Поп на отворање на полициска станица, или на средба со двајца премиери, партиски лидер мандатот го почнува со посета на црква, а и оџи одат на отворање на државни објекти. Во Македонија политичарите манипулираат со верските чувства на граѓаните, вели комуникологот Сефер Тахири.
„Политичките партии, имајќи предвид дека дел од населението во Македонија е религиозно и играјќи на таа карта, се обидуваат да добијат политички поени“, вели Тахири.
Ова го покажа и неодамнешната анкета на фондацијата Конрад Аденауер во соработка со интернет страницата религија.мк и Институтот за политички истражувања. Според резултатите од испитувањето на јавното мислење спроведено врз 1000 испитаници за време на изборната кампања за локалните избори, религијата најмалку ја користела СДСМ, а најмногу Беса.
На други испитувања на јавното мислење, пак, се покажува дека голем дел од населението во Македонија, 80 до 90 отсто се декларира како религиозно, па политичарите, знаејќи ги ваквите податоци, својата понуда и реторика ја дизајнираат согласно профилот на нивните поддржувачи и гласачи, оценува Марко Трошановски од Институтот за демократија.
„На крајот на краиштата и политичарите произлегуваат од истото тоа милје. Значи легитимитетот што го добиваат, покрај тоа што имаат одредени компетенции се разбира треба да биде дополнително зацврстен со некаква верска легитимација од официјални лица или пак некакви гестови за симболичка поддршка на одредени верски пракси“, вели Трошановски.
Последниов период негодување предизвика појавувањето на одредени министри, како на пример министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на настани со попови. Негодувањето произлезе дополнително од тоа што сегашната владејачка партија се промовира како граѓанска. Трошановски вели дека тоа покажува дека има неконзистентност меѓу секуларната идеолошка предиспозиција на СДСМ и нивните пракси.
Според истражувањето на Институтот за политички истражувања, за користењето на религијата во политичките цели сепак немало голем возвратен ефект.