Решението на спорот за името, нов импулс за економскиот развој

Решавањето на спорот за името со Грција може да биде од пресудно значење за домашната економија. Тоа ќе значи отворање на македонската економија кон странските пазари, но и нови странски инвестиции, велат бизнисмените.

По повеќе од 25 години, по доаѓањето на новата македонска влада, Македонија и Грција, отворија нови патишта за решавање на стариот спор за името. Политичките раководства во двете земји изразуваат подготвеност и оптимизам за затворање на прашањето. Сосема очекувано, граѓаните реагираат емотивно.

Решавањето на спорот за името со Грција е од пресудно значење за домашната економија, порачуваат македонските стопанственици. Иако бизнисот не го зборува јазикот на политичарите, туку на економскиот интерес, стопанственикот Мирче Чекреџи вели дека затворањето на спорот ќе ја стабилизира економијата и ќе отвори нови врати за бизнис заедницата.

„Сметам дека ден поскоро треба да се реши проблемот со името, се разбра дека притоа ние губиме разни национални идентитетски елементи, меѓутоа на економски план еднаш засекогаш ќе почнеме во вистинската насока. Ќе мора да се регулираат работите овде, не ќе може секој да прави што сака, ќе мора да ги прифатиме правилата на игра на ЕУ каде што има капитализам 300 години, каде што сите глупости се филтрирани, тоа за нас може да биде само корисно“, вели Чекреџи.

Во поширока смисла, решавањето на спорот за името би можело да значи отворање на македонската економија кон странските пазари, но и нови странски инвестиции, додава Чекреџи.

„Кога би влегле во НАТО и би почнале да преговараме со Европската унија прво ќе се зголеми нивото на странски инвестиции, второ ќе се отвори пристап до фондовите за развој на ЕУ, ќе почнат да се прават компании со развиени земји, кој е прав начин на заедничко вложување, зошто едниот носи знаење, другиот го отвора пазарот итн. Глобализацијата ќе добие вистинска смисла, во моментот глобализација во Македонија значи колонизација. Сите банки се странски, сите рудници се странски, сите големи компании се странски, нема ни една македонска компанија која има своја ќерка во Франција, Германија итн“, вели Чекреџи.

За секоја економија најприродно е да соработува со соседите, велат упатените. Соработката во туризмот пак, е традиционална и плодна, а решението на прашањето за името ќе ги огрее и двете земји, посочува Анѓел Иванов, претседател на Советот за туризам и сопственик на туристичка агенција.

„Тоа би била најповолната и најпосакуваната варијанта и за двете страни и веројатно и на двете страни ќе не огрее сонце во исто време, бидејќи многу одамна посакуваме да немаме конфликт со никого, особено не со соседните земји. Тоа се одразува на се, на животот, бизнисот, комуникациите и не би било згодно да заврши негативно. Се разбира кои ќе бидат условите за позитивно решение, се уште не знаеме, бидејќи не се ставени на маса за нас граѓаните да одлучуваме или размислуваме. Би било убаво да заврши позитивно затоа што многу од колегите кои имаат свои понуди и закупи за Грција тоа го направија од минатиот септември и дадоа депозит. Една третина од парите се веќе дадени. Затоа се тие предпродажби и ниски цени за некако да се вратат тие уплати. И не би било згодно таа зделка да излезе негативна и тој рулет да излезе на наша штета“, вели Анѓелов.

Повеќе од четириесет години Иванов работи во туристичкиот бизнис. Вели дека досегашното искуство со колегите од Грција било позитивно и додава дека никогаш политиката не успеала да ги влоши бизнис-пријателските односи.

Грците се пријателски народ. Но, овој вирус кој излезе, политиката, се разбира може да зарази и здрави луѓе. Од грип се заразуваат само здрави луѓе, не болни. Сега се зависи од околностите, од ситуацијата. Но никогаш не сме наишле на ситуација каде што прво сме се гледале како Грци, Македонци, пријатели, непријатели, туку само како партнери кои сакаат да го одработат тоа за кое се дојдени“, вели Иванов.

Но, евентуалниот компромис за спорот, според Иванов, не значи и автоматско зголемување на бројот на македонски туристи во Грција и обратно.

„Не мислам дека бројот на македонски туристи во Грција ќе се дуплира бидејќи оние коишто решиле да одат, одат таму каде што решиле. Патриотите не го направиле тоа од некои особени причини, или непатриотите од особени причини не отидоа во Грција. Просто, тоа е затоа што Грција е привлечна и вредна за внимание и одмор. Не верувам дека напливот таму ќе се зголеми двојно, бидејќи капацитетите се броени за пазарот во Македонија“, заклучува Иванов.

Економските експерти велат дека во принцип сите отворени билатерални спорови се на штета на добрососедските односи на економската размена помеѓу земјите. Економскиот аналитичар Фатмир Битиќи вели дека затворањето на прашањето не значи само отварање на билатерални можности со Грција, туку е отворање на можности за влез во ЕУ, а тоа значи и можност за сериозни странски инвестиции.

„Сметам дека решавањето на спорот во суштина ја отвора Пандорината кутија и можностите за поголем економски развој на Македонија, не само од аспект на билатералните односи туку и на многу поширока основа“, вели Битиќи и додава:

„Бизнисот не познава ниту етникум, ниту различни јазици, туку само јазикот на бизнисот и меѓусебното договарање, како и придобивките кои можат да ги имаат страните. Добро е што меѓу стопанствениците во земјава не преовладува политичкото мислење, туку само бизнис логиката. Решавањето на спорот уште повеќе ќе придонесе кон поголемиот развој на можностите кои заеднички можат да ги најдат“, заклучува Битиќи.

И според професорот Зоран Ивановски, решавањето на спорот за името позитивно ќе влијае на меѓусебната трговска соработка меѓу Македонија и Грција.

„Затворањето на политичките прашања кои се пречка за меѓусебната соработка меѓу двете земји, позитивно ќе влијае на соработката меѓу домашните и грчките компании, а можно е да се очекува и повисоки стапки на странски директни инвестиции од таа земја во нашата. Конкретен чекор во таа насока е договорот од Давос, со кој Македонија продолжува во втората фаза од Договорот за стабилизација и асоцијација, со што се отвараат и дополнителни погодности за домашните компании за подинамичен и енергичен настап на европскиот пазар и поголемо ниво на фондови кои може да ги очекуваме во нашата земја“, изјави Ивановски.

Битиќи е претпазлив во проекциите дека решавањето на ова политичко прашање со Грција, ќе значи сигурен влезот на Македонија во НАТО и почеток на преговорите за влез во ЕУ, иако е тоа нешто што многумина го очекуваат и посакуваат.

„Сепак, првичниот сигнал до сите инвеститори е дека решавањето на толку горчлив проблем значи укажување на сериозноста на државата и сметам дека тоа ќе отвори можност за доста инвеститори кои се колебаат дали поради различните негативни фактори дека треба да инвестираат. Сега тие ќе бидат позитивно мотивирани дека ќе дојдат во земја во којашто нема билатерални спорови, која е поотворена кон е еден поголем пазар, а тоа е најважно за нас, отворањето на нови пазари, инвестиции и слично“, вели Битиќи.

Инаку, Грција е трет најголем трговски партнер на Македонија според обемот на трговска размена, веднаш по Германија и Велика Британија, а пред Србија и Бугарија.

Во меѓувреме, од Стопанската комора на Македонија соопштија дека уделот на регионалната размена во вкупните трговски текови на Македонија останува непроменет. Од комората соопштија дека бизнисот во изминатите години непрекинато ја одржуваше регионалната соработка, дури и кога политичките процеси затајуваа и може да го обезбеди потребниот економски инпут за забрзување на процесот на европски интеграции и достигнување на посакуваното ниво на економски развој.

Компромис е потребен, ама по која цена?

Деновиве се интензивираа и средбите помеѓу македонските и грчките државници, а во земјава дојде и медијаторот за спорот Метју Нимиц. Во атмосфера на забрзана динамика во чиј фокус е барање на компромис за долгогодишниот спор, граѓаните ги прашавме дали треба да има компромис за името и добивме поделени одговори.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Компромис за името да има, ама не на наша штета!

„Да, треба да постои компромис, без компромис нема ништо.“

„Треба да најдеме заедничко разбирање, сите да попуштиме по малку, со добро се бива, со лошо ништо.“

„Во секој случај овие дваесет години покажаа дека компромис треба да има.“

„Да, треба да има, ама не на наша штета“, велат повеќето граѓани коишто ги анкетиравме.

Други, пак, сметаат дека за името не смее да има компромис.

„Воопшто никаква дискусија и референдум според мене не треба да имa.“

„Јас не би дозволил името да се смени, тоа е мое мислење“, велат граѓаните.

Поделеноста кај граѓаните останува и во однос на тоа дали за евентуалниот компромис треба да биде распишан референдум. Сепак, повеќето анкетирани велат дека граѓаните задолжително треба да бидат прашани за евентуалниот компромис.

„Секако, треба да има, да се слушне и гласот на народот.“

„Треба да има, ако не се прашаат граѓаните, кој друг.“

„Обавезно, народот мора да се изјасни за тој компромис, не може ова прашање да оди само во парламент“, велат анкетираните граѓани.

Ни Грците не го даваат името Македонија

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Спорот за името, меѓу оптимизам и национализам

Македонија и Грција по доаѓањето на новата македонска влада пред неколку месеци отворија нови патишта за решавање на над 25 години стариот спор за името. И додека властите во двете земји изразуваат оптимизам дека го гледаат крајот на проблемот, во Македонија и Грција има и други мислења. Едно им е заедничко, ниту едните, ниту другите не го даваат името Македонија.

Гоце Атанасов

За дел од Грците терминот Македонија никако не смее да не се најде во кое било решение на спорот. Тие сметаат дека користењето на името Македонија имплицира територијални претензии кон оваа грчка провинција и античкото кралство на Александар Велики. Затоа ова прашање го сметаат како обид за узурпирање на нивната историја и култура и не сакаат решение кое ќе го вклучи зборот Македонија.

Александар Велики е роден во Пела, главниот град на античкото македонско кралство, во северната грчка провинција Македонија, каде што се наоѓаат и гробовите на кралското семејство, вклучувајќи го и неговиот татко кралот Филип II.

Аргирис живее во Пела и вели:

„Ова е селото, главниот град на Александар и Филип. Никој нема право, ниту политичар, ниту граѓанин да има поинакво мислење, бидејќи тоа е вистината. Ова е Македонија, а таа е грчка“, вели тој.

Со него се согласува Јоргос Томас, исто така од Пела:

„Кој и да гласа за името Македонија да биде вклучено во решението може да се класифицира само како предавник. Тоа е мое мислење“, вели тој.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Што велат учесниците на протестот во Солун?

Демонстрациите во Солун на 21 јануари привлекоа стотина илјади луѓе од различни делови на Грција. Тоа беше еден од најголемите протести во последниве години. Четириесет и две годишниот Костас Константинис вели:

„Јас сум грчки Македонец, дојдов на митингот за да му кажам на целиот свет дека Македонија е грчка. Ќе го викаме тоа се додека живееме. Никој не може да ни ги одземе името Македонија и нашата историја, за што некои ја дадоа својата крв“, вели тој.

Елени, пак, додава:

„Македонија е грчка и ние не преговараме за ова, ние никогаш нема да преговараме за тоа поради нашата земја, поради нејзината света земја. Некои луѓе се бореа за оваа слобода што сега ја уживаме“, вели таа.

Димитрис Вретекас демонстрираше во Солун со образложение:

„Македонија е единственото место што ги обединува Грците со милениуми и никогаш нема да прифатиме друга земја до Грција која ќе се вика Македонија“, вели тој.

На ист став е и Панајотис Оркас, 78-годишен жител на Солун:

„Македонија е грчка и со главниот град на Солун. Ова сега е Македонија, а не она што тие го кажуваат и како ја вртат историјата“, вели тој.

Националистичките страсти во Грција растат, а демонстрации против употребата на името Македонија во решението за спорот се најавени и во наредниот период.