Гарет - Македонија треба да искачи висок рид за да почне преговори со ЕУ

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Гарет - Македонија треба да искачи висок рид за да почне преговори со ЕУ

Претстои тешка задача за следната година Македонија да добие датум за почеток на преговори со ЕУ, вели амбасадорот на Велика Британија во Македонија, Чарлс Гарет, во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Треба да се исполнат реформите од планот 3-6-9, да се излезе од „заробената“, држава, да се адресира прашањето за името, вели тој. За пронаоѓањето на соодветно решение за името ќе бидат потребни тешки одлуки и вистинска политичка храброст, додава амбасадорот.

Амбасадоре, по оценките од ЕК за напредокот на Македонија во спроведувањето на потребните реформи - од „заробена држава“, како што беше наречена, до каде е земјата сега?

Јасно е дека Владата е апсолутно решена да оди напред и да се справи со заробената држава и да ја унапредува реформската програма. Преземени се неколку корисни чекори, конкретни чекори напред. Но, се работи за многу долг пат за справување со заробената држава. Потребен е значаен напор на долг период. Потребна е реална програма на вклучување на граѓаните за тие да ги одобрат реформите. Исто така и граѓанското општество да се вклучи од страна. Тоа е маратон, не спринт.

Според вас на која од клучните реформи треба да се стави акцент?

Тие се јасно поставени во планот 3-6-9 и ние сме многу задоволни што и британската амбасада може да работи со македонските партнери на опсег на реформи кои ние веруваме дека се итни и важни и каде Британија може да донесе особена експертиза за корист на Македонија. Вклучени се области како јавната администрација, реформи на системот за разузнавање, нешто за кое беше доста спомнувано во минатата недела за време на посетата на Радмила Шеќеринска на Лондон и прегледот на стратешката одбрана. Но, секако има и многу други области, но овие беа предмет на разговорите меѓу Алан Данкан и министерката за одбрана Радмила Шеќеринска во минатата недела. Така што ние ќе продолжиме да работиме на тие области. Но, како што кажав претходно патот е многу долг и заробената држава е дефинитивно реформата која мора да биде направена и е нешто што мора да биде адресирано. Но, е многу тешко конкретно да се дефинира.

Оправдан ли е оптимизмот на премиерот Зоран Заев, кој очекува Македонија да добие датум за пристапни преговори со ЕУ до јуни 2018 година?

Да апсолутно. Мислам дека имате многу висок рид на кој треба да се искачите за да стигнете таму до средината на наредната година. Има многу што да се направи во планот 3-6-9, како и во заробената држава, секако треба да се адресира и прашањето со името. Ова се работи кои целосно и директно не се под контрола на Владата во Македонија, така што може да направите колку што сакате, но се уште зависите од луѓе да направат работи. Така што престои тешка задача, но е апсолутно правилно да се биде оптимист. Знаете ако не целите високо нема да постигнете големи работи.

Врз основа на резултатите од реформскиот план 3-6-9, Македонија ќе биде оценувана до каде е на евроатланскиот пат. Се доведува ли во прашање исполнувањето на агендата поради отсуството на опозицијата од Собранието?

Во секоја демократија опозицијата игра клучна улога. Нејзината активност во Парламентот може да претставува тест за политиките, да унапредува закони. Тие апсолутно се вклучени во надзор на работата на Владата. Овие работи имаат вистинско влијание. Доколку тие не го обезбедуваат тоа, функцијата на опозицијата тогаш може да има негативно влијание. Јас мислам дека е многу важно сите заедно и сите партии во Парламентот, бидејќи сите имаат своја улога во ова, да и овозможат на опозицијата да дојде и да ја одигра својата улога.

Како ја оценувате улогата на опозицијата со оглед на тоа дека поради притворањето на нивни пратеници тие ја бојкотираат работата на Собранието?

Прашањата за притворите треба да ги одговорат официјалните лица од судството и обвинителството. Прашањата за повлекувањето на имунитетот за притвор на пратениците е секако работа на самиот Парламент. Не е на мене како странски дипломат да зборувам за тоа, но треба да се фокусираме на фактот дека настаните од 27 април беа екстремно насилни настани и од она што слушам и јас и другите и што видовме од снимките од таа вечер по се изгледа дека барем дел од тоа беше организирано. Сега ова е многу сериозно прашање и потребна е многу сериозна истрага проследена со процесот на владеење на правото. Јас мислам дека секој во Македонија во голема мера го разбира и се согласува со тоа и не ми е јасно на мене како бојкотот на Парламентот може да помогне во постигнувањето на таа цел.

Постои ли опасност од нова политичка криза доколку бојкотот на опозицијата на Парламентот продолжи и во иднина?

Јас мислам дека Македонија затвори едно поглавје на политичката криза. Тоа секако е добар чекор напред. Но, многу потцртани причини за кризата остануваат. Ситуацијата се уште е кршлива, така што јас би рекол дека ризикот останува и зависи од сите инволвирани кои треба да се осигураат дека сè што прават е насочено земјата да оди напред кон посигурно, постабилно и побезбедно место.

Медијаторот во спорот со името Метју Нимиц изјави дека спорот за името може да се реши во 2018 година. Може ли ова прашање кое се провлекува со години да биде решено во рок од неколку месеци?

Да апсолутно, тоа е разумна цел дури и во реално кратка временска рамка. Јас знам дека ова е тешка и комплексна тема. Мислењата за неа се цврсто втемелени и е многу емоционална тема и јас мислам за пронаоѓањето на соодветно решение ќе бидат потребни тешки одлуки и вистинска политичка храброст. Јас не го потценувам сето тоа, но ние мора да бидеме свесни дека таму има прозорец на можности кој политичарите на двете страни се одлучни да направат нешто во врска со тоа. Мислам дека со вистинската одлучност е апсолутно можно. Ние треба да се фокусираме на користа која ќе протече од тоа решение. Мене ми е јасно ако го решите тоа Македонија може да оди напред кон евроатланските цели кои се избрани како нејзини цели, стратешки цели и преку нив земјата да биде постабилна, побезбедна и побогата, бидејќи ќе има очигледна економска корист од тоа.

Каква е вашата проценка во однос на искреноста на Грција за решавање на спорот?

Од сè што видов и слушнав од Атина и од Скопје нема ништо што би ми предизвикало сомнеж во искреноста на кој било во ова.

Од друга страна дали ЕУ може да изврши притисок за забрзување на процесот?

Јас мислам дека е апсолутно јасно оти ЕУ, како и земјите членки, институциите и другите меѓународни партнери навистина ја гледаат користа од резолуцијата и навистина сакаат таа да се случи. Мислам дека е важно да се фокусираат и на фактот дека статусот кво не е безбедна опција во ова. Има цена која треба да се плати за останувањето кадешто што сега се наоѓаме и затоа има голема решеност заедно да направиме што можеме во корист на сите засегнати.

Британија е домаќин на Самитот за Западен Балкан 2018. Што може да се очекува од самитот во однос на евроатланската интеграција на земјите?

Самитот наредната година во Обединетото Кралство ќе биде последниот чекор во берлинскиот процес. Ќе биде продолжение на тоа до одреден степен поради нашиот долготраен интерес за Балканот, поради нашиот заеднички интерес за земји како Македонија и другите земји од Балканот. Ние сме почестени што ќе бидеме домаќини на самитот во наредната година кој воедно е и на 25 годишнината од дипломатските односи меѓу Македонија и Британија. Областите на кои ќе се фокусираме покриваат пошироки полиња. Едно од полињата е за безбедноста, при што ќе работиме многу на организираниот криминал, борба против корупцијата, контратероризмот, борбата против насилниот екстремизам. Области кои го покриваат тоа и за кои беа направени корисни работи на претходните самити и продолжуваме понатаму. Друго важно поле е просперитетот и обезбедување на реален поттик на економските можности тука во регионот и со тоа ќе продолжи корисната работа веќе направена во однос на инфраструктурата и меѓусебната поврзаност. Но, исто така и области каде Британија има можност да донесе нешто конкретно на самитот и на разговорите околу претприемништвото, околу дигиталната област и комуникации и користењето на вештините и експертизата кои постојат во градот и насекаде во Обединетото Кралство, како и се надевам на градењето на самитот и состанокот кој ќе се одржи во Скопје на дигитални прашања во Западен Балкан во април.