Дрисла, која беше актуелна изминатиот период, со согорувањето на медицунски отпад во печка која не ги запазува еколошките стандард. Жители велат дека данокот за нејзиното несовесното работење, го плаќаат тие. Доказ за тоа, според нив се се повеќето случаи на заболени лица.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Од Институтот за јавно здравје соопштија дека минатата година речиси 4000 луѓе во земјата починале од рак. Малигните заболувања се втората најчеста причина за смрт кај населението. Кај мажите доминира карциномот на бели дробови, а кај жените на дојка.
„За појава на малигната неоплазма на дишните патишта причина е тутунот, меѓутоа не помала важност има и аерозагадувањето коешто доаѓа од повеќе извори. Најголемите градови каде што има неконтролирана урбанизација мислам на Скопје, Битола, Прилеп, Тетово, Гостивар, од друга страна може пелагонискиот крај да биде поврзан и со производството на тутун, изјави доктор Елена Ќосевска.
Анализите покажуваат дека на скалата на најголемите причинители на загадувањето се затоплувањето на домаќинствата, индустриските капацитети и сообраќајот. Дел од мерките против загадувањето е субвенционирањето за купување на печки на пелети, но со тоа не се решава проблемот, оти луѓето се уште се греат на дрва, затоа што тоа им е најевтино, а гасоводен систем нема. Директорот на Македонски енергетски ресурси(МЕР), Благојче Котески, неодамна рече дека за две години може да има гасификација во Македонија доколку општините работат на процесот паралелно со МЕР. Но експертите по енергетика велат дека во Скопје ако има желба од локалните власти гасификација може да има веднаш, а за гасификацијата на другите градови има различни временски рокови. Дел од индустриските капацитети за време на енормно загадување работат со преполовен капацитет или се затворени, но голем проблем останува тоа што се уште сериозно не ги исполнуваат обврските во инсталирање на најдобра технологија за спречување на загадувањето. Што се однесува пак до старите возила, се планира да се воведе систем на мапирање на возилата загадувачи за градската управа да забрани нивно движење во сообраќајот во услови на висока загаденост.
Џабе протести, ништо без акција и казни
Европските градови се повеќе стануваат како кинеските, Загадениот воздухот и во Европа зема се повеќе човечки животи. И покрај протестите и апелите на граѓаните се зголемува данокот на индустрискиот напредок и брзата заработувачка.
Гоце Атанасов
Европската комисија е во тревога и веќе предупреди неколку земји членки на Европската унија дека ќе се соочат со казни доколку продолжат да ги игнорираат стандадрите на Унијата за квалитетот на воздухот.
Комисијата соопшти дека загадувањето на воздухот предизвикан од издувните гасови на автомобилите, индустријата и земјоделството е причината за над 400 илјади предвремени смртни случаи секоја година. Загадувањето предизвикува астма и други респираторни проблеми и резултира со високи трошоци за здравствена заштита и со изгубени работни денови.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Кармену Вела, член на ЕК задолжен за животна средина, поморство и рибарство изјави дека некои земји се уште не ги исполниле стандардите поставени за 2005 и 2010 година:
„Роковите за исполнување на законските обврски одамна изминаа, а некои велат дека веќе чекавме премногу долго, но ние не можеме да одложуваме повеќе“.
Иако тој не ги именува земјите, во Брисел беа повикани претставници од Чешка, Франција, Германија, Унгарија, Италија, Романија, Словачка и Шпанија.
„Неактивноста има последици. Тоа има последици за граѓаните и загадениот воздух што го дишат. Земјите-членки имаат одговорности. Одговорности за дејствување. Пасивноста, исто така, има правни последици за односните земји-членки“.
Јавните критики на германската автомобилска индустрија ескалираа, по извештајот дека од оваа индустрија била нарачана студија за ефектите од издувните гасови од дизел гориво со помош на мајмуни, додека друга студија, наводно, изложувала луѓе на ниско ниво на еден вид загадувач на воздухот. Германскиот канцелар Ангела Меркел деновиве изјави дека федералните власти ќе работат со германските градови кои се соочуваат со особено високо загадување на воздухот за брзо развивање на конкретни решенија за намалување на штетните емисии, а притоа да се избегне забраната за дизел автомобили.
„Мислам - со оглед на Европската комисија - можеме само да продолжиме ако брзо пронајдеме многу специфични решенија за овие 20 градови, кои немаат околу 40 микрограмови, туку над 50“.
И на Балканот се повеќе расте свеста за загадувањето на воздухот. Сараево, Тузла и Зеница страдаат од слични нивоа на загадување. Деновиве во Приштина беа одржани протести. Таму загадувањето е главно од две термоцентрали во предградието на Приштина. Косово ги има петте најголеми резерви на лигнит во светот и се потпира врз јагленот за производство на енергија. Многу домаќинства го користат за греење, бидејќи тоа е најевтиното гориво на располагање. Гонџе Зекири вели:
„Денес дојдовме тука за да го покажеме нашиот револт против неинтересот на институциите во однос на загадениот воздух што нè опкружува"
Неодамнешната студија на Алијансата за здравје и животна средина откри дека 16 фабрики на лигнит во поранешна Југославија испуштаат исто толку загадување како и сите 296 централи на Европската унија.