Кавгата за вработувања во Битола - навредлива и комична

Седница на Советот на Општина Битола

Чии деца, снаи и золви се вработуваат во градот на конзулите? Битолската опозиција обвинува за непотизам при вработувањето во јавните претпријатија во градот. Седницата на битолскиот совет беше со зајадливи, навредливи, а напади и комични коментари.

Провокации, барања за прошка, спомнување на шила, листа со непотистички вработувања, обраќања од типот „Горномакедонци, Долномакедонци, Северомакедонци“. Ова беше дел од атмосферата на седницата на Советот на Општина Битола на која се одлучуваше по годишните програми за вработување во јавните претпријатија. Дел од дискусиите беа зајадливи, навредливи, но дел и комични.

Така, советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Анита Ангелевска, на советниците од СДСМ им велеше дека се тотално небитни, а кога ќе ја прекинеше претседателот на Советот, Валентин Груевски, таа се извинуваше и продолжуваше пак по истиот терк.

„Народот ништо повеќе не очекува од вас, вие сте само покритие на продажбата на државата што е во тек“, рече Ангелевска.

„Колешке, вратете се на дневниот ред“, рече Груевски.

„Веднаш се враќам на темата за вработување, те молам проштевај“, рече Ангелевска и продолжи:

„Работеле или не, тотално сте небитни и тоа е тотално неважно, вработувате снаи, братучеди, золви“, рече таа.

По ова доби уште една опомена од Груевски:

„Повторно Ве опоменувам, иако Ви простив првиот пат, побаравте прошка, сега повторно продолжувате по истиот терк“, рече тој.

„Се враќам на вработувањата, ете уште еднаш простете ми. Во исполнувањето на агендата сето ова е со краток рок. Никој нема намера да работи во оваа држава освен да ја исполни агендата која што ја ветил некаде“, рече Ангелевска.

По ова Груевски ја прекина во излагањето и даде пауза од пет минути.

На обвинувањата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за непотизам и дека во јавните претпријатија „Комуналец“, „Нискоградба“, „Водовод“ и „Пазари“ ќе се вработат партиски кадри од власта, Менде Илиевски од СДСМ возврати дека нема право да обвинува оној кој со години го правеше тоа.

„Да го објавам целиот непотизам што го направивте во Битола, вработувајќи свои најблиски, сестри, браќа, роднини. И ова многу брзо ќе биде обелоденето со имиња, презимиња. Во момент кога некој од вас членови на ВМРО-ДПМНЕ стапуваат на функција и како по краток рок ги вработуваат своите најблиски, од поранешниот градоначалник Владимир Талески, до пратеникот Зоран Илиоски, уште едната пратеничка Лијана Кузмановска, поранешниот советник Игор Хаџиевски... Не дискутирајте за нешто што сте го направиле. Вие го направивте непотизмот. Не ја извртувајте вистината оти вашиот поранешен лидер ви кажа дека таа е како шило“, рече Илиевски.

Борче Димитровски, советник од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека јавноста не ја интересира минатото туку иднината.

„Во ЈП Комуналец ќе има 26 нови вработувања иако знаеме дека имаат нешто над 200 вработени, се работи за зголемување на бројката за 10 проценти. Јавноста не ја интересира минатото, туку иднината“, рече Димитровски.

На крај советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Олга Лозановска, на присутните им се обрати со зборовите:

„Почитувани, Горномакедонци, Долномакедонци, Северномакедонци или какви и да бидете, да ми кажете еден член на ВМРО-ДПМНЕ кој ќе биде вработен од вас, а јас ќе ви кажам на следната седница луѓе, ваши членови кои ги вработи ВМРО-ДПМНЕ од минатите години“, рече таа.