Спортски активности за лицата со посебни потреби

Александар Спирковски, професор по физичко воспитание во Куманово

Кумановски професор по физичко образование работи со деца со посебни потреби на кумановскиот Спортски базен.

Кумановецот Александар Спирковски (29), со завршен Факултет за физичка култура, иако без постојано вработување, преку бројни проекти и разновидни обуки во земјава и во странство своето знаење го практикува во работа со лица со попречености. Кон крајот на минатата година, тој бил и еден од 12-те стипендисти, спортски работници од Македонија, на меѓународна обука во „Џорџ Мејсон универзитетот“ во Соединетите Американски Држави.

„Обуката траеше 14 денови на еден од попрестижните универзитети во Америка, на теми за спорт, родова еднакост, вклучување на деца со посебни потреби во спортот, спортски менаџмент“, раскажува Спирковски и додава дека како еден од тренерите по пливање на кумановскиот Спортски базен настојува да го пренесе наученото во странство, при работа со деца со посебни потреби.

Тој работи со деца и лица корисници во двата дневни центри во Куманово, но и со останатите.

„Сите кои имаат желба да спортуваат, да се бават со пливање, колку можеме настојуваме да ги вклучиме во спортот“, вели тој.

Обуката во САД на Спирковски му е трета досега.

„Првата обука ми беше во Турција, каде што се обучував за работа со лица со оштетен слух, втората во Брисел за спортски менаџмент и оваа, третата меѓународна обука која многу ми значи, бидејќи беше на еден голем универзитет во Вашингтон“, вели тој.

Работата и севкупната состојба на лицата со посебни потреби во нашата држава по многу нешта не може да се споредува со онаа во САД. Меѓутоа, сепак, постои нешто што е многу значајно, а е заедничко.

„Заедничка е желбата да се работи со маргинализираните категории, да ги вклучиме во спортот во нашето општество и добро е што имаме такви институции во нашата држава, како што се УСАИД, УНДП, УНИЦЕФ, коишто се залагаат за вклучување и интеграција на децата со посебни потреби во општеството“, вели тој.

Во времето додека егзистенцијата на своето четиричлено семејство овој млад и амбициозен спортски работник ја обезбедува преку разновидни проекти, приоритетот давајќи им го на лицата од најранливите маргинализирани категории граѓани, не ја крие можноста дека до постојано вработување неминовно е да се заплива и во политичките води.