Се чини дека во македонската држава продолжува да функционира старата тактика. Повторно прашањата од меѓународната политика се во центарот на вниманието. Не дека тие прашања не се од суштински интерес за македонските граѓани, но тоа гледано од идентитетски аспект, додека економијата и понатаму е на маргините. Од друга страна и новата опозиција, во манирот на своите претходници, а сега актуелни предводници на владата, медитира. Тие си избраа нов лидер. Човек кој би требало да ја консолидира најголемата партија во оваа држава. Иако уште од самиот почеток беше јасно дека консолидирањето на ВМРО-ДПМНЕ од страна на Христијан Мицкоски во својство на лидер на оваа партија, тешко ќе оди.
Прашањето за името повторно на маса. За време на божиќните празници во Македонија, македонскиот премиер стана најцитирана личност од страна на грчките медиуми. Зоран Заев смета дека решението за спорот за името конечно доаѓа во завршна фаза. Се зборува дури и за конкретни датуми. Во Атина слично расположение. И тамошните власти сметаат дека во Македонија конечно владее политичка структура која е доволно флексибилна да го реши спорот со Грција. Но опозициите од двете страни на границата и понатаму негодуваат. Лидерот на најголемата опозициска партија во Грција, Мицотакис, постојано ја критикува владата на Ципрас дека води преговори со властите во Скопје без полн легитимитет од страна на грчките граѓани. Истите ставови ги слушаме и од опозицијата во македонската држава. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува актуелната влада на Заев дека води преговори со политичарите во Атина, без никакви консултации со политичките партии од опозицијата. Значи повторно сме во фаза на тајни преговори. Слично како во времето на Груевски. И како тогаш да градиме национален консензус и да бараме решение од национален интерес кога граѓаните не се вклучени во сето тоа?
Целта е јасна. Членство во Европската унија и НАТО. Меѓутоа, дури и да дојде до промена на името без да бидат прашани граѓаните, дали тоа преку ноќ ќе овозможи подобри услови за живот на македонските граѓани? Зарем главната идеја-водилка за промена на власта во Македонија не беше ЖИВОТ ВО МАКЕДОНИЈА? Само да ги разјасниме нештата. Евидентно е дека повторно македонската академска елита не се вклучува во ништо. Но, ајде нив да ги тргнеме на страна. Ред е да ни стане јасно дека животот денес претставува добри економски услови. Без тоа ниту ЕУ, ниту НАТО можат да ни помогнат. Зарем не ни се доволни примерите од регионот? Зарем не е доволно јасен примерот од членството на Албанија во НАТО и Бугарија во НАТО и ЕУ? Дали навистина сметате дека граѓаните на овие две соседни држави живеат сосема поинаку, или далеку подобро од граѓаните на Македонија?
Ајде конечно да седнеме и да зборуваме за сериозна политика. Во сериозната политика, економија претставува суштински предуслов за добробит на граѓаните. Сето останато претставува обманување на општеството. Не дека не треба да се преговора со Грција за решение кое ќе биде прифатливо за двете страни, но пред сè мораме да видиме што ни се случува внатре во дворот. Зошто и понатаму граѓаните се дават во кредити, зошто и понатаму сме држава со најниски примања на просторите на поранешна Југославија и кога ќе бидеме спремни да им покажеме на претставниците на меѓународната заедница дека битката се води за благосостојба на граѓаните?
Претпоставките дека ќе се реши спорот со името се огромни. Ама и тоа не е така далеку. После решението ќе следува прием во НАТО. И тоа е сè поизвесно. Ама после прославата, и после престижот со качување на знамето на НАТО пред македонските институции, што ќе се направи за подобра економска иднина на младите во оваа држава? Помпезноста и сјајот од членството брзо ќе избледат, а веројатно и мечтаењата на македонските граѓаните дека конечно ќе живеат во среќни и богати времиња. И ова мислење можете слободно да го демантирате. Ама повторно да се потсетиме дека Албанија и Бугарија претставуваат чист пример за таквите членства во меѓународните организации под геслото помодарство. Европската унија и НАТО претставуваат цел која треба да биде интегрирана во едно општество, затоа што патот до зачленувањето во нив не претставува атлетска патека каде победата носи пехари. Тоа е слично како седењето во скап ресторан со празни џебови. Додека останатите гости јадат вкусни специјалитети и егзотична храна, вие се задоволувате со самото присуство и пиење вода.
Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.