МКЦ кани на седмиот уметнички обоен „Роденден“

Фотоизложбата „Гледај во позитив“, авторскиот проект на Драгана Гунин - „Каде одат претставите што не се случуваат?“, поетскиот перформанс „Песнило“, концертите на ОБОЈЕНИ ПРОГРАМ, МИЛКО, се само некои од содржините на седмото издание на глобалната манифестација „Роденден“ со која МКЦ, на 18 јануари, наново ќе го одбележи Светскиот ден на уметноста.

Замислен и најавен како прв настан од мноштвото ( како фестивалот „Здраво млади“, МОТ, „Синедејс“) со кои во текот и на ова 2018 година Младински културен центар има намера да го анимира урбано Скопје (зошто и да не Македонија), седмиот „Роденден“ уште пред да биде реализиран ги има сите атрибути да биде именуван за една од ретките културни оддишки во веќе здодевниот и развлечен јануари.

А, во случајов чествувањето на Светскиот ден на уметноста, инаку зачнато пред неколку децении од францускиот уметник Роберт Филио, ќе биде сторено со длабоко промислена програма која и овојпат на виделина донесува несекојдневни пројави на творците од нашево и соседните главно регионално (суб)културни неба.

Посегањето по акцентите од неа го вели следново.

Во Галеријата на МКЦ, в четврток, најнапред ќе биде отворена фотоизложбата „Гледај во позитив“ на тројца исклучителни мајстори на оваа уметност. Наке Батев ќе се претстави со фотографии на тема „Втора шанса“ ( распостила приказна за еден зависник отфрлен од семејството и општеството и оставен сам да ги бие сопствените битки...), Томислав Георгиев ја донесува „Effegies“ ( или ако сакате „Ефекти“), всушност како што вели „концептот за збирка на портрети генерирани со причина и презентирани со провокација со цел интеракција, како протест против стереотипите во нашето општество“ и конечно Огнен Теофиловски во „И јас има сон“ се бави со „судбината на шестчленото семејство на македонскиот Ром Ферди и неговата сопруга Косовката Фатмира кои живеат во мала картонска куќарка до поранешна депонија во близина на хотелот Александар палас“.

Едновремено во Џебно кино посетителите ќе можат да го проследат авторскиот проект на Драгана Гунин - „Каде одат претставите што не се случуваат?“. Станува збор за нејзин дипломски труд на отсекот режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во кој таа како единствен изведувач во перформансот говори за идејата и нејзиното отворање и развој, за откривањето на нови работи во процесот, за ликовите...За сопственото патување во себе што може да биде „и мачно и болно, но едновремено и интересно и забавно“. За она што го инспирира „авторот“ и му отвора нови светови. Конечно и за влијанието на политичката состојба во таквите настојби.

Од друга страна, во кино „Фросина“, како и во годиниве наназад, планирано е да се одржи поетскиот перфроманс „Песнило“ на кој ќе настапат дузина млади македонски творци за чиј одбир и во случајов се погрижи Иван Шопов.

За мнозина незаобиколна точка на „Роденден-от“ ќе биде филмскиот маратон (Влатко Галевски), со посебна љубопитност несомнено ќе биде проследена и програмата во Планетариум насловена како „Состанок на слепо“ и курирана од Ѓорѓи Јаневски и друштвото собрано околу емисијата „Ако никој не свири“ на Канал 103, а најмногу енергија без сомнение ќе се потроши на концертните настапи што во континуитет ќе ги одржат новосадскиот ОБОЈЕНИ ПРОГРАМ, нашите МИЛКО, белграѓаните ВИЗЕЉ и надоаѓачките THE LOCAL BLUE.

Бранислав Бабиќ Кебра и ОБОЈЕНИ ПРОГРАМ безмалку четири децении се една од посебностите не само на српската рокенрол сцена, туку и воопшто на регионот. За тоа време тие се наметнаа со својот автентичен израз кој своето извориште го наоѓа во музиката на бендови како THE FALL, JOY DIVISION, SLITS, RAINCOATS...но кој во ниту еден момент не упатува на некоја директна асоцијација. Од таму ОБОЈЕНИ ПРОГРАМ се бележани како „жанр сам по себе“, та затоа нивната поетика ( бунтовничките и слободарски стиховите на Кебра) и музика е навистина неблагодарно да се споредуваат со било која друга.

Тие се актуелни со пораката од сега веќе изминатата 2017 насловена како „Денес ќе се случи нешто убаво“ со која го најавуваат и претстојниот албум, а на концертните настапи засилено го промовираат винилското издание „Exit 2017“, на кое е документиран нивниот одличен настап на главната сцена на еден од најголемите летни фестивали во Европа.

Формиран во 2006 година МИЛКО е бенд што добро и е познат на скопската публика. Сашо Митревски ( гитара и вокал), Стефан Терпини ( тапани) и Никола Кузмановски ( бас) зад себе имаат пет албумски остварувања ( „Луѓе“, „Don't let them win“, „Changes“, „Милко“ и проектниот „Nicotine“) и подолго време го подготвуваат материјалот за новата објава. Со дел од неа и со веќе познатите песни, по подолго време, еве ги повторно во МКЦ.

ВИЗЕЉ, пак, се млад белградски бенд за кој ќе биде забележано дека „има нешто што го имаа своевремено култните ШАРЛО АКРОБАТА и АЗРА во најраниот период“ (Никола Вранковиќ). Тие по двата неуспешни обиди (требаше да бидат гости на РЕПЕТИТОР и на минатогодишната ПИН конференција), конечно би требало да се појават во МКЦ и да ги оправдаат убавите зборови досека кажани за нив на локалната сцена.

И, конечно THE LOCAL BLUE е млад инструментален главноградски рок бенд ( формиран 2016 година) во кој членуваат Кристијан Новковски на тапани, басистот Панде Ефтимов и гитаристот Кристијан Савиќ. За нив се вели дека испирацијата ја побарале и нашле во CLUTCH, Али Фарка Туре, Џими Хендрикс, RAGE AGAINS THE MACHINE...и мнозина други „андеграунд стонер и псајкоделик артисти“.