Македонија - делумно слободна земја за натамошно набљудување

Македонските граѓани уживаат делумна слобода, оценија од американската невладина организација „Фридом Хаус“. Во новиот извештај за слободата во светот во 2018 година, Македонија е наведена како држава чии настани и случувања годинава треба да се следат.

Со зборовите „демократски избрана влада со вклученост на етничките заедници“, „Фридом Хаус“ проценува дека новата владина гарнитура во Македонија цели да ја искорени корупцијата, а и други злоупотреби на системот кои, како што е наведено во извештајот, се засилиле во време на претходната влада.

Во извештајот за слободата во светот во 2018 година проценката е дека Македонија е делумно слободна држава. Македонија е оценувана од 1998 година и оттогаш има статус „делумно слободна“. Овие години поените варираат од 3 до 4 на скалата од 7 поени. Годинашната оценка ја дели со државите од регионот како: Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Соседите Бугарија и Србија, заедно со Хрватска, се оценети како слободни држави. Како неслободна држава во наша близина е наведена Турција.

Државите од Западен Балкан имаат потреба за подршка од поголемите и моќни демократски држави за да напредуваат кон остварување на демократските принципи, пишува во извештајот.

- Во Македонија, посредништвото од Вашингтон и Брисел помогна да се разреши долгогодишната политичка криза, отворајќи пат за новата демократски избрана влада. Но, во Србија толеранцијата на европските лидери кон премиерот Александар Вучиќ и неговите авторитарни тенденции му овозможија да ја придуши опозицијата и да ги погази oстатоците на независни медиуми откако победи на претседателските избори во април, е наведено во извештајот на „Фридом Хаус“.

Од вкупно 195 држави, 49 се не слободни, 58 се делумно слободни и 88 слободни. Меѓу неслободните држави, 12 имаат помалку од 10 поени на скала од 100 поени при рангирањето на политичките права и граѓанските слободи.

Демократијата е во криза

Демократските вредности, особено правото за слободни и фер избори, слободата на медиумите и владеењето на правото, се нападнати низ целиот свет. Оваа констатација е почеток на извештајот. Авторите заклучиле дека Русија и Кина активно го шират своето анти демократско и автократско влијание во светот.

- Додека Соединетите Американски Држави и други демократски моќни држави се соочуваат со домашни проблеми и конфликти за приоритети во надворешните политики, првите светски автократи – Русија и Кина – продолжија да напредуваат. Москва и Пекинг се убедени дека демократијата е закана за нивните опресивни режими и работат постојано за да ги потценуваат демократските институции и да ги
уништат демократски принципи, стои во извештајот.

Организацијата проценила дека Кина и Русија ја користат демократската криза во светот за да ја зголемат злоупотребата дома и да го рашират своето влијание во други држави.