На Хојт Ји му завршува мандатот

Изјава на заменик помошникот на државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Хојт Брајан Ји во Скопје

И покрај информациите во јавноста дека Хојт Брајан Ји поднел оставка на функцијата заменик помошник американски државен секретар за Европа и Евроазија, Стејт Департментот потврди дека неговиот мандат завршува. Тој имаше клучна улога во решавањето на политичката криза во земјава.

Стејт департментот потврди дека на Хојт Брајан Ји му престанува мандатот на функцијата заменик помошник американски државен секретар за Европа и Евроазија која ја извршува од септември 2013 година.

„Како што знаете, американските дипломати ги менуваат позициите на неколку години во рамките на нормален процес на распоредување на задолжувањата. Ји ја извршува таа должност над четири години“, изјави потсекретарот во Стејт департментот Стивен Голдстајн, по информациите во медиумите дека Ји поднел оставка и дека тој би можел да ја преземе должноста амбасадор на САД во Македонија или во Босна и Херцеговина.

Неодамна во интервју за една телевизија, самиот Ји ги отфрли информациите дека ќе биде новиот американски амбасадор во Македонија.

„Мојот план е да останам во Стејт департментот додека не ми кажат да одам некаде на друго место, а не сум добил некакви други упатувања“, изјави Ји.

Се уште нема официјални информации кој ќе биде следниот работен предизвик на Ји, бидејќи мандатот на актуелниот американски амбасадот на САД во Скопје, Џес Бејли се уште трае. Од американската амбасада во Скопје, велат дека „сите американски амбасадори се на своите позиции на задоволство на претседателот на САД“.

Неговата улога во решавањето на долгорочната политичка криза во земјава беше голема. Неговата посета на Скопје на 1 мај се покажа клучна за трансферот на власта во државата по повеќемесечните протести против таканаречената Тиранска платформа, кои кулминираа со инцидентите во Собранието на 27 април. Тогаш Ји јасно порача дека треба да се овозможи формирање влада со нова владина програма за да тргнат реформите, да се одвива бизнисот и редовно да се земаат плати. Тој додаде дека сите прашања за програмата на новата влада треба да се дебатираат внатре во Парламентот, врз основа на нормални демократски принципи.

„За жал политичките лидери во Македонија не беа во можност да формираат влада врз основа на изборите во декември. Изборите кои беа набљудувани и беше заклучено дека се кредибилни од меѓународната заедница и уште поважно избори кои беа прифатени. Исходот од нив беше прифатен од сите политички партии. Уште позагрижувачи и алармантни се нападите во Парламентот минатиот четврток каде што пратениците беа насилно и кукавички нападнати затоа што избраа нов собраниски спикер“, изјави тогаш Ји.

Загрижувачки и аларманти ги оцени инцидентите во Парламентот и побара целосно расчистување на инцидентот.

Оваа не беше прва посета на Ји во земјава. Во Скопје беше и пролетта во 2015 и истиот период во 2016 година.