Капитал - Преговорите за спорот за името ја преживеаја првата критична фаза
„Преговорите за спорот за името ја преживеаја првата критична фаза“, гласи насловот во Капитал за темата која особено во последниве месеци и по ефективната средба на премиерите Заев и Ципрас на маргините на економскиот форум во Давос е топ тема и во македонската и во грчката јавност. Неделникот не одрекува дека ризици во процесот постојат и дека особено треба да се очекуваат кога ќе се отворат длабинските, застоени слоеви од проблемот. Но засега, вели аналитичарот, двете страни, охрабрувани од меѓународниот фактор оставаат впечаток дека се на нивото на „моментумот“, отворени за преговори во рамките на прифатливото и достоинственото и за Македонија и за Грција.
Две поенти наведува Капитал. Прво, дека многуте комплименти за домаќините што ги наведе генералниот секретар на НАТО при посетата во Скопје многумина ги сфатија и како компензација за клучната порака на Јенс Столтенберг: спорот за името мора да се реши со заемно прифатливо решение – што значи дека е исклучена опцијата, која често се спомнуваше кај нас, Македонија да стане членка на НАТО со привремената референца или со каков и да е друг план Б. И второ, исто така суштинско е прашањето што подразбира „достоинственото“ и на што би се однесувал компромисот што би го направила македонската страна. Според Капитал, логично е да се разгледа она во кое компромисот би бил да има варијанта за севкупна меѓународна употреба што ќе го вклучува терминот Македонија (компромисот за Македонија во тој случај би бил во однос на признавањата под уставното име од страна на голем број држави), а Уставот притоа да не се менува, и секако, да не се задира во идентитетските прашања, пишува Капитал.
Фокус - Груевски го загуби уставното име, како што Милошевиќ го загуби Косово
И Фокус се занимава со темата „преговори за името“, но анализирајќи ги потезите што за 11 години ги направи владата на Никола Груевски за да ја оддалечи земјава од евроатлантските интеграции. „Груевски го загуби уставното име, како што Милошевиќ го загуби Косово“, е насловен текстот во неделникот. Свесен дека споредбите се неумесни кога станува збор за искуствата од други држави и други спорови, авторот потсетува дека „онака како што Србија го загуби Косово во времето на Слободан Милошевиќ, со децениската политика на национализам и шовинизам, со полициска бруталност и одземање на граѓанските права на Албанците што живеат таму и конечно со воената кампања на неговиот режим, на сличен начин со потезите на претходната власт и Македонија го загуби името“. За да биде попрецизен, авторот во Фокус појаснува: Ја загуби можноста за „достоинствен“ предлог за решение на спорот за името со Грција, а таа штета сега не може да се надомести. Фокус, во една од колумните, отвора и друго прашање: „Зошто при спорот за името се загриза на албанското прашање?“, алудирајќи на Законот за јазиците. Па во време кога за решавањето на прашањето за името ни е потребно единство, пишува авторот, до кое можеме да стигнеме само со големи напори, отвораме домашна тема, која предизвикува поделби! Колумнистот, покрај другото, е сомничав колку, како општество, ќе можеме да се воздржиме од потпалување на домашниот против надворешниот национализам.