Наставните програми да се прилагодат за да им се помогне на лицата со помалку можности во високото образование, да се вклучат волонтери кои ќе им помагаат додека студираат, а и професорите треба да го сменат својот став и да пристапат со помалку стереотипи кон луѓето со хендикеп, беше истакнато на денешната трибина за „Вклучување на младите со помалку можности во високото образование“ што се одржа во Скопје.
Кога се запишав на Правниот факултет имам осуда првенствено од моето опкружување, од мојата населба, кои велеа дека јас не би можела да ги издржам тие работи, заради тоа што нивната слика за некој којшто е правник не дозволува тоа да биде лице со посебни потреби, односно со телесен хендикеп.Марија Михајловска, студентка.
На трибината учествуваа и студенти и поранешни студенти со посебни потреби, кои сведочеа за проблемите со кои се соочиле во образовниот процес.
Студентката Марија Михајловска, раскажува дека поради нејзиниот физички хендикеп со дискриминација се соочува од почетокот на нејзиното образование во основно училиште, па сè до студиите на Правниот факултет каде што е апсолвент.
„Кога се запишав на Правниот факултет имам осуда првенствено од моето опкружување, од мојата населба, кои велеа дека јас не би можела да ги издржам тие работи, заради тоа што нивната слика за некој којшто е правник не дозволува тоа да биде лице со посебни потреби, односно со телесен хендикеп. Слушав од страна луѓе кои велеа дека јас тоа не можам да го направам и да се носам со истото. Секогаш сум човек кој руши бариери, па и таа бариера ја срушив“, вели Михајловска.
Факултетите треба прво во своите статути и правилници, да внесат еден член дека се отворени всушност за лицата со потешкотии, меѓутоа тоа да не биде само декларативно, затоа што сето тоа понатаму повлекува создавање на услови.Розалина Попова, професор од Педагошкиот факултет во Скопје.
Таа сега работи во Агенцијата за спорт и млади како лице за контакт со младите со посебни потреби.
„До сега немаме никаква преставка, јас би сакала тоа да се случи, да видиме до кај сме ние и првенствено ние самите да се истестираме.“
Џенгис Мемедоски од Прилеп има оштетен слух и студира на Педагошкиот факултет. Раскажува дека на училиште трпел дискриминација и поради хендикепот, но и поради ромската националност.
„Не верував дека ќе успеам, немав никаква надеж во тоа, затоа што имав забрана од моите родители да се запишам на факултет. Знаете ромската националност и традициите на нашата националност какви се, ќе дојдат 18, 19 години и ти следува брак“, вели тој.
Професор Розалина Попова од Педагошкиот факултет во Скопје, која има искуство во работа со лица со попреченост, вели дека проблемот со нивното образование останува да лебди и оти е потребно поинтензивно да се работи со овие луѓе. Таа нагласи дека сите граѓани имаат еднакво право на образование, а тоа е многу важно, зашто со образованието се стекнува и правото на работа, која носи независност.
„Факултетите треба прво во своите статути и правилници, да внесат еден член дека се отворени всушност за лицата со потешкотии, меѓутоа тоа да не биде само декларативно, затоа што сето тоа понатаму повлекува создавање на услови, бидејќи кога ние ги примаме во високото образование на тие лица треба да им создадеме исто подеднакви услови и можности како и на сите други.“
Мила Карадафова од Центарот за младински активизам Крик, кој ја организира трибината, вели дека мора да се работи на зголемување на можностите за студирање на лицата со попреченост, но и на искористување на можностите што ги има.
Претседателот на Комисијата за заштита од дискриминација Душко Миновски рече дека е важна системската реакција на државата. Според него, дискриминацијата во последниве години се намалила, но не е целосно искоренета. Меѓународните конвенци ги усвоивме, но останува многу да се работи на имплементацијата, рече тој.
Во меѓувреме, Министерството за труд и социјална политика најави дека со измените во новиот предлог закон за вработување на лица со инвалидност ќе се влијае на полесно вработување на овие луѓе. Министерот Диме Спасов соопшти дека работодавачите од јавниот и приватниот сектор кои имаат над 35 вработени мора да вработат едно лице со инвалидност, а работодавачите со повеќе од илјада вработени ќе мора да вработат 20 луѓе со инвалидност.