Мобингот како појава претставува болест на модерното општество. Луѓето преку работа задоволуваат низа свои потреби, од кои финансиската награда не е најважна, туку потребата за сигурност, углед, самопочит, достигнување, статус, внимание, признание, развој на способностите и на сопствените потенцијали, потребата за припаѓање, прифаќање, дружење итн. Работниците стануваат свесни за проблемот кога ќе им се скратат основните права, а притоа повеќето од нив не знаат на каков начин да остварат правна заштита.
Малтретираното лице е беспомошно и не може да се одбрани. Таквите активности се одвиваат најмалку еднаш неделно, во период од најмалку шест месеци (а понекогаш е доволно и еднократно). Како мобингот влијае на работното место? Мобингот влијае на самото здравје на работното место. „Нездраво“ работно место и работна средина се манифестираат преку: зголемената стапка на боледување, зголемен стрес на работното место, зголемен ризик од појава на повреди на работа и инциденти, намалена продуктивност и мотивација за работа, намален углед на фирмата итн.
Мажите и жените се еднакво изложени на мобинг. Мажите почесто доживуваат закани или физички напади, додека околу 15 проценти од жените се соочиле со сексуално загрозување на работно место. Меѓу вработените со висока стручна подготовка најчести жртви се младите лица полни со ентузијазам, чија кариера е во подем и не е во согласност со очекувањата на средината или со плановите на надредените лица. Но, исто така чести жртви се и свиркачите кои ги согледуваат проблемите во фирмата и гласно предупредуваат за нив. Најчесто, насилниците (моберите) се лица со специфични карактеристики на личноста, со намален капацитет за сакање, радост, игра, креативност, давање и споделување. Најчесто тоа се моќни личности, желни за уште поголема моќ.
Сексуалното вознемирување (harassment) е еден од начините на мобинг, а се дефинира како и секој вид несакано вербално, невербално и физичко однесување од сексуална природа. Овие однесувања можат да бидат насочени од маж кон жена, од маж кон маж, од надредени кон подредени лица. Вознемирувањето оди до степен на воспоставување непријателски сексуализиран амбиент во работниот простор, каде се повторуваат непријатни дејства, зборови и однесувања од сексуална природа, вицови, шеги, гестови, однесување и облекување итн.
Здружението Достоинствен Работник ја поддржува иницијативата #СегаКажувам #TaniTregoj и во целост ја поздравува идејата да се скрши молкот за сексуалното вознемирување и сексуално насилство на работно место. Здружението во рамките на проектот „Институционална поддршка“ поддржан од Фондација Отворено Општество Македонија реализира серија едукативни работилници со кои ги едуцира работниците во заштита од сексуалното вознемирување, па сè до дискриминација на работно место и ги повикува работниците и работничките без страв со дигната глава да го пријавуваат затоа што мора да правиме видливи промени во позициите на моќ во сите сегменти кои се од витално значење за општеството и да се формира нова културолошка матрица уште во најраната возраст.
Би сакал да потенцирам дека работно место и фирмата се изложени на сериозни трошоци поради мобинг. Во 2016 година во Република Македонија е донесена првата пресуда за мобинг. Тужителот е лице вработено во институција од јавниот сектор, додека во Европската унија, 15 проценти од работниците страдаат од психолошко вознемирување (мобинг) на работно место.
Почитувани работници и работнички, донесената одлука да биде храбриот чекор и е од големо значење затоа што психичкото вознемирување на работно место е доста зачестена појава, а истата многу ретко се пријавува и се поведуваат постапки за заштита од истото.
Да резимирам, дека секој од Вас кој ќе препознае жртва на мобинг веднаш да реагира и да ја побара правдата која сепак е достижна!
Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.