Македонија ќе се најде во стратегијата за проширување на Европската комисија која треба да биде објавена во февруари, а каде земјата ќе се наоѓа на европскиот пат зависи од спроведувањето на реформите, велат упатените. Претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер ја најави стратегијата во која треба да бидат дадени насоките за пристапување на Србија и Црна Гора во ЕУ до 2025 година, како и за идните чекори што ги очекуваат Албанија, Македонија, БиХ и Косово.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Директорката на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска вели дека ЕК очекува Македонија да ги оствари клучните точки до извештајот за напредокот на земјата кој треба да се објави на пролет, а кои се однесуваат на стратегијата за реформата на јавната администрација, правосудството и следењето на комуникациите и се составен дел од планот 3-6-9 на Владата. Според неа, Македонија ќе мора да го најде своето место во стратегијата и прашањето е дали и колку до тогаш земјата ќе може да се приклучи на групата земји во која се ставени Србија и Црна Гора.
„Важно е нашата влада дотогаш да испорача видлива промена во однос на овие три области и тука веројатно пред се во следење на комуникациите и правосудството за да може да и даде аргумент на ЕК да може самата тоа да го предложи“, вели Кацарска.
Јункер по средбата со премиерот Зоран Заев во Брисел на 6 декември изјави дека Македонија до тогаш постигнала извонреден напредок. Тој ја истакна важноста на договорот за добрососедство со Бугарија, како и претстојните средби со Грција, при што изрази и очекување дека реформскиот процес ќе продолжи и во иднина.
„Сакам да кажам дека ние како Европска комисија сме многу посветени на сите земји од Западен Балкан. Сите тие имаат европска перспектива и ние ќе донесеме одлука во наредните осум, девет месеци како да продолжиме со секоја од овие земји, бидејќи постои процес заснован на заслуги“, рече Јункер.
Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу смета дека пораките кои доаѓаат од претставниците на меѓународната заедница се охрабрувачки, но и обврзувачки и добро е што се препознава посветеноста на Македонија кон остварување на реформите.
„Но, исто така укажуваат и на тоа дека нема да затворат едно око на тоа што се случува. Така да мислам дека во тие пораки се гледа препознавање на сработеното досега и охрабрување така да се продолжи. Мислам дека објективно имаме реално шанси да влеземе во стратегијата за проширување ако нешто во меѓувреме не се смени во смисла на губење на ентузијазмот и на интензитетот на реформските процеси“, посочува Муслиу.
Премиерот Заев најави дека резултатите ќе бидат испорачани, бидејќи реформите се пред се за доброто на Македонија. Но, во исто време, изрази очекување за нивно соодветно препознавање и вреднување од европските институции. Затоа со право, според Заев, се очекува Македонија да стане дел од пакетот за проширување на ЕУ.