Медијаторот во спорот за името Метју Нимиц денеска пристигна во Скопје, но средбите со политичкиот врв ќе ги оствари утре. Предвидено е да се сретне со претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров, како и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и лидерот на ДУИ Али Ахмети.
По средбата со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас во Атина, Нимиц изјави дека е време двете страни конечно да постигнат согласност за спорот за името. По пристигнувањето во Скопје денеска, тој кратко изјави дека очекува претстојните средби да поминат добро.
„Имавме добри средби во Атина. Се надевам дека ќе имаме добри средби тука. Со нетрпение ги очекувам средбите со владата и со другите водечки фигури“, рече Нимиц.
Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, на денешната прес-конференција, во однос на посетата на Нимиц ги потврди очекувања на медијаторот дека е вистинско време за решение.
„Повеќе пати имаме кажано да сега е вистинското време да се изнајде решение. Постои и политичка волја и градење на односи со Република Грција кои се на едно повисоко ниво“, рече Бошњаковски.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Коѕиас најави спогодба која Грција кон средината на февруари ќе и ја достави на Македонија. Спогодбата е составена од четири точки кои се однесуваат на предлози за името, иредентизмот, меѓународни и регионални односи на Македонија и мерки за позитивна агенда. Тој по средбата со Нимиц појасни дека спогодбата нема да биде земи или остави, туку Македонија ќе има можност да интервенира со свои предлози.
Професор Беким Кадриу вели дека очигледно е оти полека се навлегува во деталите на евентуална идна спогодба која треба да го реши спорот и очекува македонската страна да даде свое мислење.
„Сите детали што се спорни да речам или што македонската страна смета дека не треба да останат нерешени во спогодбата значи мора да се вметнат, вклучувајќи го името, идентитетските прашања, потребата од кратенки, прашањето за иредентизмот. Значи сите овие детали треба да бидат дел од спогодбата“, смета Кадриу.
На изјавата на Коѕиас, од Министерството за надворешни работи реагираа дека јавното соопштување на крајните позиции може да го намали просторот за разговори.
Бошњаковски во однос на најавената спогодба изјави дека нивниот став е јасен, за да се дојде до решение потребна е нужна волја и компромис од двете страни. На прашањето дали се запознаени со спогодбата, тој додаде дека преговорите се водат со посредство на Нимиц и во дадената рамка така што тие на сите аспекти работат заедно.